Дефиниција на историјата
Која е дефиницијата на историјата?
Историјата е можно да се одреди на три начини. Во стварност, може да постојат три науки врзани за историјата, а кои меѓусебно се блиску поврзани.
- Наука за настаните, состојбите и приликите на луѓето во минатото, наспроти состојбите и приликите кои постојат во сегашноста. Секоја положба и состојба, секој настан досега, значи до времето во кое зборуваме и судиме за нив, се нарекува настан на денот, дневен тек и таквите настани се забележуваат во весниците и дневниот печат. Меѓутоа, штом нивното време пројде и тие му припаѓаат на минатото, стануваат дел од историјата и припаѓаат на историјата. Значи историјата како наука, во ова значење подразбира знаење за изминатите случувања, настани и состојби на претходните генерации. Записите за биографиите, победите и сл. кои се напишани меѓу сите народи, влегуваат во оваа категорија.
Историската наука во ова значење, најпрво е партикуларна, т.е. наука за низа на поединечни и индивидуални појави, а не наука за генерализации и низа на правила, мерила и односи; второ, историјата е традиционална, а не интелектуална наука; трето, тоа е наука за она што било, а не за тоа како настанало и четврто, се однесува на минатото, а не на сегашноста. Овој вид на историја го нарекуваме традиционална историја.
- Наука за правилата и законите кои владеат со изминатите животи, а за кои дознаваме низ проучување, истражување, анализа на настаните и случувањата од минатото. Она од што се состојат содржината и прашањата на традиционалната историја, т.е. изминатите настани и случувања, се смета за основа и вовед во оваа наука. Во стварност, тие настани и случувања за историчарите имаат улога слична на онаа која материјалот и сировината ја имаат за научникот на природните науки: тој ги собира во својата лабораторија, потоа ги анализира, ги проучува, ги спојува за да ја открие нивната природа и обележја и да ги разбере нивните причинско-последични односи, па да дојде до сеопфатните закони.
Историчарот, во друго значење, настојува да ја открие природата на историските настани и последичните односи помеѓу нив, за да стигне до низата на општи правила и закони кои начелно можат да се доведат во врска со сите слични случаи во сегашноста и минатото. Историјата во ова значење ја нарекуваме научна историја.
Иако предмет и тема на анализата на научната историја се настаните и случувањата кои му припаѓаат на минатото, теориите и правилата кои се извлекуваат не се однесуваат исклучиво на минатото, туку можат да се применат и на сегашноста и на иднината. Тој го прави овој вид на историја многу вреден, класифицирајќи ја како еден од изворите на човековото спознание, затоа што му овозможува на човекот да ја совлада својата иднина.
Разликата која што постои помеѓу работата на истражувачот на научната историја и работата на научникот на природните науки е во тоа што предметите на истражување на природонаучникот се низа на постоечки објективни факти и сигурно е дека неговите анализи и истражувања се објективни и искуствени, додека материјата која ја истражува историчарот постоела во минатото, а не во сегашноста и единствено нешто што постои се податоци и документи за нив. Историчарот, во своето просудување е како судија кој врз основа на постоечките докази и сведоштва, а не врз основа на сведочењето на очевидци, го носи својот суд за предметот. Заради тоа, анализата на историчарот е логична, со помош на разумот и научна, а не објективна и надворешна анализа. Историчарот својата анализа ја врши во лабораторијата на разумот, користејќи се со заклучување и споредба, а не во надворешната лабораторија, користејќи епрувети и сл. Заради тоа, во овој поглед работата на историчарот е повеќе слична на работата на филозофот, отколку на работата на научникот на природните науки.
Научната историја, како и традиционалната, се однесува на минатото, а не на сегашноста и тоа е наука за она што било, а не за она што настанува, но за разлика од традиционалната историја е универзална, а не партикуларна, интелектуална, а не традиционална.
Во стварност, научната историја е дел од социологијата. Може да кажеме дека тоа е социологија на минатите општества. Предметите и темите на истражување на социологијата се општи и ги опфаќаат и минатите и сегашните општества. Ако социологијата ја ограничиме на истражување на современите општества, тогаш научната историја и социологијата ќе бидат две науки, но две сродни и блиски науки кои се потребни една на друга.
- Филозофијата на историјата е наука за промените и преобразувањата на општествата низ степените и за законите кои владеат со тие промени и преобразувања. Со други зборови, тоа е наука за настанувањето, а не за постоењето на општеството.