Решение на неколку приговори на тема Божја правда
Приговор: Како постоечките разлики помеѓу созданијата, посебно помеѓу луѓето, можат да се помират со Божјата права? Зошто Мудриот и Праведен Бог не ги создал сите суштества еднакви?
Одговор: Различноста на созданијата, кога станува збор за степенот на егзистенција на кој тие се наоѓаат, е нешто што бара поредок на создавање и кое што го следи текот на законот за каузалност кој владее над нив. Претпоставката за нивна еднаквост е наивна, затоа што доколку би размислиле малку повнимателно, би сфатиле дека ваквата претпоставка е еднаква на отсуство на создавање, затоа што доколку, на пример, сите луѓе би биле или жени или мажи, во тој случај не би имало раѓање на деца, што значи дека човековиот вид би исчезнал. Доколку, на пример, сите созданија би биле луѓе, тогаш не би имало ништо за исхрана и за осигурување на останатите човекови потреби. Доколку сите созданија би биле животни или растенија од ист вид, со исти одлики, во тој случај не би ја имале целата убавина која нè опкружува, ниту целокупната полза која е производ на различноста. Појавувањето на овој или оној вид на појави на овој или оној начин е резултат на следењето на причинителите и условите кои постојат во универзалното движење и промени на материјата. Никој пред создавањето нема некакво право кај Бог, на основа на кое би го создал ваков или онаков, овде или на друго место, во ова или она време, за да ја начнеме на тој начин темата за правдата или неправдата.
Приговор: Ако Божјата мудрост бара човекот да живее на Овој свет, тогаш зошто човекот умира?
Одговор: Како прво, смртта и животот се „созданија” кои на Овој свет ги следат законите на создавањето и односите на причинителите и последиците и тие се неопходен дел од поредокот на создавањето. Второ, ако живите битија не би умирале, не би имало простор, ниту услови да се појават идните генерации на битија и на тој начин идните генерации би биле лишени од дарот на животот. Трето, ако претпоставиме дека само луѓето живеат вечно, набрзо би настанале услови во кои земјата би станала тесна за живот. Во такви услови би настанале бројни неволји, би завладеала глад и човекот би почнал да ја посакува смртта. Четврто, основната цел на човековото создавање е достигнувањето до вечната среќа и додека луѓето, со посредство на смртта не си отидат од Овој свет, нема да можат да стигнат до крајната цел.
Приговор: На кој начин, со Божјата правда, можат да се помират сите маки, болести, природни несреќи како што се поплавите, земјотресите и општествените катастрофи како што се војните и различните форми на зло?
Одговор: Како прво, неугодните природни појави произлегуваат од акцијата и реакцијата, како и судирите на природните чинители, а со оглед на тоа што нивната полза е поголема од штетата, во тој случај не се во спротивност со Божјата мудрост. Исто така, појавата на општествени пореметувања ја бара човековата слободна волја, која од своја страна ја бара Божјата мудрост. Во исто време, ползите од општествениот облик на живот се поголеми и побројни од она што го пореметува, а ако она што го пореметува би било побројно, во тој случај не би останал ниту еден човек на Земјата. Второ, постоењето на овие тешкотии, од една страна станува повод човекот да вложи напор во научни истражувања за да ги открие тајните на природата, што доведува до појава на цела низа на науки и различни индустриски гранки. Од друга страна, постојаниот допир со тешкотиите претставува силен поттик за раст и процут на способностите и талентите потребни за напредувањето на луѓето. На крај, трпењето и поднесувањето на проблемите и тешкотиите на овој свет, доколку биде насочено по исправни текови, со себе повлекува вредни и огромни награди во Светот на вечноста и ќе биде надокнадено на најдобар начин.
Приговор: Како да се помири Божјата правда со вечната џехеннемска казна која е подготвена како одговор за ограничените гревови кои се сторени на Овој свет?
Одговор: Помеѓу добрите и лошите дела и ахиретската награда, постои еден вид на причинско-последични односи кој е обелоденет и покажан на луѓето со посредство на Божјата Објава. На ист начин на кој некои злочини, уште на Овој свет се казнувани со долги и тешки казни – на пример, ако се случи во еден момент да го повредиме своето или туѓото око и за цел живот да останеме слепи – на ист начин големите гревови имаат свои вечни последици на Другиот свет. Доколку човекот не обезбеди средства за нивна преобразба како што е покајанието, уште на Овој свет, лошите последици на тие гревови ќе го следат вечно. Исто како што и доживотното слепило кое е производ на една грешка или злочинот кој се случил во еден момент, не е во спротивност со Божјата правда, исто така ниту паѓањето во амбисот на вечното страдање под влијанието на големите гревови не е во спротивност со Божјата правда, затоа што тоа е последица на дела кои грешникот ги направил свесно.