Еднообразноста или повеќеслојноста на општествата во поглед на суштината
Дали е општеството еднообразно или повеќеслојно во поглед на суштината?
Анализирањето на ова прашање – како што веќе кажавме претходно – исто така е нужно во секоја школа на мислења. На основа на ова прашање станува јасно дали можат сите човекови општества да бидат следбеници на една идеологија, или соодветно на бројот и видот на идеологии и општества, треба да бидат бројни и разновидни. Значи, секој народ и секоја заедница, секоја цивилизација и култура треба да имаат своја посебна идеологија, затоа што идеологијата подразбира збир на стратегии и методи кои општеството го упатуваат и водат во правецот на совршенството и среќата.
Од друга страна, знаеме дека секој вид има посебни карактеристики и можности и дека го очекува посебно совршенство и среќа. Никогаш совршенството и среќата на еден коњ не се истоветни на совршенството и среќата на една овца или човек. Значи, ако сите општества – со претпоставка за нивната оригиналност и предметност – имаат една срж, една природа и една суштина, тогаш постои можност да имаат и единствена идеологија, а нивните разлики ќе бидат во границите на индивидуалните разлики на еден вид. Секоја жива идеологија може да поседува способност за прилагодување во границите на индивидуалните разлики. Меѓутоа, ако општествата имаат различна срж, природа и суштина, природно е дека ќе имаат и разновидни стратегии, методи, идеи, совршенства и среќа – не може една идеологија да ги опфати сите.
Истоветна сличност постои и кога се во прашање промените и преобразбите на општеството со текот на времето. Се менуваат ли општествата низ текот на промената и преобразбата на својата суштина и типичните особини? Важи ли начелото за промена на видот, но во делокругот на општеството? Дали општествените промени и преобразби се налик на промените и преобразбите на една личност, кај која типичните особини и суштината остануваат сочувани и низ промените и преобразбите?
Првото прашање се однесува на општеството, а второто на историјата. Сега ќе се насочиме на првото прашање, a второто ќе го оставиме за расправата на тема историја.
Социолошките истражувања можат да изнесат став за тоа, дали постои одредена низа на заеднички суштински особини помеѓу општествата или не постои? Се однесуваат ли разликите помеѓу општествата на појави кои се набљудуваат како површни и се последица на она што е надвор од суштината и природата на општеството, додека сè она што се однесува на суштината и природата на општеството е единствено? Дали, во основа, општествата се различни во својата суштина и природа и делуваат ли различно, дури и под претпоставка дека се истоветни во поглед на надворешните услови? Ова е еден од начините кој го предлагаат филозофите со цел разграничување на нејаснотиите околу типолошкото единство и повеќеслојноста на нештата.
Овде постои и еден пократок пат, а тоа е самиот човек. Јасниот факт во поглед на човекот е тој дека човекот е единствен вид. Од почетокот, од кога се појавил, тој во биолошки поглед до денес не се променил. Некои научници тврдат дека природата, откако текот на развој на живите суштества стигнал до степенот човек, го променила својот правец и развојот е пренесен од биолошкиот во општествениот простор, па насоката на движење на текот на развојот е преместена од физичкото и телесното подрачје во духовниот делокруг.
Претходно, во расправата за социјалната природа на човекот, заклучивме дека човекот – кој е еден, а не повеќе видови – е социјално суштество како последица на својата првобитна природа. Значи, човековата социјална природа, негово општествено уредување, стекнувањето и поседувањето на колективен дух, произлегуваат од суштинското обележје на неговиот вид кој воедно е и природно обележје на човекот. За достигнување на совршенството и потполноста за која поседува способности, човековиот вид има социјална тенденција и осигурува услови за појава на колективниот дух. Самиот колективен дух е налик на средство кое човекот го доведува до ултимативна потполност. Според тоа, типичната особина на човекот е таа која го одредува текот и правецот на колективниот дух. Со други зборови, колективниот дух, на свој начин, е во служба на човековата првобитна природа. Човековата првобитна природа е продуктивна и делотворна сè додека човекот постои. Значи, потпора на колективниот дух е индивидуалниот дух; со други зборови, човековата првобитна природа е човекот, а со оглед на тоа што човекот е единствен вид, човековото општество исто така има единствена срж, природа и суштина.
Секако дека како што една личност понекогаш скршнува од патот на својата првобитна природа и станува изобличена, истото се случува и со општеството. Разновидноста на општеството е како моралната разновидност на поединците која, во секој случај, не е надвор од рамките на човековиот вид. Значи, општествата, цивилизациите, културите и, на крај – краишта, колективниот дух кој владее во различните општества, со сите свои разлики, облици и бои, имаат боја на типична човекова особина и немаат не-човекова суштина.
Навистина, ако ја прифатиме четвртата теорија за композицијата на општеството, па да не ги набљудуваме поинаку луѓето освен како безоблична материја и празен сад без содржина и, на крај – краишта, ако го порекнеме начелото на првобитната природа, можеме да зборуваме за различноста на видовите и суштинската разлика на општествата. Оваа теорија, во својот диркемовски облик, во никој случај не е прифатлива. Првото прашање кое останува без одговор е: ако првобитните ембриони на колективниот дух не произлегуваат од индивидуалноста и природната, биолошка димензија на луѓето, каде е во тој случај нивното извориште? Дали колективниот дух настанал од целоснa испразнетост? Дали за објаснување на колективниот дух е доволно да кажеме дека од кога постои човекот, постои и општеството? Покрај тоа, и самиот Диркем (Durkheim) е уверен дека социјалните факти – значи појавите кои се однесуваат на општеството и кои ги создал колективниот дух, како што се верата, моралот, уметноста и сл. – постоеле, постојат и ќе постојат во сите општества и, според неговите зборови, ги одредува временска непрекинатост и просторна раширеност. Токму ова е доказ на основата на која Диркем му припишува на колективниот дух единствена суштина и вид.
Исламското учење кое верата, воопшто, ја смета за единствена, разликите во законите (шеријатите) ги смета за второстепени, а не за суштински разлики. Од друга страна, знаеме дека верата не е ништо друго освен распоред на поединечното и општественото усовршување. Ова, само по себе е показател дека е заснована на единството на општеството, затоа што ако општествата би биле разновидни, тогаш и крајната цел и начините да се стигне до неа би биле различни и бројни. Соодветно на тоа, суштините на верата би биле бројни и различни. Чесниот Кур’ан, упорно и силно го нагласува учењето дека во сите подрачја, општества и во тек на сите времиња и периоди, постои само една вера. Од становиште на Кур’анот, не постоеле вери, во множина, туку постоела само вера, во еднина. Сите пратеници се повикувале на една вера, еден пат и една основна цел.
شَرَعَ لَكُم مِّنَ الدِّينِ مَا وَصَّى بِهِ نُوحًا وَالَّذِي أَوْحَيْنَا إِلَيْكَ وَمَا وَصَّيْنَا بِهِ إِبْرَاهِيمَ وَمُوسَى وَعِيسَى أَنْ أَقِيمُوا الدِّينَ وَلَا تَتَفَرَّقُوا فِيهِ
Тој ви го пропишува во верата истото тоа што му го наредил на Нух и истото што ти го објавуваме тебе, и тоа што му го наредивме на Ибрахим и на Муса и на Иса: „Вистинската вера исповедајте ја и во тоа не се разделувајте.”
Во Кур’анот постојат многу ајети кои зборуваат дека верата е една во сите времиња и места, на сите јазици на вистинските Божји пратеници, а разликите во верозаконите во стварност се разлики помеѓу недостатоците и совршенството. Заклучокот дека верата има само една суштина, а не повеќе е заснован на следниот поглед на свет за човекот и човековото општество: човекот е единствен вид, а не повеќе различни видови – исто како што човековото општество е еден објективен факт, едно, а не повеќе видови.