Божјите имиња и својства
Голем број филозофски докази потврдуваат постоење на битие опишано како нужно постоечко битие. А, со додавање на други докази се утврдуваат Неговите потврдни и одречни атрибути од чија целина се препознава Возвишениот Бог со Своите атрибути кои што Го одделуваат од останатите егзистенти.Кога не би било така, за Неговото спознавање нема да биде доволно изречно тврдење на постоечко нужно битие, бидејќи е можно некој да претпостави дека и материјата или енергијата би можеле да бидат примери и претставници на нужното постоечко битие. Следствено на тоа, од една страна, неопходно е да се утврдат одречните Божји атрибути, за да се испостави дека нужното битие е над тоа за да се опишува со атрибути кои се својствени на створенијата и да не се поистоветува со некое од Неговите створенија, а од друга страна треба да се утврдат Божјите потврдни атрибути за да се увиди достојноста за Неговото обожување и дека тоа би претставувало вовед за влез во други акидетски прашања, како што се: пратеништвото, проживувањето и нивните ограноци.
Нужното постоечко битие нема потреба од причина, бидејќи Тоа е причина за егзистирање на можните постоечки битија. Со други зборови, се докажуваат двата атрибути на нужното постоечко битие:
Првиот атрибут е независноста од други битија, затоа што кога и во најмала мера би имало потреба од други битија, тогаш тоа друго битие би било негов причинител. Благодарение на тоа што разјаснивме дека, значењето на причинителот од филозофски аспект е токму тоа, што другото битие има потреба од него.
Вториот атрибут е дека, можните постоечки битија се последица и зависат од Него и Тој е првата причина за нивното настанување.
Сега, врз основа на овие два воведни заклучоци, ќе се сконцентрираме на објаснување и разгледување на она што тие сами по себе го бараат и ќе ги докажуваме потврдните и одречните атрибути. Секако, поради докажување на секој поединечен атрибут спомнати се бројни докази во теолошките и филозофските книги, меѓутоа со цел да го почитуваме олеснувањето и зачувување на поврзаноста на темите кои што ги обработуваме, ние ќе ги одбереме оние докази кои се поврзани со веќе споменатите докази.
Божјата беспочетност и бескрајност (езели и ебеди)
Доколку некое битие ќе биде последица односно, ќе биде потребно на некое друго битие, тоа ќе го следи неговото постоење и со непостоењето на причината ни самото нема да постои. Со други зборови: непостоењето на некое битие во еден временски период, насочува на неговата неопходност и припаѓање на категоријата на можни постојни битиа, а поради тоа, дека нужното постоечко битие постои само по себе и нема потреба од никакво друго битие, тоа секогаш ќе биде постоечко.
На овој начин се потврдуваат следните два атрибути: првиот – беспочетност, односно во минатото не му претходело непостоење; и вториот – бескрајност, односно, ниту во иднина никогаш нема да биде непостоечко. Некогаш, овие атрибути се здружуваат под терминот вечност (сармеди).
Во согласност со ова, секое битие кое се одликува со непостоење во минатото или со исчезнување во иднината, нема да биде нужно постоечко битие и на тој начин е покажана неисправност на претпоставката за нужно постоење на која било материјална појава.
Одречни атрибути
Следното нешто кое од себе го бара нужноста за постоење на битието тоа е елементарноста, односно битието да не биде збир на делови, заради тоа што секое битие кое е создадено од делови, ќе биде условено од нив, додека нужното битие е над секоја условеност и неопходност.
Доколку се претпостави дека деловите на нужното битие немаат актуелно постоење, туку се како два замислени делови на една линија, оваа претпоставка е погрешна затоа што нештото кои го сочинуваат можни делови, може да биде рационално расчленето, без оглед што во надворешниот свет тоа расчленување нема да биде постигнато, а можноста за расчленување ќе означува и можност за исчезнување на целината. Тоа е исто како, кога линија долга еден метар ја поделиме на две линии од половина метар – тогаш линијата од еден метар веќе не постои. А претходно веќе сфативме дека нужното битие нема можност за исчезнување.
Со оглед на тоа што, составноста е потенцијална и активна карактеристика на телото, се докажува дека ниедно телесно битие не е нужно постоечко битие, односно се докажува Божјата нематеријалност и бестелесност. Исто така, на овој начин се докажува дека е невозможно да се види Бог со око или со кое било друго сетило, бидејќи, можноста да се биде перципиран со едно од сетилата е карактеристика на телесните битија.
Од друга страна, со одрекување на телесноста, на нужното битие му се одрекуваат и останатите телесни карактеристики како што се просторот и времето. Поради тоа што просторот се претпоставува за оние нешта кои што имаат димензии и протегање. Исто така, секое временско нешто од аспект на временското протегање и траење, може да биде расклопена на делови и како такво ќе претставува еден вид на протегање и составност од потенцијални делови. Во согласност со овие факти, на Бог не може да Му се претпостави простор и време и ниедно битие на кое што му е потребно простор и време не може да биде нужно битие.
На крај, со одрекување на времето, на нужното битие исто така му се одрекува промената, движењето, усовршувањето, затоа што ниедно движење и промена не се можни без времето.
Во согласностсо овие факти, луѓето кои претпоставуваат дека Бог има место како што е аршот или се движи спуштајќи се на Земјата блиска на Небесите или Го сметаат видлив со телесно око или променлив и се усовршува, тие Бог не го сознале на добар и правилен начин.[1]
Општо гледано, секој поим кој алудира на некој вид непотполност, истрошеност, ограниченост и потреба е негиран од Бог, а токму тоа е значењето на одречните Божји атрибути.
Причина која дарува егзистенција
Другиот заклучок до кој доаѓаме со помош на претходниот доказ е тоа дека, нужното постоечко битие е причина за настанување на можни постоечки битија. Сега ќе се фокусираме на она што овој заклучок го наложува, а прво, кратко ќе ги појасниме видовите на причини, за потоа да укажеме на карактеристиките на Божјата каузалност.
Терминот причина, во својата општа смисла се користи за секое битие кое претставува она на што се потпира друго битие, дури опфаќа и услови и помошни чинители. Бог нема причина, а тоа значи дека, Тој нема никаков вид зависност од други битија. Дури, во врска со Него не може да се претпостави никаков услов, ниту помошна причина.
Меѓутоа, дека Бог е причина за созданијата има значење на дарување на егзистенција, што спаѓа во посебна категорија на активна каузалност. За да го објасниме овој факт, потребно е барем површно да се обрне внимание на видовите причини, а нивното подробно објаснение се наоѓа во филозофските учебници.
Знаеме дека, за да никнат растенијата, потребно е постоење на семе, соодветна земја, вода, воздух, светлина…, исто така потребен е природен фактор или човекда го посее семето во земјата и да ја наводнуватаа земја. Сите овие наброени чинители во согласност со дефиницијата на причината, претставуваат причини за никнување на растението од земјата.
Овие различни причини можеме да ги поделиме на категории од различни аспекти. На пример, групата на причини чие постоење е неопходно за постоењето на последици ги нарекуваме стварни или вистински причини. Оние причини чие постоење и траење не се важни за постоењето на последици- како што е земјоделецот за растението – ги нарекуваме помошни причини или заменливи причини, а останатите причини ги нарекуваме исклучителни или ограничени причини.
Меѓутоа, постојат видови на причини кои се разликуваат од сè досега спомнато во врска со никнувањето на растенијата. Примерот за ова може да се воочи во врска со душата и душевните појави. Кога човекот на платното во својот ум повикува умствена слика или донесува одлука за вршење на некоја работа, тогаш настанува душевен и психички феномен кој се нарекува умствена слика и волја, чие постоење зависи од постоењето на душата и заради тоа се смета за нејзина последица, но овој вид на последица е таква што нема никаква независност од својата причина и не може да постои одвоено, без неа. Истовремено, активноста на душата во форма на умствени претстави или волја е ограничена со условите кои извираат од нејзините недостатоци и ограничувања и од тоа што е можно постоечко битие. Напоредно со ова, активноста на нужното битие за креирање е повозвишена и посовршена од активноста на душата за психичките појави и Нему му нема сличност помеѓу другите активности, бидејќи Тој без никаква неопходност ги доведува последиците во постоење, а чија егзистенција целосно зависна од Него.
Карактеристики на причината која дарува егзистенција
Врз основа на досега наведеното, може да се земаат предвид неколку одлики на причината која дарува егзистенција.
- Причината која дарува егзистенција мора во својот посовршен облик да го има совршенството на сите последици, за да можеда му ги даде на својата последица сразмерно со нејзиниот капацитет, за разлика од помошните и материјалните причини кои само го подготвуваат теренот за промена на последицата и не е неопходно да го поседуваат совршенството на своите последици. На пример, не е неопходно земјата да го има совршенството на растенијата или таткото и мајката да го имаат совршенството на своето дете. Меѓутоа, Возвишениот Бог кој дарува постоење, покрај елементарноста и неделливоста, истовремено мора да ги има сите егзистенцијални совршенства.[2]
- Причината која дарува постоење, својата последица ја извлекува од непостоење во постоење или со еден збор: ја твори. Со творењето на последиците не се намалува ништо од Неговото битие, наспроти природните чинители и активности чија улога е во внесување на промени во постоечката последица и трошење на енергија. Претпоставката дека нешто се одделува од нужното битие бара можност за разложување и променливост на Божјата суштина, а неисправноста на тоа е веќе докажана.
- Причината која дава постоење е вистинска причина, следува дека Неговото постоење е неопходно за опстојување на последицата, за разлика од помошната причина во чиј случај последицата нема потреба за нејзиното постоење за да постои и самата.
Во согласност со ова, далеку од вистината е тврдењето кое може да се слушне од одредени теолози дека, за опстанокот на светот нема потреба од Бог, како и некои тврдења кои се пренесуваат од западните филозофи дека светот на природата е како навиен часовник кој е еднаш и засекогаш навиен и за понатамошно функционирање нема потреба од Бог.
Напротив, Креацијата секогаш и во сите аспекти и сегменти има потреба од Бог и доколку Тој само за момент престане со излевање и дарување на егзистенција – ништо нема да остане!
[1]Просторноста, слегувањето од Аршот (Престолот) и гледањето на Бога со физички очи се пренесува од некои исламски правци, додека променливоста и усовршувањето на Бога се припишува на една група западни филозофи како што се: Хегел, Бергсон, Вилјам Џејмс и Вајтхед (Hegel, Bergson, William James i Whitehead). Треба да се знае фактот дека одрекувањето на движење и промени кај Бог не е со значење на мирување и неподвижност односно, со значење на постојаност на Божјата суштина, а постојаноста е спротивна на променливоста. Меѓутоа, мирувањето претставува непоседување на својства за движење кај оној кој може да ги има, а со тоа не се опишува ништо друго освен она што има потенцијал за движење.
[2]Треба да се знае смислата на исказот: „Бог поседува совршенство на созданието,“ не дека неговите атрибути ( како поимите тело и човек) можат да му се препишат на Аллах џ.ш., туку, ваквите поими сведочат за ограничени и недоволни битија, па таквите атрибути не можат да му се припишуваат на Бога, чија егзистенција и совршенство се апсолутни.