Верата е платформа врз којa се постигнува совршенството
Установивме дека неопходноста од истражувањето на верата се потпира врз човековата природна склоност за стекнување на полза и избегнување на штета[1]. Тоа е склоност или нагон кој секој човек може да го препознае во себе како дел од своето присутно знаење кое никогаш не греши.
Исто така, во ова поглавје сакаме да зборуваме за истата тематика, но со нешто повнимателен пристап и на тој начин ќе стигнеме до заклучок дека доколку некој не размислува за верата и не успее да изгради исправен светоглед и идеологија, нема ни да стигне до човековото совршенство. Во суштина тој, начелно гледано, како таков не може ни да се смета за вистински човек. Со други зборови, условот за живот достоен за еден човеке поседување на исправен светоглед и идеологија.
Овој доказ има три воведни премиси:
- Човекоте битие кое тежнее кон совршенство.
- Човековото совршенство се стекнува под закрилата на своеволните постапки кои се резултат на разумен избор.
- Практичните прописи на разумот ги добиваат своите облици врз основа на посебни шпекулативни спознанија од кои трите изворни начела на светогледот се најважни: спознавање на изворот на егзистенција (монотеизам), крај на овоземскиот живот, (проживување); загарантираниот пат за пронаоѓање на програмата која носи среќа, (нубувет), односно: онтологија, антропологија и методологија на патот.
Ќе се обидеме да ги обработиме сите три наведени премиси.
Човекот бара совршенство
Секој кој се концентрира на своите внатрешни нагони и психички склоности, ќе увиди дека темелот на голем број од нив се потпира на стремежот кон совршенство. Во принцип, човекот е создаден да не сака да има некој недостаток. Заради тоа се труди секој свој дефект, незрелост и недостаток, колку што може да ги оддалечи од себе за да стигне до саканото совршенство. Секако дека, пред да се ослободи од нив, ги крие од другите.
Доколку оваа склоност тече по коритото на фитрет, односно исконската природа, ќе биде повод за секаков вид на материјален и духовен напредок. Меѓутоа, доколку под дејство на различни фактори и услови е насочена по погрешна патека и скршне од основната насока, ќе биде повод за создавање на најразлични негативни особини како што сечувството за лажна големина, лицемерие, желба за пофалби…
Во секој случај, склоноста кон совршенството претставува исклучително силен природен фактор кој е вроден во човековото битие, закопан во длабочините на душата, а зачии индикатори и гранки човекот е воглавно свесен. Сепак, ако се обрати само малку внимание, станува јасно дека коренот на сите нив е ист, а тоа е стремежот кон совршенството.
Човековото совршенство зависи од следењето на разумот
Усовршувањето на вегетативните појави во Објективниот свет зависи од осигурувањето на потребните наметнати услови со надворешен карактер. Ниедно дрво не расте по слободна волја, ниту дава плодови по сопствен избор, заради тоа што нема ниту свест ниту волја.
Вслед патот по кој се усовршуваат животните, може да се забележи присуство на волја и избор до одредена мера. Секако, станува збор за волја која се темели на слеп животински инстинкт со ограничен домет во рамките на природните потреби и во закрила на ограничената свест која се однесува на сетилата на секое животно.
Меѓутоа човекот, покрај карактеристиките на вегетативното и анималното, во себе поседува и две духовни одлики. Одедна страна, склоностите на фитрет/исконската природа не се ограничуваат само на рамките на природните потреби. Од друга страна, поседува интелигенција со чија помош кругот на она што веќе е спознаено може да се движи во бесконечност. Врз основа на овие карактеристики, дометот на неговата волја ги надминува границите на природниот свет, движејќи се во насоката на бесконечноста.
Токму како што совршенството со кое се одликува вегетативниот свет се стекнува со посредство на неговите посебни можности, анималното совршенство настанува под закрилата на волјата израстена на инстинктите и сетилните забележувања, а совршенството кое е својствено на човекот, кое го претставува духовното совршенство кое настанува под закрилата на свесната волја раководена од интелигенцијата, кое препознава неколку различни степени на посакуваното и кое во случаите на недоумица му дава предност на подоброто.
Во склад со наведеното, однесувањето ќе биде човечно тогаш кога делата ќе бидат извршени под закрилата на волјата која произлегува од посебните човекови склоности кои се раководени од разумот. Делата кои се извршени исклучиво врз основа на анималните нагони, ќе бидат животински, исто како што простите механички движења ќе бидат само физичка форма[2].
Практичните правила на разумот имаат потреба од шпекулативни појдовни точки
Делата и постапките кои се резултат на човековиот слободен избор претставуваат средство за постигнување на посакуваниот резултат. Нивната вредност (дела и постапки) зависи од нивото на пожелност на целта која се сака да се постигне со нивно посредство, како и од влијанието кое го вршат врз душата. Ако ова се земе предвид, доколку однесувањето предизвикува губење на некое духовно совршенство, како такво ќе има негативна вредност.
Значи, разумот може да суди за делата кои се резултат на слободен избор и им ја одредува вредноста дури кога ќе стекне увид во човековото совршенство и неговите нивоа и кога ќе знае какво суштество е човекот и до кои граници се протегаат зраците на неговата животна рамка, како и до кој степен на совршенство може да стигне. Со други зборови, кога ќе му биде позната димензијата на сопственото битие и целта заради која е создаден.
Во согласност со веќе реченото, формирање на исправна идеологија – значи оној систем на вредности кој доминира над постапките кои се темелат врз слободен избор, зависи од поседувањето на исправен светоглед и решавање на прашањата кои се во врска со него. Сè додека тие прашања не бидат решени, не е возможно да се донесат конечни судови во врска со вредноста на однесувањето. Исто како што предпостоењето на јасна и одредена цел е невозможно да се одреди ниту насоката на движење со која би требало да се стигнедо таа цел. Значи, шпекулативните спознанија кои ги градат основните прашања на светогледот, претставуваат темел на системот на вредности и практичните правила на разумот.
Заклучок
Со оглед на воведната премиса, неопходноста од трагање и испитување на религијата и напорот за постигнување на исправен светоглед и идеологија можеме да ја докажеме на следниот начин:
Човековиот фитрет секогаш се стреми кон потполност и посакува да стигне до вистинското совршенство правејќи дела кои се потребни за да го оствари. Меѓутоа, за да знае кои се тие дела кои ќе го доведат до посакуваната цел, на прво место мора да го препознае своето конечно совршенство. Тоа спознание зависи од информираноста за стварноста на сопственото битие, неговиот почеток и крај.
Потоа мора да направи разлика помеѓу позитивната и негативната врска на неговите различни делови од една, и различните степени на сопственото совршенство од друга страна. Тоа е потребно за да може да тргне по исправниот пат на човековото усовршување. До оној момент додека не стекне слика за шпекулативните спознанија (начела на светогледот), не може да прифати исправен систем на однесување (идеологија).
Значи, неопходно е залагање со цел спознавање на вистинската вера која подразбира исправен светоглед и идеологија, без тоа е невозможно да се постигне човековото совршенство. Исто така, однесувањата кои не се иницирани од побудите од вакви вредности и погледи, нема да бидат човекови однесувања.
Луѓето кои не се движат во насока на запознавање на вистинската вера или пак,откако ќе ја спознаат вистинската вера, од различни побуди ќе је порекнат, на пример од тврдоглавост и ќе се одѕвијат на повикот на животинските желби, предавајќи се на задоволувањето на поминливите материјални наслади и уживања, не се ништо повеќе од животните, токму како што тоа Кур’анот го прецизира:
Се насладуваат и се хранат како што се хранат животните.( Мухаммед,12)
يَتَمَتَّعُونَ وَيَأْكُلُونَ كَمَا تَأْكُلُ الْأَنْعَامُ
А поради тоа што ги уништуваат човечките природни способности и моќ, ќе ги стигне болна казна:
Пушти ги нека јадат и нека се насладуваат, и нека ги мами надежта – ќе дознаат тие! ( Хиџр, 3)
ذَرْهُمْ يَأْكُلُوا وَيَتَمَتَّعُوا وَيُلْهِهِمُ الْأَمَلُ ۖ فَسَوْفَ يَعْلَمُونَ
[1]Споменатиот доказ кажан со стручен речник би гласел: Доколку во склад со човековата исконска природа, постигнувањето на полза и избегнувањето наштета е пожелно, неопходно е да се истражува верата која тврди дека укажува на исправниот пат кој човекот го води до полза која е бесконечна, како и до бескрајна сигурност од штета. Вслед тоа што постигнувањето на полза и избегнувањето на штета е пожелно во склад со човековата исконска природа, тоа значи дека е не опходно да се истражува таквата вера. Овој аргумент е изречен во форма на расчленета дедукција и се потпира на посебна логичка анализа на практичните правила на разумот, кои се враќаат на дедуктивната нужност на причинителите (волево дело), заради стигнување до последиците (пожелен резултат), како што тоа е веќе објаснето на своето место. Аргументот за кој се зборуваво ова поглавје, исто така може да се претстави во овој облик: Доколку постигнувањето на совршенство е пожелно во склад со исконската природа, во тој случај е неопходно да се запознаат начелата на светогледот, а кои се потребниот услов за усовршување на душата. Со огледна тоа дека постигнувањето на совршенство е пожелно во склад со човековата исконска природа, следува дека е неопходно да се спознаат споменатите начела.
[2]Неопходно е подробно спознавање на фактот дека, кога се вели дека човековата душа ги содржи своите пониски степени, како што е вегетативната и анималната душа, не се мисли дека секој човек во себе поседува три независни души, туку дека заради усовршувачкото движење кое се случува во Светот, секое битие кое се наоѓа на повисок степен или ниво, во себе го содржи и понискиот степен. Со други зборови, човекот расти, се храни и се размножува и овие три моќи постојат и помеѓу растенијата и помеѓу животните. Од друга страна, чувствуваме дека имаме способност за во лево движење кое што го имаат и животните исто така. Покрај тоа, имаме моќ на перципирање и заклучување кои што се исклучиво човечки моќи. Во начело, сè додека некое битие не ги поседува сите постоечки нижи совршенства и моќи, нема можност да го постигне возвишеното совршенство. Додека животното не ги има сите вегетативни моќи во себе, не може да прејде преку линијата која раздвојува и да ги достигне посовршените степени. Значи, човековата душа, покрај совршенството на интелигентна човекова душа, ги поседува и моќите на вегетативната и анималната душа. Секако, подробно обработена, оваа тема треба да се побараво книгите на Ибн Син, како и на други автори кои ѝ посветиле простор во своите дела.