Дали човекот по својата природа е социјално битие?
Од дамнина се поставувало прашањето: под влијанието на кои чинители настанал општествениот живот на човекот? Дали човекот е создаден како општествено суштество природно, значи како делче од целината и во неговата суштина постои тежнеењето да се спои со својата целина или одреденоста и нужноста однадвор го принудиле да го прифати општествениот живот, т.е. сака ли човекот, во склад со својата првобитна природа да биде слободен и да не прифаќа никакви услови, рамки и наметнување, а кои се нужност на заедничкиот живот но, врз основа на искуството сфатил дека не е во состојба да преживее самостојно, па заради нужноста го прифатил општествениот живот?
Постои и трета можност: дека човекот не е создаден како општествено суштество, но нужноста не била чинителот кој го поттикнал на општествениот живот, или, во најдобар случај, не била единствениот чинител, туку врз основа на својот првобитен ум и моќта за проникливост, дошол до заклучок дека преку соработката, заедничката работа и општествениот живот, подобро може да ги искористи можностите на создадениот свет, па го избрал ова учество.
Значи, прашањето може да се постави во три облици:
1. Дали општествениот живот на човекот е природен?
2. Дали општествениот живот на човекот е нужен?
3. Дали општествениот живот на човекот е избор на човекот?
Според првата теорија, општествениот живот на човекот, како што е семејниот живот на жената и мажот, е таков што и едното и другото се создадени како делови на една целина и во суштината на секое од нив постои тежнеење за спојување со својата целина.
Според втората теорија, општествениот живот е како соработка и сојуз на две земји кои поединечно се сметаат слаби пред заедничкиот непријател и принудени се да воспостават некој вид на врска и меѓусебна складност.
Третата теорија го гледа општествениот живот како претпријатие на двајца деловни луѓе кои за остварување на поголема добивка формираат една трговска, земјоделска или индустриска компанија.
Според првата теорија, главниот чинител е внатрешната природа на човекот, според втората, тоа е надворешен чинител, надвор од човековото суштество, а според третата – силата на човековиот разум, промисленоста и проникливоста.
Според првата теорија, општествената припадност е една општа цел и смисла кон која човекот е насочен по својата првобитна природа. Втората теорија тврди дека општествената припадност е една од случајните појави и, како што велат филозофите, претставува второстепена, а не првостепена цел, а третата дека општествената припадност е еден вид на разумска, а не природна цел.
Од ајетот на чесниот Кур’ан може да се заклучи дека општествената припадност на човекот е всадена во суштината на неговото создавање. Во сурата Ел-Хуџурат, во 13 – тиот ајет се вели:
يَا أَيُّهَا النَّاسُ إِنَّا خَلَقْنَاكُم مِّن ذَكَرٍ وَأُنثَى وَجَعَلْنَاكُمْ شُعُوبًا وَقَبَائِلَ لِتَعَارَفُوا إِنَّ أَكْرَمَكُمْ عِندَ اللَّهِ أَتْقَاكُمْ إِنَّ اللَّهَ عَلِيمٌ خَبِيرٌ
О, луѓе, Ние од еден маж и од една жена ве создадовме и на народи и на племиња ве поделивме за да се запознаете. Најугледен кај Аллах е тој што најмногу се плаши од Него.
Овој чесен ајет, покрај донесувањето на еден морален совет, укажува и на општествената филозофија на посебното создавање на луѓето во смисла на обликување во различни групи од типот на народи и племиња.
Припадниците на различни народи и племиња се запознаваат меѓусебно, а тоа е неделив услов на општествениот живот. Значи, да ги нема овие врски кои, од една страна ги поврзуваат луѓето, а од друга страна ги разделуваат, меѓусебното запознавање би било невозможно и, според тоа, општествениот живот кој е заснован на меѓусебните односи на луѓето, би бил невозможен. Овие и слични на нив појави, како што е разликата во изгледот, бојата на кожата и висината, овозможуваат услови за идентификација на секоја личност.
Кога, под претпоставка, сите луѓе би биле идентични, со една боја на кожа и изглед и кога меѓу нив не би владееле различни односи и припадности, тогаш би биле како идентични производи на една фабрика, така што би било невозможно нивното споредување и меѓусебно запознавање и во крајна линија, тоа би го оневозможило нивниот општествен живот на основа на односите, размената на мислења, производите и работата.
Според тоа, припаѓањето на различни народи и племиња во себе носи мудрост и природна намена, а тоа е разликување и меѓусебно запознавање на луѓето – што е неодвоив услов на општествениот живот – а не возвишување и сметање дека едниот е надреден на другиот, затоа што, навистина, изворот на благородноста и честа кај човекот е богобојазливоста.
Во 54 – тиот ајет на сурата Фуркан се вели:
وَهُوَ الَّذِي خَلَقَ مِنَ الْمَاء بَشَرًا فَجَعَلَهُ نَسَبًا وَصِهْرًا
Тој од вода ги создава луѓето и прави да се роднини по крв и сватовштина.
Овој чесен ајет наведува на тоа дека крвните и врските по сопругата кои го прават темелот на меѓусебното поврзување и запознавање на луѓето, се поим кој е поставен во самото создавање со универзална цел.
Во 32 – риот ајет на сурата Ез-Зухруф се вели:
أَهُمْ يَقْسِمُونَ رَحْمَةَ رَبِّكَ نَحْنُ قَسَمْنَا بَيْنَهُم مَّعِيشَتَهُمْ فِي الْحَيَاةِ الدُّنْيَا وَرَفَعْنَا بَعْضَهُمْ فَوْقَ بَعْضٍ دَرَجَاتٍ لِيَتَّخِذَ بَعْضُهُم بَعْضًا سُخْرِيًّا وَرَحْمَتُ رَبِّكَ خَيْرٌ مِّمَّا يَجْمَعُونَ
Зарем тие да расподелуваат милоста на Господарот твој? Ние им даваме се што им е потребно за животот на овој свет и Ние едни над други ги издигнуваме за неколку степени, за едните да ги служат другите. – А милоста на Господарот твој е подобра од тоа што тие го натрупуваат.
Во расправата за монотеизмот (поглавје Монотеистички поглед на свет) расправавме за значењата на овој чесен ајет и нема тоа да го повторуваме овде. Само накратко ќе кажеме дека ајетот укажува на тоа дека луѓето, во поглед на можностите и способностите не се создадени еднакви, затоа што сè и да се еднакви, секој би го имал истото што го имаат и останатите, а и недостаците би им биле исти и на тој начин, не би постоела взаемна потреба, врски и размена на услуги.
Бог ги создал луѓето различни во поглед на способностите и физичките, духовните, емотивните и умствените можности. На некои им подарил одредени доблести кои се повеќе изразени отколку кај другите, а на другите им подарил некои особини кои првите ги немаат. На тој начин направил природно да се потребни едни на други и да тежнеат кон поврзување и со тоа се создадени условите за поврзан општествен живот. Исто така, овој ајет укажува на тоа дека општествениот живот на човекот е природен, а не само договорен, избран, нужен или наметнат.