Науки чие изучување ги поттикнува Кур’анот
Чесниот Кур’ан во многу ајети, а овде не ги пренесуваме сите, повикува на размислување за небесните знаци, светлечките ѕвезди со чудна позиција и за совршениот систем во кој тие пловат. Тој повикува на размислување за создавањето на Земјата, морињата, планините, котлините и за она што е чудно во утробата на Земјата, за смената на ноќта и денот и за измената на годишните времиња. Повикува на размислување за мистериозното однесување на билките и системот кој тие го следат и за создавањето на животните, нивните траги и тоа што тие го даваат во животот. Кур’анот повикува на размислување за феноменот на создавање на самиот човек и тајните вградени во него. Дури, повикува на размислување во врска со душата и нејзините внатрешни тани и нејзината поврзаност со повисоките светови. Исто така повикува на патување по разните предели на Земјата и на размислување за древните траги, повикува на истражување на состојбите на народите и човечките заедници, на нивната традиција и историја. На посебен начин Кур’анот повикува на изучување на природните, математичките, филозофските и другите науки до кои допира човековата мисла и го поттикнува нивното истражување заради општо човечката корист и усреќување на човечкиот род. Да, Кур’анот повикува кон овие науки условувајќи тие да бидат пат на спознание на вистината и вистинскиот смисол и огледало на спознанието на вселената, што е претпоставка за спознание на Возвишениот Аллах. Што се однесува до науките кои човекот го одвраќаат од вистината и правиот смисол во речникот на Кур’анот за нив е синоним за глупост и незнаење. Возвишениот Аллах вели:
Тие ја знаат само надворешната страна на животот на овој свет, а кон оној свет се рамнодушни.[1]
Кажи ми ти Мене кој ќе го упати оној кој страста своја ја зел за бог, оној кого Аллах, знаејќи го, го оставил во заблуда и неговиот слух и неговото срце ги запечатил, а пред неговите очи ставил завеса? Кој ќе му укаже на правиот пат, ако не Аллах? Зошто не се вразумите?[2]
[1] Ер-Рум, 7.
[2] Ел-Џасије, 23.