Кур’анот е автономен по својата смисла
Дали Кур’анот е автономен по својата смисла?
Благородниот Кур’ан е говор како и останатите говори со кои луѓето говорат. Тој, со јасна смисла укажува на намерно значење и она што се бара од објаснувањето на смислата и податоците иво Кур’анот нема ништо сокриено од слушателите на неговите ајети. Не наоѓаме никакви докази дека Кур’анот со своите зборови укажува на некои други значења, освен оние до кои доаѓаме и кои ни се поддаваат од неговите зборови и реченици. Што се однесува до јасноста на Кур’анот во неговата смисла и значењето, кој било човек, кој го разбира арапскиот јазик е во можност да допре до значењето на благородните ајети на ист начин како што допира и до значењето на секој друг говор на арапски јазик. Покрај тоа, во многу ајети наоѓаме говор и дискурс насочен кон посебни групи, како што се синовите Израилови, или верниците,или неверниците. А, има и ајети во Кур’анот кои се обраќаат на целокупното човештво.[1] Со нив Кур’анот дебатира, ги предизвикува да донесат говор сличен на Кур’анот ако се сомневаат во тоа дека Кур’анот е од Возвишениот Аллах. Сосема е јасно дека, не би било од никаква корист да зборуваш со луѓето со термини кои не им се јасни, како што не би користел ни предизвикот да донесат сура слична на Кур’анот ако не ги разбираат зборовите со кои е упатен предизвикот. Покрај сето тоа Кур’анот уште вели:
أَفَلَا يَتَدَبَّرُونَ الْقُرْآنَ أَمْ عَلَى قُلُوبٍ أَقْفَالُهَا
Како тие не размислуваат за Кур’анот, или на срцата имаат катанци![2]
Исто така, Кур’анот вели:
أَفَلاَ يَتَدَبَّرُونَ الْقُرْآنَ وَلَوْ كَانَ مِنْ عِندِ غَيْرِ اللّهِ لَوَجَدُواْ فِيهِ اخْتِلاَفًا كَثِيرًا
А зошто тие не го проучуваат Кур’анот? Бидејќи, да е од некој друг, а не од Аллах, тие во него би нашле многу противречности![3]
Овие два ајети укажуваат на неопходност од размислување за Кур’анот во смисла на негово разбирање. Размислувањето за Кур’анот го отстранува она што на прв поглед се отчитува како разлика и неконзистентност помеѓу ајетите. Сосем е јасно дека, доколку ајетите не би имале надворешна, јасна смисла на своето значење, тогаш не би имало смисла да се размислува и подлабоко да се навлегува во нив, како што не би останал ниту простор за решавање на формалните разлики помеѓу ајетите со посредство на размислување и продирање во нив.Тврдиме дека не постои некој надворешен доказ со кој би се одрекол авторитетот на надворешната јасност на Кур’анот, затоа што ние никаде не сме нашле докази за такво нешто, освен тврдењето на некои луѓе дека ние – во разбирањето на значењето и интенцијата на Кур’анот – мораме да се враќаме на она што е пренесено од Пратеникот, с.а.в.а, или што е пренесено од неговото чисто семејство,а.с. Но, ова нивно тврдење е несигурно и не може да се прифати, затоа што, јасноста и авторитетот на Зборовите на Аллаховиот Пратеник и Имамите, нека е мирот со нив, мора да се извлече и разбере од Кур’анот, а не обратно – јасноста на Кур’анот да се извлекува од Зборовите на Аллаховиот Пратеник и Имамите, мир со нив. Имено, како да се разбере тоа дека солидноста на надворешното значење на Кур’анот се темели на нивните (Пратениковите и на Имамите) искази?! Напротив, ние згора на тоа тврдиме: Докажувањето на самиот темел на пратеништвото мора да се поврзе за нишката на Кур’анот кој е темел на пратеништвото, како што претходно кажавме. Ова што го наведуваме не е противречно со тоа дека должноста на Пратеникот и Имамите, мир со нив, е да објаснуваат некои поединечни прописи и некои детаљи од шеријатските прописи кои што не ги наоѓаме во надворешното значење на Кур’анот; ниту е противречно на тоа да бидат водачи кон спознанијата на Чесниот Кур’ан, како што и се гледа од следните ајети:
وَأَنزَلْنَا إِلَيْكَ الذِّكْرَ لِتُبَيِّنَ لِلنَّاسِ مَا نُزِّلَ إِلَيْهِمْ
А тебе ти го објавуваме Кур’анот, за да им го објасниш на луѓето тоа што ти се објавува![4]
وَمَا آتَاكُمُ الرَّسُولُ فَخُذُوهُ وَمَا نَهَاكُمْ عَنْهُ فَانتَهُوا
Што Пратеникот ќе ви го даде – земете го, а тоа што ќе ви го забрани – оставете го![5]
وَمَا أَرْسَلْنَا مِن رَّسُولٍ إِلاَّ لِيُطَاعَ بِإِذْنِ اللّهِ
А Ние ниту еден Пратеник не испративме, освен за да му се покоруваме со Аллаховото одобрение.[6]
هُوَ الَّذِي بَعَثَ فِي الْأُمِّيِّينَ رَسُولًا مِّنْهُمْ يَتْلُو عَلَيْهِمْ آيَاتِهِ وَيُزَكِّيهِمْ وَيُعَلِّمُهُمُ الْكِتَابَ وَالْحِكْمَةَ
Тој на неписмените им испрати Пратеник, еден помеѓу нив, ајетите Негови да им ги кажува, и да ги исчисти и да ги научи за Книгата и за мудроста![7]
Она што се подразбира од наведените ајети е тоа дека Пратеникот,с.а.в.а. е тој кој објаснува поединечни нешта и детаљи на шеријатот и тој е Божествениот Учител (Учител од Бога даден) за Возвишениот Кур’ан. Исто така, се подразбира од хадисот ес-секалејн (es-sekalejn) дека Имамите, мир со нив, се наследници на Божијот Пратеник во сето тоа. А сето погоре кажано не е противречно на тоа дека се доаѓа до намерата и значењето на Кур’анот со посредство на надворешното значење на ајетите за оној кој тоа го изучил од вистинскиот учител кој има правилно чувство и сетило во разбирањето.
[1]На пример: „О, вие кои верувате“ , „О, следбеници на Книгата!“, „О, синови Исраилови“ , „О, луѓе“
[2]Мухаммед,24
[3]Ен- Ниса, 82
[4]Ен-Нахл,44
[5]Ел- Хашр, 7
[6]Ен- Ниса, 64
[7]Ел-Џума, 2