[vc_row][vc_column][vc_column_text]Худејбија одраз на пратеничката мудрост и приказ на небесната помош
Целосното предание во врска со Худејбија
Арапите слушнале за обединувањето на сојузниците и за нивното движење кон Мухаммед,с.а.в.а., па некои биле учесници во сојузот, а некои го подржале и покажале симпатии. Се увериле дека собирањето во тој сојуз е најголемото собирање кое арапскиот полуостров некогаш го доживеал и воопшто не се сомневале во тоа дека сојузниците ќе го искоренат Мухаммед,с.а.в.а., неговата вера и следбениците.
Потоа дознале за случаите на Хендек, за двобојот меѓу Али ибн Ебу Талиб,а.с., и најјакиот и најхрабриот Арап, Амр ибн Абди Ведд, дека Али,а.с., го убил. Слушнале за меѓусебното разидување на сојузниците, за тоа што им направиле нивните верувања и нивниот неуспех, како и за очајното враќање од неуспешната повеќедневна опсада на Медина.
Арапите ги следеле вестите за борбите што се одигрувале меѓу Мухаммед,с.а.в.а., и еврејските племиња и гледале како тој од тие борби излегувал како победник. Ги следеле вестите во врска со воените походи кои Мухаммед,с.а.в.а., ги испраќал по разните подрачја на полуостровот и со кои ги казнувал племињата кои покажувале непријателство кон него или пројавувале желба да го нападнат.
Арапите знаеле дека Мухаммед,с.а.в.а., поставил обрач на трговските патишта по кои патуваат караваните на курејшиските кланови кон Шам (Сирија), како преку Медина така и преку Ирак и дека е упорен во тоа обрачот да остане сѐ додека Курејшиите не се тргнат од неговиот пат кон Арапите.
Тој наметнал своја власт и секој ден ја зајакнувал и проширувал власта. Арапите, првенствено Курејшиите, сфатиле дека паролата искоренување на Мухаммед,с.а.в.а., е само фантазија и дека нивната желба за тоа е неостварлива. Сѐ повеќе биле уверени дека е невозможно Мухаммед,с.а.в.а., да се искорени или уништи. Затоа чувствувале збунетост, а курејшиските кланови ги зафатил очај. Сите ги зафатило безнадежност и горчина.
Клановите доживеале воен неуспех откако ги беше употребиле сите планови и ја искористиле сета моќ и не можеле да го совладаат Мухаммед,с.а.в.а. Напротив, кога и да дошло до судир со него, тој после судирот станувал појак, а Арапите уште подобро го запознавале и само уште повеќе ги воодушевувал.
Курејшиските кланови исто така доживеале и ’’медиумски’ неуспех – никој повеќе не им верувал дека Мухаммед,с.а.в.а., е луд, поет, пророк, измамник или маѓионичар, како што нивните ’’медиуми’’ пропагирале. Мухаммед,с.а.в.а., покажал извонредно лидерство кое било високо над нивните сфаќања и верувања.
Признавањето на реалноста е единственото решение
На Курејшиските кланови не им останало друг избор освен да се предадат на Мухаммедовата,с.а.в.а., реалност, признавање на неговата целосна контрола на трговскиот пат кон Шам и прифаќање на неможноста за остварување на нивната парола – искоренување и уништување на Мухаммед,с.а.в.а. – но не знаеле како ќе го изразат своето прифаќање на овие реалности без да ја изгубат својата вообразеност и ароганција.
Војната против Мухаммед,с.а.в.а., им ги однела имотите, како што ги однела и нивните најдобри синови така што не можеле повеќе да бидат константно воено приправни, ниту пак можеле да му се спротивстават на обрачот. Ниеден нивен караван веќе не можел да помине а да не биде запленет од страна на муслиманите. Луѓето од караваните или станувале заробеници или бивале убиени или многу тешко се спасувале. Последната вест била веста за совладувањето на караванот под водство на Ебу-л-’Ас ибн Реби’а кој бил поранешен сопруг на Зејнеб, ќерката на Мухаммед,с.а.в.а., а Пратеникот,с.а.в.а., на своите другари им наредил сѐ што заплениле од караванот да вратат, од причини само нему познати, па Ебу-л-’Ас се вратил назад, имотот го предал на нивните сопственици и пред Курејшиите го обзнанил своето прифаќање на исламот.[1]
Накратко, на Курејшиите повеќе не им било во интерес да ги продолжат тензиите со Мухаммед,с.а.в.а., и натаму веќе и не можеле пред Арапите да бидат непријатели на Мухаммед,с.а.в.а.
Мухаммед,с.а.в.а., од нив не барал многу. Тоа што најмногу го барал е да го остават сам со Арапите и да бидат неутрални, па ако Арапите го победат и тие ќе бидат на мир од него, а ако тие не го победат, тој нема да ги вознемирува Курејшиите. Сите Курејшии го сфатиле ова. Ова барање на Мухаммед,с.а.в.а., им било претставено на курејшиските кланови пред битката на Бедр. Утбе ибн Реби’а им го пренел. најдобро е да стивнат тензиите, Мухаммед,с.а.в.а., да се признае како релна моќ и да им се дозволи на Арапите сами да го одберат својот став кон него.
Поглаварството на курејшиските кланови го сакало ова решение и го прифатило, но чувствувале нелагодност да се изјаснат, тоа да го обелоденат и да признаат дека е тоа нивно размислување и конечен заклучок.
Не знаеле како тоа да го изразат! Ниту знаеле како да стапат во преговори со Мухаммед,с.а.в.а., после сѐ што му направиле и што тој ним им направил, во текот на деветнаесетте години препукувања, непријателство, напади и воени конфликти.
Божјиот Пратеник,с.а.в.а., ги спасува клановите од збунетост
Покрај тоа што Мухаммед,с.а.в.а., е веровесник, тој е и политички лидер. Во политичкиот процес, нејголемиот дел од работата е во тоа политичките работи или низата политички активности да му ги упатиш на противникот и прецизно да ја следиш неговата реакција и нивото на неговата блискост или оддалеченост од тоа што го сакаш.
Пратеникот,с.а.в.а., бил уверен дека курејшиските кланови станале целосно немоќни и дека се увериле дека не можат да го искоренат и дека повеќе не постои воено решение. Знаел дека тие повеќе не можат да ја продолжат состојбата на подготвеност и општа мобилизација, дека не можат да ја поднесат состојбата на обрачот, дека Арапите на Курејшиите не можат да им дадат повеќе од што веќе им го дале и дека тие (Арапите) сфатиле дека страната на Мухаммед,с.а.в.а., ја презема доминацијата над клановите, односно, дека иднината му припаѓа нему.
Пратеникот,с.а.в.а., бил сигурен дека Курејшиите се збунети во врска со самите себе, дека серизно бараат некој излез од вртлогот во кој западнале, некогаш за да ја зачуваат својата чест и преостанатата ароганција, да ги средат своите работи со Мухаммед,с.а.в.а., за да се отстрани тензијата меѓу нив и него. Затоа Пратеникот,с.а.в.а., одлучил да им помогне, да ги изведе од збунетост и благо да ги привлече на преговори заради отстранување на меѓусебните секојдневни тензии, како и да ја прошири сигурноста на подрачјето на Божјиот харем.
Одлука за извршување умра
Божјата чесна Куќа во Мекка е свет храм за сите луѓе, сигурно место за сите, Куќа која ја величат сите арапски племиња и веруваат дека таа е Божја чесна Куќа, ја посетуваат, и покрај тоа што се многубожци. Курејшиските кланови се истакнале и стекнале популарност затоа што биле соседи на чесната Божја Куќа, ја штителе, ѝ служеле и покажувале почест на нејзините посетители. Во историјата на чесната Куќа не се случило некој да спречил некого што дошол да ја посети чесната Куќа или да дојде заради ритуал (ходочестие-хаџ). Значи, ходочестието или посетата на Куќата било апсолутно право на секој човек. Што тогаш го спречува Мухаммед,с.а.в.а., како еден од луѓето, да ја посети Куќата? Што ги спречува мухаџирите (исселениците), луѓето од племињата Авс и Хазреџ, а сите тие во најмала рака се луѓе како и сите други луѓе, да ја посетат Божјата чесна Куќа и да извршат умра?
И кога курејшиските кланови ќе дознаат дека Мухаммед,с.а.в.а., и неговите другари дошле заради умра, сигурно ќе се запрепастат и ќе завземат еден од двата става:
1.Ќе им дозволат да извршат умра после двомење и преговори.
2.Ќе ги спречат, после двоумење и преговори, а во тој случај себе си ќе си создадат голема нелагодност пред Арапите и неправилност во врска со својата одговорност кон Божјата чесна Куќа која бара заштита на Куќата и олеснување на ходочесниците и посетителите.
И во двата случаи мора да дојде до преговори меѓу Мухаммед,с.а.в.а., и курејшиските кланови.
Преговорите имаат свои принципи. Мора да постои делегација која ќе ги претставува клановите, која ќе биде овластена за преговори со Мухаммед,с.а.в.а. Мора да постои пишан документ што ќе ги содржи сите ставки за кои и двете страни ќе се договорат. Мора да има состанок што ќе ги собере двете преговарачки страни на едно место. Во тие околности курејшиските кланови ќе го изнесат тоа што во градите го скриваат, на некој начин ќе го обелоденат својот конечен заклучок и ќе ја изразат својата прикриена желба за намалување на тензиите, а Мухаммед,с.а.в.а., и во двата случаи ќе биде добитник, затоа што индиректно го остварува званичното признание од страна на клановите како еден способен надворешен фактор.
Можност за ненадеен воен конфликт не постои затоа што курејшиските кланови добро го познаваат Мухаммед,с.а.в.а., и неговите другари какви се во војна, затоа што тие не се подготвени за конфликт и затоа што не сакаат себе си да си создадат нелагодност пред арапите со војување против ходочесници, затоа што себе си се сметаат за служители на чесната Куќа.
Чесната душа на Пратеникот,с.а.в.а., се смирила со идејата за извршување умра. Тој на сон видел како влегува во чесната Куќа, ја избричил својата глава, го зел клучот на Ка’ба и со другите како стои на Арефат. Тогаш Пратеникот,с.а.в.а., донел одлука за извршување умра и им ја обзнанил на луѓето. Веста за неговиот чесен сон се ширела покрај веста за одлуката, а неговите другари не се сомневале во победата заради тој сон.[2]
Подготовка за умра и тргнување
Пратеникот,с.а.в.а., им наредил на своите другари да се подготват за умра и да тргнат без оружје. Со себе единствено можат да понесат сабји (оружје на јавач). подготвил 70 обелажани курбани. Муслиманите исто така ги обележале своите курбани. Пратеникот,с.а.в.а., извршил два рекати намаз во џамијата и облекол ихрам: ’’Ти се одзивам Боже, Ти се одзивам! Ти се одзивам, Тебе Ти нема содругар, Ти се одзивам. Сета благодарност и благодети и власт Тебе ти припаѓаат, Тебе ти нема содругар…!’’ Така направиле и другите и ги облекле ихрамите.
Пратеникот,с.а.в.а., од Медина тргнал со своите 1600 другари заради умра, а меѓу ним имало и мал број жени.
Кога патот кон Мекка би го водел покрај Арапите, ги повикувал со него да извршат умра, но тие не се осврнувале на неговиот повик мислејќи дека Мухаммед,с.а.в.а., и неговите другари никогаш нема да се вратат од тоа патување, односно дека Курејшиите ќе ги убијат. Тој,с.а.в.а., и неговите другари со своите курбани го продолжиле патот сѐ додека не стигнале до Худејбија, па Пратеникот,с.а.в.а., тука застанал и поставиле логор.[3]
Курејшиските кланови одлучуваат да ги спречат аџиите
На Курејшиите им стигнала веста за тргнувањето на Пратеникот,с.а.в.а., и неговите другари со курбаните кон Мекка, па се препаднале. Логично, посетата на чесниот Храм е право на секој човек и никој не смее да биде спречен, без оглед дали е поединец или група, но, Мухаммед,с.а.в.а., и неговите другари се веќе нешто друго!
Курејшиските кланови се состанале и дебатирале за тоа што треба да преземат. Ова бил нивниот заклучок: ’’Мухаммед со своите војници сака да влкезе во Мекка заради извршување умра. Арапите ќе дознаат за тоа, а тој влегол со сила и меѓу нас и него постои она што сите го знаат. Се колнеме во Аллах, тоа никако нема да го дозволиме!’’[4]
Нивните поглавари ги презеле потребните мерки за спречување на Мухаммед,с.а.в.а., и неговите другари да извршат умра. Ова се мерките што ги презеле:
Поставување наблудувачи на високите ридови
Испраќање 200 коњаници до Кера’у-л-гами
Мобилизација на Абисинците кои се уште им се покорувале
Барање помош од племето Сакифа
Излагање во пресрет на курејшиските кланови и нивните жени и деца
Логорување во подрачјето Белдех каде што постават шатори.[5]
Божјиот Пратеник,с.а.в.а., управува со случувањата
Пратеникот,с.а.в.а., дознал за одлуката на Курејшиите кои многу добро ги познавал. Со него е Објавата, со него е инспирацијата, а тој поседува и извонредна речитост и големо срце за соочување со најсложени ситуации.
Се стационаирал на Худејбија. Не му се брзало. Му дошла делегацијата од племето Хуза’и кое било негов сојузник и сојузник на неговите предци, па некои биле муслимани, а некои од нив симпатизери и со нив бил Будејл ибн Варка. Тие го информирале Пратеникот,с.а.в.а., за ситуацијата и подготовките на Курејшиите, за да него и неговите другари ги спречат во извршувањето умра.
Пратеникот,с.а.в.а., ја обелоденува целта на своето доаѓање
Пратеникот,с.а.в.а., на делегацијата од племето Хуза’и и објаснил:
’’Не сме дојдени за војување, туку за да правиме таваф околу чесната Куќа, па ако некој се обиде да не спречи, ќе се бориме. А Курејшиите се оштетени и исцрпени од досегашното војување, па ако сакаат, можам да им дадам еден рок како прилика и тогаш ќе бидат сигурни. Потребно е да нѐ остават на мир да работиме со другите луѓе, а нив ги има повеќе од Курејшиите, па ако ние победиме, Курејшиите ќе можат да го прифатат тоа што другите го прифатиле или пак обединети да војуваат против нас. Се колнам во Аллах, за мојот повик ќе вложам максимален труд сѐ додека не ја остварам целта или Аллах не ја изврши Својата заповед!’’[6]
Испраќање претставници (преговарачи)
Делегацијата се вратила кај курејшиските кланови, а Курејшиите кон претставниците на племето Хуза’и биле сомничави. Интервенирал Урве ибн Мес’уд и ги убедил клановите да ја сослушаат веста од делегацијата Хуза’и. Будејл ибн Варка зборувал, а поглаварите на клановите слушале. Тој веродостојно им го пренел тоа што го кажал Пратеникот,с.а.в.а.
Урве предложил него да го испратат кај Мухаммед,с.а.в.а., за да се увери во вистиноста на тоа што Будејл ибн Варка им го пренел. Поглаварите на клановите се согласиле со него. Урве заминал кај Пратеникот,с.а.в.а., и разговарал со него. Му ја претставил состојбата до која дошле курејшиските кланови, а Пратеникот,с.а.в.а., му ја објаснил реалноста на својот став, па на тој начин Урве се уверил во исправноста на тоа што Будејл и претставниците на племето Хуза’и им го беа пренеле.
Урве ибн Мес’уд се вратил воодушевен од личноста на Пратеникот,с.а.в.а., и од длабочината на врската меѓу него и неговите другари. Ги информирал Курејшиите во врска со реалноста на ставот на Пратеникот,с.а.в.а., и за целта на неговото доаѓање, дека тој дошол да ја величи чесната Куќа и дека со себе води курбани кои ќе ги заколи и ќе се врати назад во Медина.
Дошол и Хулејс ибн ’Алкама, поглаварот на Абисинците. Ги видел обележаните курбани на кои влакната им опаднале од стоење, а луѓето биле неуредни од чекање. Бидејќи глетката го трогнала, без да се види со Пратеникот,с.а.в.а., налутен се вратил кај Курејшиите и им рекол: ’’Јас го видов тоа што не е дозволено да го спречиме. Видов бележани курбани чии влакна беа паднати и луѓе кои станале неуредни. Знајте, жими Аллах, не влеговме во сојуз со вас заради ова, ниту пак се договоривме вие да ги спречувате од Божјата Куќа оние кои дошле да ја величат, извршувајќи ги нејзините права, а и донесле курбани за да ги жртвуваат на одреденото место. Жими Оној во чија рака е мојата душа, дозволете им да го извршат тоа што го наумиле или ќе ги мобилизирам сите Абисинци.’’
Челниците на Курејшиите му рекле: ’’Прекини, за да можеме да добиеме барем нешто од тоа што може да ни удоволи!’’[7]
Пратеникот,с.а.в.а., го испратил Хираш ибн Умејје Ел-Ка’би кај Курејшиите за да ги информира нивните главатари за причината на своето доаѓање.
И Пратеникот,с.а.в.а., го задолжил Омер ибн Хаттаб да оди кај Курејшиите, а Омер одбил да појде, затоа што се плашел од нив, како што и самиот се изјаснил.[8] Тогаш Пратеникот,с.а.в.а., го задолжил Осман ибн Аффан да им пренесе на Курејшиите: ’’Мухаммед не дошол да војува против никого, туку тој и неговите се дојдени како аџии на оваа Куќа, величејќи ја нејзината светост и довеле курбани кои ќе ги заколат, а потоа ќе се вратат назад.’’[9]
Осман ја доставил пораката во целост.
Давањето заклетва и неговото влијание во преговорите
Се проширила вест дека Осман е убиен, вест од која муслиманите биле потресени. Тогаш Пратеникот,с.а.в.а., на своите другари им рекол: ’’Севишниот Аллах ми нареди давање заклетва.’’ Муслиманите кои биле со него му дале заклетва. Веста за заклетвата се проширила. За неа слушнале и челниците на Курејшиите и сфатиле дека Мухаммед,с.а.в.а., е сериозен, дека ќе се бори ако не му дозволат влез во Месџиду-л-харам или ако не се изнајде некое решение. Курејшиите се уплашиле. Биле свесни дека не се подготвени за војна и дека се спремни само да го спречат Мухаммед,с.а.в.а., и неговите другари на сила да извршат умра, но не да војуваат против нив, затоа што на таа основа го придобиле племето Сакиф и ги собрале Абисинците.
Тоа што Мухаммед,с.а.в.а., зел заклетва за војување од своите другари им го упропастил планот на Курејшиите, им го ограничил просторот за маневрирање, а Хулејс ибн ’Алкама веќе им се заканил дека ќе ги повлече Абисинците од сојузништво. Истоа така и ставот на племето Сакиф ослабел, па затоа Курејшиите не ќе бидат подготвени за војна против Мухаммед,с.а.в.а., и тоа пред нив ќе ги отвори портите кои тие никогаш не ќе можат да ги затворат.
Потоа, барањата на Мухаммед,с.а.в.а., биле јасни и конкретни. Најмногу што сакал било тоа Курејшиите да го остават на мир него и Арапите. Затоа поглаварите на клановите сметале дека им е подобро да изнајдат компромис со Мухаммед,.с.а.в.а., да склопат договор за долготрајно примирје, тој за возврат, таа година да се врати назад, а следната година да дојде со другарите и да извршат умра за да не помислат Арапите дека Мухаммед,.с.а.в.а., не влегол насилно во Мекка. Одбрале тројца свои луѓе да ги водат преговорите со Мухаммед,с.а.в.а., да напишат документ на договорт и двете страни да го потпишат. Сухејл ибн Амир, Хувејтиб ибн Абдулузза и Мукриз ибн Хафс се тројцата преговарачи од страна на Курејшиите. Делегацијата дошла кај Мухаммед,с.а.в.а., за да започне преговори со цел, помирување.[10]
На преговарачка маса
Со посредство на својата делегација Курејшиите седнале на маса директно да преговараат со Мухаммед,с.а.в.а., чие постоење не го признавале претхдоните 19 години. Нивното седнување на преговарачка маса со него значело дека индиректно го признаваат како субјект кој е достоен за договор. Главниот преговарач од курејшиската делегација го започнал дијалогот со извинување од страна на курејшиските кланови заради одредените инциденти што се случиле со нивните подржувачи: ’’Тие кои со вас се конфронтирале, не постапиле според мислењето на нашите великани. Ние бевме против таквите конфронтации кога за тоа дознавме, а пред тоа не знаевме. Тие се некои од напшите малоумници. Ослободи ги оние наши луѓе кои си ги заробил.’’ Пратеникот,с.а.в.а., рекол: ’’Ќе ги ослободам кога и вие ќе ги ослободите моите другари.’’ Сухејл рекол: ’’Во право си.’’ Така се договориле за размена на заробениците и тоа веднаш било извршено.[11]
Спогодба и пишување на договорот
После исцрпувачки преговори, постигната е согласност за сите точки за кои се преговарало и не останало ништо друго освен пишување документ за спогодбата. Договорено е Али ибн Ебу Талиб,а.с., да го пишува документот, а Пратеникот,с.а.в.а., да диктира. Делегацијата на Курејшиите се бунела во врска со зборовите ’’бисмиллахи-р-рахмани-р-рахим’’ и изразот ’’Божји Пратеник’’, па барале текстот да се измени во ’’бисмике-л-лахумме’’ наместо ’’бисмиллахи…’’ и ’’Мухаммед ибн Абдуллах’’ наместо ’’Божји Пратеник’’, а Пратеникот,с.а.в.а., се согласил со ним, па така ги решиле двата формални проблеми кои замалку ќе ги упропастеле преговорите со што можела да се изгуби златната прилика на која муслиманите чекале 19 години.[12]
Ставки на договорот
Ова е тоа за што се договориле Мухаммед ибн Абдуллах и Сухејл ибн Амр:
1.Да го прекинат меѓусебното војување во период од 10 години, период во кој луѓето ќе бидат безбедни и никој никого нема да го напаѓа.
2.Меѓу нас нема да има кражби ниту изневерување и сите ќе бидеме безбедни.
3.Кој ќе сака да стапи во сојузништво со Мухаммед, ќе биде слободен тоа да го направи, а кој ќе сака да стапи во сојузништво со Курејшиите, исто така ќе биде слободен да го направи тоа.
4.Кој без дозвола од својот старател ќе премине кај Мухаммед, ќе биде вратен назад, а кој од другарите на Мухаммед ќе премине кај Курејшиите, нема да биде вратен назад.
5.Оваа година Мухаммед ќе ги врати во Медина, а наредната година ќе влезе во Мекка со своите другари, ќе остане три дена и со себе нема да носи оружје освен вообичаеното оружје на патник.
И двете страни зеле по еден примерок од документот.[13]
После размена на документот за спогодбата, присутните од племето Хуза’и рекле: ’’Ние влегуваме во сојузништво со Мухаммед,с.а.в.а., и ние сме претставници на нашиот народ што не е тука присутен’’, а луѓето од племето Бени Бекр рекле: ’’Ние влегуваме во сојузништво со Курејшиите и ние сме претставници на нашиот народ што тука не е присутен.’’[14]
Проценки за спогодбата или мировниот договор
Спогодбата на Худејбија на Пратеникот,с.а.в.а., му дала сѐ што сакал: ’’Кој сака да влезе во сојузништво со Мухаммед, слободен е.’’ Оваа ставка е неограничена и ги опфаќа и Арапите и неарапите, а тоа значи дека Курејшиите го ослободиле секој оној што ќе сака да влезе во сојузништво со Мухаммед,с.а.в.а.
Ова само по себе е револуција, затоа што курејшиските ’медиуми’ Мухаммед,с.а.в.а., го претставувале како отфрлен курејшиски син кој се побунил против Курејшиите и дека конфликтот меѓу нив и него е фамилијарен конфликт што се одвива меѓу една голема фамилија и еден поединец од таа фамилија, а во тој случај, Арапите би застанале зад фамилијата, а не на страната на еден син од фамилијата што се побунил против неа.
Признавањето на Курејшиите на правото Мухаммед,с.а.в.а., да може слободно да ги собира Арапите околу себе ги изменило сите концепти, одеднаш ги демантирало последиците на курејшиските ’медиуми’ и создало нов амбиент за повик и погоден простор за исламската држава.
Верата на Мухаммед,с.а.в.а., е заснована на мир, чист збор, убедување, почитување на разумот и уважување на сериозниот дијалог што трага по голата вистина. Па ако се пружи слобода и на никому не му се создава нелагодност и луѓето ги слушнат аргументите на Мухаммед,с.а.в.а., и ги споредат со курејшиските аргументи и пропаганда, сигурно ќе влезат во сојуз со Мухаммед,с.а.в.а., и порано или подоцна курејшиските кланови ќе станат изолирани, затоа што тие не нудат ништо бово и не поседуваат нешто како понуда, па затоа со тек на време ќе станат остров на темнината насред восхитувачкото светло.
Затоа оваа спогодба претставувала вистинско ослободување на Мекка и убиствен пораз на Курејшиите. Тоа била брилијантна победа на дипломатијата на Пратеникот,с.а.в.а., која на најдобар, најблизок и најлесен начин ги собрала плодовите на воените конфликти со курејшиските кланови и го остварила сето она што Пратеникот,с.а.в.а., го посакувал.
Одредувањето рок од десет години не било од задолжителна природа, па ако курејшиските кланови ја прекршат спогодбата, ќе ја платат цената и ќе се соочат со сила која од ден на ден растела и не слабеела, а Пратеникот,с.а.в.а., во тој случај е ослободен од договорот. Така и се случило.
Што се однесува до овогодишното враќање и одложување до следната година за извршување на умра, треба да се каже дека умрата била причина и пат до помирување. Пратеникот,с.а.в.а., донесол одлука за извршување умра, за да неговото патување заврши со мировна спогодба, а умрата ја одиграла својата улога, водела до помирување и била причина Курејшиите да се тргнат од патот на Пратеникот,с.а.в.а., до Арапите, а тоа претставувало цел заради која тој со години се борел и нешто што го посакувал целиот период од пратеништвото пред спогодбата, период што траел 19 години.
Враќањето на Мухаммед,с.а.в.а., без извршена умра претставувало голема нелагодност за курејшиските кланови пред Арапите и јасно признание дека тие ги спречуваат аџиите на чесната Куќа. Тоа значи дека тие не се достојни да управуваат со чесната Куќа, а Мухаммед,с.а.в.а., е награден со своето враќање, затоа што ако тој инсистирал, ќе се случело зло кое ќе било поголемо од доброто што ќе се постигнело со извршувањето умра.
Што се однесува до ставката која гласи дека Мухаммед,с.а.в.а., ќе го врати секого кој ќе му дојде без дозвола на својот старател, па и ова било во корист на исламот. Затоа што оној кој поверувал во Аллах и Неговиот Пратеник,с.а.в.а., нема да се откаже од верувањето без оглед дали ќе биде со Пратеникот,с.а.в.а., или кај курејшиските кланови. Инаку, многу муслимани живееле во Мекка, па Пратеникот,с.а.в.а., кого и да врати назад во Мекка, таквиот ќе им се придружи на другите муслимани кои живееле во Мекка што би допринело да создадат сила која ќе биде од голема корист моментално или подоцна.
Потоа, ставките од договорот биле поврзани, па ако Курејшиите погазат една ставка од спогодбата, рацете на Пратеникот,с.а.в.а., би биле одврзани од спогодбата откако се проширил меѓу Арапите и што Курејшиите го признале неговото право околу себе да собира кого сака.
Договорт би му дал можност да го реши проблемот со еврејското движење на арапскиот полуостров и да ги придобие племињата што се двоумеле заради стравот од Курејшиите.
Според сите политички и воени мерила, мировната спогодба на Худејбија претставувала едно од најголемите постигнувања и победи на Божјиот Пратеник,с.а.в.а.
Јас сум роб Божји и Пратеник
Со овие три збора Пратеникот,с.а.в.а., им одговорил на сите оние на кои оваа спогодба не им се допаднала, а тоа значи дека Севишниот Аллах е Тој Кој ми нареди извршување умра и Тој ги средил работите за тоа. Тој е Божји роб кој го прави тоа што Тој го наредува и тој е Негов Пратеник кој се придржува до наредбите на Оној Кој го испратил. Со него е Објавата, со него е инспирацијата и тој не зборува по свој ум.
Мухаммед,с.а.в.а., сигурно знае дека тоа што е одредено, тоа и ќе се случи, чекор по чекор сѐ додека не се комплетира сликата до која треба да се дојде. Пратеникот,с.а.в.а., јасно и јавно говорел дека Аллах му наредил давање заклетва[15] и му наредил на гласникот да повикува: ’’Нависитна Руху-л-кудус дојде и нареди давање заклетва, па излезете со Божјиот благослов и дајте заклетва!’’[16] Тоа значи дека Севишниот Аллах чекор по чекор го насочува Својот Пратеник,с.а.в.а., кон голамата цел, сѐ додека се остварил благословениот мир, па Аллах бил задоволен со него и Пратеникот,с.а.в.а., бил задоволен со Неговото задоволство.
Јавен натпревар и предизвикување интриги
Омер ибн Хаттаб не се согласил со оваа мировна спогодба со која Аллах бил задоволен, која ја нарекол голема победа и Му наредил на Својот Пратеник,с.а.в.а., да ја прифати и потпише за да се заврши етапата на воени конфликти. Омер оваа спогодба ја сметал за понижување и на Пратеникот,с.а.в.а., пред муслиманите му говорел: ’’Зошто да прифатиме понижување на својата вера?!’’ Омер истапил како некој кој повеќе се грижи за верата од самиот Пратеник,с.а.в.а., кој всушност и го поучувал на истата таа вера! А само еден ден пред тоа, Пратеникот,с.а.в.а., од него побарал да појде кај курејшиските кланови и да им пренесе дека Пратеникот,с.а.в.а., не дошол заради војување, туку заради умра, за да ја величи светоста на Куќата, дека со себе понесол курбани за жртвување и дека после тоа ќе се врати во Медина. Омер тоа го одбил и рекол: ’’Пратенику, јас се плашам од Курејшиите и немам никого од Бени Ади за да ме брани!’’[17] Тоа е истиот оној Омер кој учествувал во битката на Бедр и не е потврдено дека убил или ранил некого од неверниците и тоа е истиот оној Омер кој побегнал во битката на Ухуд и Пратеникот,с.а.в.а., го потсетил на тоа со зборовите: ’’Заборавивте ли на денот на Ухуд кога бегавте по ридовите и не ви беше гајле за никого, а јас од зад вас ве довикував?!’’[18] Омер е истиот оној човек кој немал ниту една позитивна улога во ниту една од многуте борби пред мировната спогодба на Худејбија!
Тој е тој кој сега покажува поголема грижа од Пратеникот,с.а.в.а., па спогодбата која Пратеникот,с.а.в.а., ја прифатил и потпишал, Омер ја опишал како прифаќање понижување за нашата вера и нагласува дека ако би имал подржувачи не би дозволил такво понижување! Тоа значи дека Омер не би дозволил оваа спогодба да се потпише![19]
И тој се обидел да го спречи Пратеникот,с.а.в.а., од мирот и се обидел да ја поништи спогодбата, но не успеал и тогаш го сфатил значењето на поседување подржувачи за наметнување на својот став![20]
И покрај жестокото Омерово спротивставување и отфрлање на Аллах и Неговиот Пратеник,с.а.в.а., неговите следбеници и него го вбројуваат во сведоците на оваа спогодба и инсистираат на тоа дека и тој ја потпишал како сведок![21]
Неговите следбеници се стручњаци во давањето херојски улоги на Омер во секој настан, дури и ако тој му се спротивставувал на Пратеникот,с.а.в.а., а тоа негово спротивставување на Пратеникот,с.а.в.а., или разидување со него, според нив, било заради некоја само на Омер позната причина!?
Ебу Се’ид Ел-Худри вели: ’’Еднаш седев кај Омер ибн Хаттаб, па му го спомнав тој настан, а тој ми рече: ’Тој дена ме обзеде сомнеж и му се спротивставив на Пратеникот,с.а.в.а., на начин на кој што никогаш порано не сум го направил. Заради тоа што дента ме обзеде ослободив повеќе робови, некое време постев и кога и да сетам на тоа што направив, многу се загрижувам!’[22]
Во секој случај, Пратеникот,с.а.в.а., го совладал обидот за глума ’’поголем грижа за исламот’’ и предизвикувањето интрига и на денот на ослободувањето на Мекка, говорел: ’’Повикајте ми го Омер ибн Хаттаб, па му рекол: ’’Еј Омер, ова е тоа што ви го говорев!’’ А Омер рекол: ’’Пратенику, не постоеше поголема победа од мирот на Худејбија!’’[23]
[/vc_column_text][norebro_text text_typo=”font_size~16||weight~inherit”]
[1] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 553 i dalje.
[2] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 572.
[3] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 579.
[4] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 579 i 580.
[5] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 593.
[6] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 600.
[7] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 600.
[8] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 600.
[9] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 602 i dalje.
[10] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 604.
[11] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 610 i 611.
[12] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 610 i 612.
[13] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 612.
[14] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 603.
[15] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 604.
[16] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 600.
[17] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 609.
[18] El-Hutattu-s-sijasijet li tevhidi-l-ummeti-l-islamijeti, str. 640; Nazarijetu ‘adaleti-s-sahaba ve-l-merdže’ijetus-sijasijeti fi-l-islam, str. 269.
[19] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 606 i 608.
[20] Šerhu nehdži-l-balaga, sv. 3, str. 790.
[21] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 612.
[22] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 607.
[23] El-Megazi, El-Vakidi, sv. 2, str. 609 i 610.
[/norebro_text][/vc_column][/vc_row]