Испитување на причините за застранување
Во воведните излагања укажавме дека светогледите можат да се поделат во две општи категории: теистички и материјалистички светоглед. Најважната разлика меѓу нив е прашањето за постоењето на Сезнаен и Семожен Создател, што теистичкиот светоглед го зема за основа, а материјалистичкиот светоглед го порекнува. Во претходните излагања посветивме внимание на докажувањето на Божјото постоење и објаснувањето на најважните потврдни и одречни активни својства и својства по суштината. Сега, со цел зајакнување на верата во ова основно начело, ќе пристапиме кон куса критика на материјалистичкиот светоглед, за, покрај зацврстувањето на теистичкиот став, да стане јасна и нестабилноста на материјалистичкиот светоглед. Со таа цел, прво ќе се фокусираме на причините и факторите за застранување од монотеистичкиот поглед и, наспроти тоа, наклоноста кон атеизмот, за потоа да ги објасниме најважните точки на слабоста на материјалистичкиот светоглед.
Причини за застранување
Атеизмот и материјализмот имаат долга традиција во историјата на човештвото. И покрај тоа што во човековите заедници – како што веќе покажуваат историјата и археолошките откритија – од дамнина постои верување во Создател, можеле да се најдат поединци и групи кои биле атеисти и го порекнувале Божјото постоење. Меѓутоа, бранот на ширење на безбожништвото во Европа почнува од осумнаесетиот век и постепено ги опфаќа и останатите делови од светот. Иако оваа појава на почетокот претставува одговор на црквената организација и насочена е против христијанството, сепак тој бран ги опфаќа и останатите религии, тако што наклоноста кон атеизам, заедно со индустријата, уметноста и технологијата на Западот е извезена ширум светот, а во претходниот век, истовремено со општествено-економските идеи на марксизмот, се рашири во многу земји, нанесувајќи му на човештвото огромна штета.
Причинителите и факторите кои доведоа до тоа ова застранување да се појави и прошири се бројни. Истражувањето на секој од овие причинители би барало посебна книга, но можат да се наведат три категорина на причинители и фактори на општо ниво: Психолошките фактори, т.е. поттикнувачи кои можат да бидат причина за завртување кон атеизам можат да постојат во човекот, без оглед што тој самиот нема знаење за нивното влијание. Најважни од нив се наклоностите кон лагоден живот и тежнеење да се живее разуздано и без одговорност. Значи, од една страна, напорот кој го носи истражувањето и испитувањето, посебно кога станува збор за работи кои немаат опипливо материјално уживање, станува пречка за мрзеливите, на уживање предадени и личности без амбиции да се придвижат во таа насока, а од друга страна, тежнеењето кон животинските слободи, разузданоста и ослободеноста од сите одговорности и ограничувања ја спречуваат наклонетоста кон монотеистичкиот светоглед. Прифаќањето на монотеистичкиот поглед и верувањето во Мудриот Создател подразбира и гради низа на нови уверувања кои ја бараат човековата одговорност во сите своеволни активности, а таквата одговорност подразбира дека човекот во голем број на случаи ќе мора да се одрече од своите лични тежнеења и на тој начин ќе ја прифати ограниченоста. Помирувањето со тие ограничувања не се сложува со разузданоста. Од тука, оваа животинска наклоност, иако несвесно, станува причина за отсекување на коренот на одговорноста и темел за одрекување на Божјото постоење. Постојат и други психолошки фактори кои влијаат на безбожноста, а кои ќе станат јасни во продолжение, при објаснувањето на останатите фактори. Општествени фактори. Непожелните општествени состојби и прилики се појавуваат во еден дел од општеството, а во нивната појава или ширење, одредена улога имаат и верските авторитети. Во такви услови, голем дел од луѓето се слаби во поглед на рационалната промисленост и не можат на исправен начин да ги разгледаат прашањата и да ги разграничат вистинските причинители на непожелните околности, па се случува, гледајќи го присуството на побожните луѓе во нивното настанување, вината да ја фрлат врз религијата, претпоставувајќи дека религиозните уверувања се причината за појавата на ваквите непожелни прилики и состојби и заради тоа чувствуваат одвратност кон религијата и верувањето. Јасни примери на овој вид на фактори и чинители можеме да забележиме во Европа за време на ренесансата, кога недостојното однесување на црковните луѓе во областа на религиозните рамки, правото и политиката, претставуваше многу важен фактор за омразата на луѓето кон христијанството и општо кон религијата и побожноста. Свеста за влијанието на овој вид на фактори е важна за сите луѓе кои носат верска одговорност со себе, за да ја увидат осетливоста и важноста на својата позиција и својата одговорност и да знаат дека нивните падови можат да предизвикаат лутање и несреќа на општеството. Мисловни фактори, односно сомнежи кои се појавуваат во човековите мисли или човекот ги слуша од други луѓе, а како последица на тоа што не поседува јак критички и аналитички ум, нема моќ да ги одбие, ниту да им се спротивстави и, повеќе или помалку, паѓа под нивно влијание. Тие, како такви, во најмала рака го доведуваат во состојба на вчудовиденост и умствена вознемиреност, што спречува да се постигне сигурност и увереност. Овој вид на фактори, во одредена смисла, може да се поделат на подвидови, како што се погрешни заклучоци втемелени врз сензуализам, оние кои произлегле од суеверија, неисправни интерпретации и недорасната аргументација, потоа погрешни заклучоци кои се врзуваат за неугодни настани и случувања за кои се претпоставува дека се спротивни на Божјата мудрост и правда, исто така и научни хипотези кои се толкуваат како спротивставени на религиозните уверувања, потоа сомневања врзани за дел од религиозните правни одредби и прописи, посебно на полето на правото и политиката. Понекогаш, два или повеќе фактори заедно се причина за сомневање или недоумици или порекнување и атеизам, како што понекогаш различни психолошки застранувања овозможуваат никнување на сомнежи и погрешни ставови од кои настанува душевната болест наречена параноја. На крај, таквата болна личност во никој случај и со никаков аргумент не може да биде задоволена, како што човекот кој боледува од практична параноја никогаш не може да биде сигурен дека нешто направил исправно и, како последица на тоа, на пример, десетици пати ќе ги измие рацете и повторно нема да биде сигурен дека ги исчистил, иако во повеќето случаи рацете од почеток биле чисти и воопшто немало потреба да се мијат.
Борба против факторите на застранување
Со оглед на различноста на факторите и чинителите на застранување, јасно е дека борбата со секој од нив бара посебен метод, простор и услови. На пример, психолошките и етичките фактори треба да бидат третирани по пат на правилно воспитување и обраќање на внимание на штетата која тие ја продуцираат. Веќе е укажано на неопходноста од истражувања на религијата и штетата која произлегува од рамнодушноста во врска со религиозните прашања. Исто така, заради спречување на лошите влијанија на општествените фактори, покрај практичното спречување на појавата на ваквите фактори, потребно е јасно да се одреди разликата помеѓу неисправноста на верата и неисправноста во однесувањето на верниците. Во секој случај, обраќањето на внимание на влијанието на психолошките и општествените фактори, во најмала рака е корисно за поединецот помалку да паѓа под несвесно влијание на таквите фактори. Исто така, за спречување на влијанието на когнитивните фактори мора да се користат соодветни методи, помеѓу другото, да се раздвојат исправните верувања од суеверијата, да се стои настрана од тоа да се користат слаби и нелогични аргументи при докажувањето на верските факти, исто така, потребно е да се разјасни дека слаб аргумент не е доказ за неисправноста на тврдењето, итн.
Јасно е дека истражувањето на сите фактори и причинители на застранувањето и укажувањето на соодветните методи за борба против секој од нив не е во согласност со нашите расправи. Од тука, ќе се задоволиме само со наведување на некои когнитивни фактори за склоност кон атеизам, на кои ќе дадеме и одговори.