ОСМИОТ ЕХЛИБЕЈТСКИ ИМАМ, АЛИ ИБН МУСА АР-РИДА, А.С. – 1
Хазрети Али ибн Муса, а.с., е роден на 11 Зил-каде во 148 година по Хиџра. Негова мајка била благородна жена која се викала Тахира. Овој ехлибејтски Имам бил познат и како Ебул-Хасан и Рида. После шехадетот на неговиот уважен татко, а.с., (183. г.х.), ја презел должноста на Имаметот во својата 35 година. Неговото извршување на должноста Имам траело дваесет години. Десет години од тој период се поклопуваат со власта на Харун Рашид, пет години бил современик на калифатот на Мухаммед Амин, а последните пет години од неговиот Имамет се поклопуваат со калифатот на Абдуллах Мемун. До почеток на калифатот на Мемун, Имамот, а.с., живеел во својот роден град Медина, а потоа Мемун го повикал во Хорасан, каде што Имамот, а.с., најпосле, во месец Сефер во 203 година по Хиџра го достигнал својот шехадет (на возраст од 55 години), каде што е и погребан.
Од времето кога Седмиот Имам, а.с., бил отруен во затворот во Багдад, Имаметот на Осмиот Имам, а.с., се поклопува со владеењето на Харун во наредните десет години. Овој дел, иако се работи за времето на Харуновите прогони, угнетувања и самовластие, се смета за период на сразмерна слобода за Имамот Рида, а.с., кога станува збор за неговите научни и културни активности. Имено, во тој период Харун ништо не преземал против Имамот, а.с., па овој слободно дејствувал. Затоа учениците кои Имамот Рида, а.с., ги воспитал и подучил на исламските и кур’анските науки во рамките на својот научен кружок, воглавно потекнуваат од ова време. Можеби главната причина на таквата попустливост на Харун лежела во неговиот страв од последиците на убиството на Имамот Муса ибн Џафер, а.с. Имено, иако на сите начини се обидувал да го прикрие ова злосторство и да ја негира својата замешаност, вистината сепак излегла на виделина и кај народот предизвикала омраза и нетрпеливост кон него. Харун на својот стрико Сулејман ибн Ебу Џафер, кој го презел телото на Имамот, а.с., за да го погреба, вака му напишал: ’’Аллах нека го проколне Синди ибн Шахик! Тоа го направил без моја дозвола!’’ Многу говори и неговиот одговор на зборовите на Јахја ибн Халид Бермеки во врска со Али ибн Муса, а.с. Јахја, кој порано го клеветел и оцрнувал Имамот Казим, а.с., на Харун му рекол: ’’Муса ибн Џафер го наследи неговиот син и тој тврди дека го поседува правото на Имамет.’’ Со тоа сакал да каже дека најдобро би било и Али ибн Муса, а.с., веднаш да се погуби или да се стави под надзор на службениците на калифот. Харун, кој се уште бил под влијание на убиството на Муса ибн Џафер, а.с., и загрижен заради можните последици, одговорил: ’’Зарем не е доволно она што му го направив на неговиот татко?! Зарем сакаш да ја извлечам сабјата и одеднаш да ги убијам сите потомци на Али?!’’ Сите дворјани замолчеле пред гневот на Харун и никој повеќе немал храброст нешто да каже против Имам Рида, а.с. Користејќи ја таа поволна прилика, Али ибн Муса, а.с., отворено го обзнанил својот Имамет и за разлика од својот почитуван татко, во тој поглед не употребувал такија (прикривање). Некои од неговите искрени следбеници и другари го одвраќале од тоа, плашејќи се за неговиот живот. Имамот, а.с., ги уверувал дека ништо лошо не може да му се случи од страна на Харун. Сафван ибн Јахја вели: ’’Откако умре Имамот Муса ибн Џафер, а.с., Али ибн Муса Рида, а.с., јавно го обзнани својот Имамет. Му беше речено: ’Вашата постапка е многу опасна, па се плашиме за вас од овој насилник!’, а Имамот, а.с., одговори: ’Што и да се обиде да направи, не ќе може да ми наштети!’’’ Исто така се пренесува од Мухаммед ибн Синан: ’’Во периодот на калифатот на Харун му реков на Али ибн Муса Рида, а.с.: ’После вашиот татко отворено го обзнанивте својот Имамет, а од сабјата на Харун се уште капе крв!’, а тој, а.с., ми рече: ’Ме охрабруваат зборовите на Пратеникот, с.а.в.а.: ’Ако Ебу Џехл би можел да ми скине едно влакно од косата, знајте дека тогаш не сум Божји Пратеник!’ Така и јас ви велам: ’Ако Харун би можел влакно од косата да ми скине, тогаш да знаете дека јас не сум Имам!’’
Во тек на својот калифат, Харун за свој наследник го прогласил Мухаммед Амин (чија мајка била Зубејда) и од народот зел заклетва (согласност, признавање) за него. Исто така, после него, за следен калиф, го прогласил својот втор син, Абдуллах Мемун (чија мајка била Персијанка). Во 193 година по Хиџра на Харун му дошле вести дека во градовите во Хорасан се дигнало востание. Воените команданти и покрај сите суровости и грубости што ги манифестирале, не успеале да го задушат востанието. Откако се посоветувал со своите везири и советници, Харун заклучил дека е најдобро тој лично да отпатува во тој регион и да ја покаже сета сила на државата во поглед на задушување на востанието. Во Багдад го оставил својот син Мухаммед Амин, а со себе во Хорасан го повел другиот син Мемун. Него го именувал за намесник на тој крај. Харун успеал да ги задуши сите превирања и да ги смири немирите, но повеќе не се вратил во Багдад. Умрел во Тус на 3 џумадел-ахире во 193 година по Хиџра, оставајќи ги двајцата браќа меѓусебно да се глодаат околу власта. Истата вечер кога стигнала веста за смртта на Харун, народот во Багдад му дал заклетва на неговиот син Мухаммед Амин. Само седумнаесет дена откако го презел калифатот, на Амин му паднало на ум на својот брат да му го одземе правото на наследство и за свој наследник да го прогласи својот син Муса. Во врска со ова се посоветувал со своите везири, но тие рекле дека таква постапка не е правилна. Само еден од нив, Али ибн Иса ибн Хаман, истрајувал на решението на Мемун да му се одземе правото за наследување. Амин одлучил него да го послуша и својот брат го развластил од позицијата наследник на престолот. Како реакција на таквиот чин, Мемун пак, не го признал калифатот на Амин. После низа воени конфликти, Амин го извлекол подебелиот крај и во 198 година по Хиџра бил убиен. На овој начин власта над исламските земји дошла во рацете на Мемун. За време на власта на Амин, односно во годините меѓу смртта на Харун и Мемуновото преземање на власта, историските извори не покажуваат дека имало некои сериозни спорења меѓу Имамот, а.с., и претставниците на абасидската власт. Извесно е дека абасидскиот калифат во тој краток период на внатрешни конфликти меѓу Амин и Мемун немал време за вознемирување на потомците на Али, а.с. Па така, овој период (193-198) може исто така да го сметаме за време на ограничена слобода за Имамот Рида, а.с., и одлична прилика за неговото културно дејствување.
Мајката на Мемун, Мураџил, била робинка од Хорасан. Умрела на породување, така што Мемун растел без мајка. Историчарите пишуваат дека таа била најгрдата и најомаловажуваната робинка во кујната на Харун. Тоа нѝ го потврдува и преданието што говори за тоа како всушност таа и забременила со Харун.[1] Мемун е роден во 170 година по Хиџра, значи, истата година кога неговиот татко го презел калифатот. Татко му на грижа го доверил на Џафер ибн Јахја Бермеки, а негов учител бил Фадл ибн Сехл, познат како Зу-ријасетеин (поседник на две позиции). Главен командант на неговите воени сили бил Тахир ибн Хусеин Зул-јеминин. Целиот живот на Мемун поминал во стална борба и труд, без особени прилики за уживања и забави. Токму спротивно од одрастувањето на неговиот брат Амин, кој растел под закрила на мајката Зубејда. Секој што е запознат со биографијата на Зубејда, ќе разбере во какво изобилие, раскош и уживања поминало одрастувањето на Амин. Мемун, за разлика од својот брат, не уживал особено внимание, ниту бил воопшто сигурен во поглед на својата иднина. Се сомневал дека Абасидите некогаш ќе му го препуштат калифатот. Во никого не гледал потпора, па затоа ги засукал ракавите и својот живот го зел во свои раце. Мемун себе си си зацртал што треба да постигне, бидејќи многу добро знаел дека неговиот брат ужива предност за која тој бил ускратен. Во секој случај, Мемун се образувал во разни науки и вештини, па во тој поглед ги надминал своите врсници и останатите Абасиди воопшто. Некои од нив и потврдиле дека меѓу ним нема поучен човек од Мемун. Ибн Недим за него вака пишува:’’Беше поучен од сите други калифи во врска со прашањата за фикх и келам.’’ Истоа така од Имам Али, а.с., се пренесува дека говорејќи за идната власт на Абасидите, рекол: ’’Седмиот меѓу ним ќе биде поучен од сите останати.’’ Сујути, Ибн Тугра Баради и Ибн Шакир Кутуби исто така во тој смисол го фалат Мемун, па велат: ’’По својата проникливост, сила на волјата, трпеливост, ученост, памет, храброст и витештво бил најдобар меѓу Абасидите. Меѓутоа, неговото верување во створеност на Кур’анот фрла дамка на сите тие негови својства.’’ И неговиот татко лично посведочил дека Мемун е во предност во однос на својот брат Амин, изјавувајќи: ’’Одлучив да одредам наследник на престолот и таа позиција да му ја доверам на оној чие однесување најмногу ми се допаѓа, чија насоченост ми се допаѓа, во чија правилна политика можам да бидам сигурен и на оној чија слабост нема да ме загрижува. А таков не е никој друг, освен Мемун.’’ Сепак, абасидските првенци му го наметнале своето мислење, односно, тоа да биде Амин. А Амин бил целосно насочен кон задоволување на своите страсти, бил човек со раце широки и расипнички, насочен само на жени и робинки, додека Мемун бил човек со пристојно однесување, правилно размислување и најдоверлива личност за така важна должност.’’[2]
Со Мемуновото преземање на калифатот завртена е нова страница во животот на Имамот, а.с., страница која за него значела исполнување со болка и нелагодности. На грабнувачите на калифатот, било да се работи за Емевиите или за Абасидите, главна грижа и страв им претставувала фамилијата на Али, а.с. Меѓутоа, мнозинството народ токму за нив ја чувале својата љубов и наклонетост. Секако, калифите тоа го знаеле и затоа благородните потомци на Али, а.с., стално биле изложени на вознемирувања и прогони за да, најпосле, станувале лишени од животот од нивните раце. За разлика од другите абасидски калифи, Мемун привидно манифестирал наклонетост кон ехлибејтското учење. Мнозинството службеници во државниот апарат го сочинувале Персијанци, кои биле склони кон фамилијата на Али, а.с., односно кон ехлибејтските Имами. Заради тоа Мемун не можел, како своите претходници Харун и Менсур, едноставно да нареди да се убие Имамот, а.с., или да го фрли во затвор. Затоа тој се определил за поинаква постапка. За волја на вистината, таа постапка не била нешто ново, затоа што со неа се служеле и некои претходни калифи. Имено, се работело за воспоставување привиден пријателски однос, што за цел имало одоброволување на обичниот народ, како и на растечкиот број приврзаници на ехлибејсткото учење. Мемун одлучил Имамот, а.с., да го донесе во Мерв, во центарот на власта, со цел да се исползува со неговиот научен и општествен углед, но пред се под надзор да го држи дејствувањето на Имамот, а.с. Најпрвин со целосно уважување го повикал – заедно со некои угледни членови од фамилјата на Али, а.с., – да дојдат да живеат во престолнината на калифатот. Имамот, а.с., не го прифатил повикот, но Мемун бил одлучен, така што меѓу нив се водела долга и обемна преписка. На крај Имамот, а.с., добил и закана, па бил присилен на согласност. Лично Мемун испратил свои луѓе и посебни носилки за Имамот, а.с., со најголеми почести и внимание да го донесат од Медина во Мерв. Имамот, а.с., за да на народот му даде до знаење дека родното место всушност го напушта под присила, јавно го обзнанил своето незадоволство и тага. На денот кога требало да тргнат, ја собрал својата фамилија и им рекол дека веќе можат да го оплакуваат, велејќи им: ’’Јас повеќе нема да се вратам меѓу вас.’’ Потоа пошол во џамијата на Пратеникот, с.а.в.а., за да и со него се опрости. Се завртел кон неговиот гроб и гласно заплакал. Мехлул Систани вели: ’’Кога му пријдов на Имамот, а.с., му предадов селам и му посакав среќен пат. Тој ми рече: ’Еј Мехлул, добро погледни ме, затоа што јас заминувам од кај својот дедо, ќе умрам во туѓина и ќе бидам погребан покрај Харун!’’ Караванот на Имамот, а.с., по наредба на Мемун, се движел преку Басра, Ахваз и Фарс. Сакал да не поминуваат низ Џебел (планинско подрачје на запад од Иран меѓу Хамадан и Казвин), Куфа, Керманшах и Ком, места во кои мнозинството население биле следбеници на Ехли-бејтот.
Кога караванот со Имамот, а.с., стигнал на неколку километри пред Мерв, пред него излегол лично Мемун, во друштво на голем број државни министри и абасидски угледници. Со големо уважување го придружувале до градот, каде што калифот наредил на Хазрети Рида, а.с., да му се даде најдоброто сместување и на располагање да му се стави сѐ што ќе посака. После неколку дена предвидени за одмор, започнале разговори. Мемун предложил на Имамот, а.с., веднаш да му се предаде калифатот, а тој да биде негов престолонаследник. Меѓутоа, Имамот, а.с., одлучно го одбил тој предлог. Фадл ибн Сехл за тоа говори со чудење: ’’Никогаш повеќе како тој ден калифатот не го видов поништовен и побезвреден. Мемун го понуди на Али ибн Муса, а тој одлучно го отфрли како непосакано и одвратно нешто.’’ Мемун, кој можеби и претпоставувал дека Имамот, а.с., ќе ја одбие таа понуда, тогаш рече: ’’Кога веќе е така, тогаш прифати ти да бидеш мој престолонаследник.’’ Имамот, а.с., одговори: ’’Прифати го моето одбивање и за оваа понуда.’’ Меѓутоа, Мемун не го прифати тоа, туку остро и налутено, со призвук на закана изјави: ’’Кога Омер ибн Хаттаб умирал, наредил да се свика шесточлен совет во кој се наоѓал и Али ибн Еби Талиб. Наредил да го убијат оној што би се спротивставил на донесената одлука. Затоа прифати го мојот предлог, бидејќи не гледам друго решение.’’ А потоа уште подиректно му се закани на Имамот, а.с.: ’’Секогаш ми се спротивставуваш и се сметаш за безбеден од мене! Се колнам во Бога, ако сега одбиеш дека ќе го наследиш калифатот, ќе те натерам со сила, а ако повторно не прифатиш, ќе те убијам!’’ Имамот, а.с., веќе немаше избор освен да прифати, па рече: ’’Прифаќам да ти бидам престолонаследник, но под услов никогаш да не се занимавам со прашања на власта и државата и да не се мешам во работите како поставувања и менувања, судења, пресуди и фетви.’’
Народот во Мерв се подготвувал да почне со постот на чесниот месец Рамазан во 201 година по Хиџра, кога се проширила веста дека Имамот, а.с., е одреден за наследник на престолот. Тоа предизвикало бран на воодушевеност измешана со чудење. Во Понеделник, седмиот ден од Рамазан, лично Мемун го напишал указот за одредување наследник на престолот. На задната страна од документот требало да се потпише Али ибн Муса Ар-Рида, а.с. Пред да го стави својот потпис, Имамот, а.с., напишал краток текст од кого се насетувало дека тоа го направил против своја волја и дека знае дека потпишаното никогаш нема да се оствари. Потоа на истиот лист, како сведоци, се потпишале и државните угледници, како Јахја ибн Аксам, Абдуллах ибн Тахир и Фадл ибн Сехл. Во Четврток, десетиот ден од Рамазан, се одржала свеченост на давање заклетва, после што Имамот, а.с., и официјално станал престолонаследник на калифот на исламот. Првиот кој на Имамот, а.с., му пружил рака за честитање бил Аббас, синот на Мемун, а после него тоа го направил големиот везир Фадл ибн Сехл, потоа дворскиот муфтија Јахја ибн Аксам, па командантот на војската Абдуллах ибн Тахир, а потоа сите угледници и абасидски првенци по ред. Секако, веста за тоа дека Осмиот Имам, а.с., станал престолонаследник предизвикала радост и веселба меѓу неговите пријатели и следбеници. Меѓутоа, самиот Имам, а.с., бил тажен и потиштен. Кога здогледал еден негов пријател како се весели, го повикал кај себе и му рекол: ’’Не го врзувај своето срце за ова и не се радувај на она што нема да потрае!’’ Анализата на приликите и политичките услови во периодот на Мемун покажува дека тој бил соочен со цела низа тешкотии и невољи, како и дека доста се трудел да ги надмине. За да ги реши, се определил за своевидна повеќеслојна политика, во склоп на која било и поставувањето на Имамот, а.с., на позицијата престолонаследник. Во продолжение ќе направиме краток пресек на политичките тешкотии со кои се соочил Мемун.
Иако, според историските сведочења, Мемун бил поспособен и подостоен за калифатот од Амин, мнозинството Абасиди било против тоа тој да застане на таа позиција. Како што видовме, самиот Харун бил целосно свесен за тоа колку многу се разликуваат двајцата браќа и бил разочаран заради противењето на Абасидите во однос на Мемун. Можеби причината за нивното противење лежела во фактот што Амин го сметале за чист Абасид: татко му бил Харун, а мајка Зубејда. Таа била Хашимијка и внука на Менсур Деваники, па се вбројувала меѓу најблагородните абасидски жени. Амин одраснал под покровителство на Фадл ибн Јахја Бермеки, брат на Харун по млеко и највлијателен човек на дворот. За неговото образование се грижел и Фадл ибн Раби’, Арап чиј дедо бил ослободен роб на Осман и човек во чија љубов кон Абасидите никој не се сомневал. Што се однесува пак до Мемун, тој, како прво, израснал под старателство на Џафер ибн Јахја, чија позиција била послаба од позицијата на неговиот брат Фадл. Друго, човекот што го воспитувал бил личност која нималку не им се допаѓала на Абасидите. Се работело за уште еден Фадл, но овој пат за Фадл ибн Сехл Персијанецот. Меѓу него и воспитувачот на Амин, Фадл ибн Раби’ постоела жестока и нескриена нетрпеливост. Истиот тој човек подоцна ќе ги води сите работи на Мемун. Инаку, Абасидите се плашеле од Персијанците и им пречело нивното мешање во државните работи, па во краток период скоро сите нивни места им ги довериле на Турците.
Амин поседувал многу подобри финансиски услови и имал многу повеќе пријатели од доверба кои работеле на јакнење на неговата позиција. Се работело за личности како неговиот вујко, Фадл ибн Јахја Бермеки, мнозинството од семејството Бермеки (да не речеме сите), неговата мајка Зубејда и други Арапи. Со оглед на околноста дека се работело за влијателни личности, чие мислење го уважувал Харун, природно било да се очекува дека овој ќе попушти пред нивните барања и дека на крај позицијата престолонаследник ќе ја довери на својот помлад син, значи на Амин, а постариот син, Мемун, ќе го одреди за негов наследник. Можеби чувството на приврзаност кон племето и абасидската загриженост, заедно со огромното влијание на Иса ибн Џафер (вујкото на Амин), ја имало најважната улога во одлуката за наследник на престолот да биде одреден Амин. Сепак, во целото кажување најважна била улогата на Зубејда, која по секоја цена настојувала ова прашање да се заврши во корист на нејзиниот син. Покрај сето изнесено, ако во обзир ја земеме важноста на прашањето за семејното потекло меѓу Арапите, многу е веројатно дека Харун и тоа го имал на ум кога предност му дал на Амин. Некои историчари ова вака го толкуваат: Во 176 година по Хиџра, Решид одлучил дека на Мемун му припаѓа правото за местото наследник на престолот после неговиот брат. Мемун од својот брат бил постар еден месец, но Амин бил син на Зубејда, Хашимијка и ќерка на Џафер, додека Мемун го родила робинката Мураџил. Иако татко му му го гарантирал местото после Амин, Мемун воопшто не се чувствувал безбеден во поглед на својата иднина кога станува збор за прашањето на власта. Тогаш, на кого можел Мемун да се потпре во поглед на обезбедување на својата позиција, бидејќи не можел да биде сигурен во својот брат и другите Абасиди, дека еден ден тие нема да ја прекршат спогодбата? Како Мемун можел да дојде до власт? Ако ѝ би успеал, како можел да ја зацврсти и зачува? Сѐ тоа се прашања кои морале да се вртат низ умот на Мемун, па морал, крајно проникливо и внимателно, на нив да изнајде одговори. Сега ќе го покажеме односот на разните групи кон него, за да видиме во која меѓу ним можел да пронајде потпора и поддршка во борбата за власта која му престоела.
[1] Имано, преданието кажува дека Харун играл шах со својата сопруга Зубејда, па бидејќи ја изгубил партијата, Зубејда како казна за поразот на харун му одредила да спие со најгрдата од робинките од кујната. Бидејќи на Харун му било одвратно да го исполни барањето на својата сопруга, тој ѝ го понудил целиот данок од Египет и Ирак, само да го ослободи од нејзиното барање, но таа тоа не го прифатила. Тогаш Харун, немајќи решение, ја нашол робинката Мураџил, која важела за најгрда, па после односот со неа зачнал Мемун. (Демири, Хијатул-хејван, Каиро, Мектебетул-теџаријетул-кубра, 1383. г.х.))
[2] Сејјид Џафер Муртаза Хусејни, Зендегије сијасије хаштомине емам, стр. 97.