Значење и степенување на Божјото единство – Тевхидот
Етимолошкото значење на зборот тевхид означува придржување кон еден и сметање како единствен. Во теолошката, филозофската, етичката и гностичката терминологија се употребува во различни значења, а во секое од нив на посебен начин се зема предвид Божјото единство. Некогаш за тоа се говори како за категории или степенување на тевхидот.
Најпознати термини врзани за оваа тема се:
- Негирање на бројноста
Првото познато терминолошко значење на тевхидот значи верување во Божјото единство и негирање на бројноста и мноштвото надвор од Неговата суштина што очигледно е спротивно на многубоштвото, односно верувањето во два или повеќе богови според кое, секој има свое посебно битие одвоено од другите богови.
- Негирање на сложеноста
Другото терминолошко значење е верување во единството и елементарноста внатре во Суштината, односно верување во несложеноста на Божјото Битие од актуелните или пак потенцијалните делови.
Ова значење претежно го објаснуваме како својство на одрекување (негирање на сложеноста) како што е укажано во едно од претходните поглавја, со тоа што нашиот ум подобро го познава поимот сложеност и неговото одрекување отколку поимот елементарност.
- Негирање на својствата додадени на Битието
Третото терминолошко значење на тевхидот е верувањето дека својствата се исто што и Суштината Божја. Негирањето на својствата како додаток на Суштината Божја уште се нарекува и тевхид во својствата, а со јазикот на преданијата се нарекува одреченост на својствата (нефсије сифат), што е спротивно на она како што некои (како еш’ариите) го замислиле како додатоци на Суштината Божја, верувајќи во осум вечни нешта. Доказ за единството на Божјите својства е тоа што, доколку секое својство би имало одделни објективни примери, во тој случај може да се претпостават само неколку состојби: или би можело да се претпостави дека тие објективни примери се наоѓаат внатре, во Суштината Божја, што би значело дека Суштината Божја е составена од делови, а веќе е докажано дека такво нешто е невозможно; или објективните примери се надвор од создавачката суштина Божја; или се земаат предвид како Божји созданија, односно постоечки битија.
Претпоставката дека секое од нив е неопходно постоечко битие ќе значи верување во повеќе богови што очигледно е многубоштво и тешко дека некој муслиман верува во нешто такво. Што се однесува до претпоставката за тоа дека се посреди можни постоечки битија, тоа би значело дека Бог во Својата Суштина отпрво нема такви својства, а потоа ги создава и ги припојува кон Себе. На пример, и покрај тоа што во Суштината нема својство на живот, создава „битие” по име живот и со негова помош и тој станува поседник на животот, а исто така е и кога станува збор за знаењето и моќта. А невозможно е Причинителот Кој дарува егзистенција во Својата Суштина да не го поседува совршенството на Своите созданија. Од тоа, уште посрамотно би било тоа што Тој, во овој случај, би станал поседник на животот, знаењето, моќта и другите својства, благодарение на Своите созданија. Со докажување на неисправноста на овие претпоставки станува јасно дека Божјите својства немаат меѓусебно одвоени објективни примери ниту од Суштината Божја, туку тоа се сè поими кои разумот ги апстрахира од една и елементарна Света Суштина Божја.
- Активен тевхид
Следниот термин кој се користи во филозофијата и теологијата е терминот активен тевхид (тевхиде еф‘али). Станува збор за тоа дека Возвишениот Бог, во правењето на делата нема потреба од никого и за ништо и ниедно битие, на никаков начин не може да Му пружи помош.
Ваквиот пристап, земајќи ја предвид одликата на каузалноста на дарувањето на егзистенција, ни го докажува Неговото старателство над сите Негови последици, затоа што последицата на таквиот причинител со цело свое битие е зависна од причинителот или како што тоа филозофите го велат: „Последицата е всушност чиста врска и зависност” од Него, без никаква независност од себе.
Со други зборови, сè што било кој поседува – го поседува од Него и во рамките на Неговата моќ, превласт, создавачка и вистинита власт, а моќта и власта на другите на вертикалата е под Неговата моќ и претставува огранок на таа моќ. Значи, тие моќи не можат да претставуваат никаква пречка за Неговата моќ. Така, конвенционалното поседување на имотот кој робот го стекнал се наоѓа во вертикалата на конвенционалното поседување на неговиот сопственик (робот и она што тој го поседува му припаѓаат на сопственикот на робот). Како тогаш е можно Возвишениот Бог да има потреба од помош од оние битија чија целокупна егзистенција и сите аспекти на егзистенцијата потекнуваат од Него и опстојуваат од Него!
- Независност во вршењето на влијание
Следното терминолошко значење на тевхид е независноста во влијанието[1]. Тоа значи дека Божјите созданија во своите дела исто така не се независни од Божјата помош. Влијанијата кои се остваруваат помеѓу нив се случуваат со Божја дозвола и под закрила на моќта која им ја дава Аллах. Во стварност, единствено нешто што може независно, без потреба од нешто друго, на сите места и во сè да врши влијание, е токму Светата Суштина Божја. Активноста и влијанието на другите се случуваат во продолжение на Неговата активност и влијание, во Неговата закрила. На основа на ова, чесниот Кур’ан, ефектите на природните и останатите чинители (како мелеците, џините и луѓето) му ги припишува на Возвишениот Бог па, на пример, врнењето на дождот, никнувањето на растенијата, раѓањето на овошките на дрвјата му го припишува на Бог, нагласувајќи дека луѓето треба да го сфатат и прифатат ова врзување за Бог кое во продолжението се врзува за блиските фактори и секогаш треба да бидат свесни за Него.
За да го разбереме подобро ова, ќе наведеме пример од секојдневниот живот: Доколку шефот на некој уред, на својот работник или службеник му заповеди да сработи некоја работа, иако таа работа ја извршува работникот, во исто време, тоа дело на повисок степен се припишува на шефот; што е уште повеќе, учените луѓе врзувањето на оваа работа за шефот ја сметаат за посилна и подобна.
Исто така, создавачката активност (фā‘илијјете теквини) има свое верижно степенување, па со оглед на тоа што сите чинители опстојуваат по волјата Божја и од една страна се налик на умствени слики кои зависат од оној кој ги замислува – а Аллаховиот пример е највозвишен – од тука и сите ефекти на егзистентите кои настануваат од било кој чинител на повисоко ниво зависат од создавачката волја и дозволата Божја и припаѓаат на Бог, затоа што „нема моќ и нема сила, освен кај Аллах, Возвишениот и Севишниотг.”
[1] Арифите изразот тевхиде еф‘али го земаат во ова значење.