Својства на Божјата суштина
Дознавме дека Возвишениот Бог како причина која подарува живот на Креацијата, ги поседува сите егзистенцијални совршенства и секое совршенство кое може да се најде кај егзистентите потекнува од Него, така што со дарувањето од Неговото совршенство ништо не се намалува. За да биде јасно за што се зборува, обрнете внимание на учителот кој на учениците им го пренесува своето знаење, а притоа кај него ништо не се намалува. Секако, дарувањето на егзистенцијата и егзистенцијални совршенства од страна на Бог, немерливо е над штотуку споменатиот пример и веројатно најсликовитиот приказ е објаснувањето дека, Креацијата е одблесок и зрак на светата Божја Суштина, онака како што од следниот ајет може да се разбере:
Аллах е светлост на небесата и земјата.[1]
اللَّـهُ نُورُالسَّمَاوَاتِ وَالْأَرْضِ
Ако се земаат предвид бескрајните совршенства Божји, било кој поимот кој алудира на совршенство и кој не бара никаква недостаточност и ограниченост, како таков може да биде вистинит во врска со Бог, токму како што во чесните кур’ански ајети, преданијата, молитвите и шепотењето на безгрешните членови на Пратениковиот дом, може да се наиде на ставање на Возвишениот Бог во однос со поимите на светлина, потполност, убавина, љубов, блескавост и слично. Што се однесува до Божјите својства за кои се расправа во филозофските и теолошките учебници, станува збор за одреден број својства кои се делат во две категории: својства на Божјата суштина и својства на Божјото делување. Најпрво ќе ја појасниме оваа поделба, а потоа ќе ги споменеме некои од најважните атрибути.
Божји својства на суштината и делувањето
Својствата со кои се опишува Возвишениот Аллах, или се апстрактни поими со оглед на видот на совршенството на Божјата суштина, како што се: животот, знаењето и моќта, или станува збор за поими кои се апстрахирааат од однос помеѓу Бог и Неговите созданија, како што се создавањето и снабдувањето. Првата категорија на својства се нарекува својства на Божјата суштина, додека другата својства на Божјото делување.
Основната разлика на овие две категории својства е во тоа што објективен пример за својствата на Божјата суштина претставува светата Аллахова суштина, додека втората категорија сведочи за врската и односот помеѓу Севишниот Бог и созданијата, така што Божјата Суштина и суштината на созданијата се земаат како две страни на тој односи во Објективниот свет, покрај Божјата Суштина и суштината на созданијата нема конкретна реалност која може да се нарече создавање. Секако, Севишниот во Својата суштина има моќ за создавање, но моќта е својство на Суштината, а создавањето е дополнителен поим апстрахиран од положба на делувањето, па од таму создавањето се вбројува во атрибутите на делување, освен во случај кога е земено со значење на моќ за создавање, а кое се враќа на својството на моќта.
Најважните својства на Божјата суштина се: животот, знаењето и моќта. Што се однесува пак на својствата какви што се, Оној кој слуша и Оној кој гледа, и ако ги земеме во значење на Оној кој го знае она што се слуша и Оној кој го знае она што се гледа или пак значење на Оној кој е моќен да слушне и да види, тогаш тие се враќаат или на знаење или на моќ. Доколку пак, со нив се мисли на актуелно гледање и слушање, а кои се апстрахираат од односот помеѓу суштината на оној кој слуша и оној кој гледа и нештата кои можат да се слушнат и видат, во тој случај, овие својства се вбројуваат во делувачки, како што понекогаш знаењето се користи во ова значење, тогаш се нарекува активно знаење.
Некои од теолозите, говорот и создавањето ги сместуваат во категоријата својства на Божјата суштина, за што ќе зборуваме подоцна.
Докажување на атрибутите на Суштината Божја
Нај едноставниот пат да се докажат својствата на животот, знаењето и Божјата моќ, се огледува на тоа, овие атрибути доведени во контекст на созданијата да сведочат за нивното совршенство, значи, причината која го дава животот на овие битија накитени со овие совршенства, кои, секако треба да бидат на најсовршеното ниво. Поради тоа што, секое совршенство кое може да се најде кај созданијата произлегува од Бога, а оној кој ги дава, мора да ги поседува за да ги дарува на другите. Не е можно, оној кој дава живот самиот да не поседува живот или пак, оној кој на созданијата им подарува знаење и моќ, да биде без знаење и моќ. Значи, присуството на овие својства на совршенство кај некои созданија, показател е на нивното постоење кај Севишниот создател, секако на начин да не бидат проследени со недостатоци или ограничување. Со други зборови, Севишниот Бог поседува апсолутни, односно неограничени живот, знаење и моќ.
Живот
Поимот живот (да се биде жив) се користи за два вида на созданија. Едниот вид е растителниот свет кој се одликува со растење, додека другиот вид се животните и луѓето кои поседуваат свест и волја. Првото значење, значи она кое се однесува на растителниот свет, подразбира недостаток и зависност, бидејќи растењето дава до знаење дека битието кое расте во почетокот не поседувало некое совршенство, а под влијание на надворешни чинители во него се појавуваат промени и постепено стигнува до нови совршенства. Ваквите нешта не можат да се доведат во однос со Бог, токму поради тоа што е кажано во врска со одречните својства.
Другото значење на животот е поим за совршенство и без оглед на тоа во колку примери има можност да се затекне, ова својство попратено е со недостатоци и ограничувања, сепак за него може да се претпостави одреден степен на неограниченост кој нема никакви недостатоци, ограничување и неопходност, како што, такви се поимите на егзистенција и совршенство.
Во основа, животот, во значење според кое е неделив од знаењето и саканото делување, нужно припаѓа на нематеријалната егзистенција, бидејќи иако животот се доведува во контекст со материјални живи битиа, сепак тој е одлика на нивната душа, а телата, поради врската со душата се опишуваат како живи. Со други зборови, како што е простирањето неделиво својство на материјалното битие, и животот исто така е неделиво својство на бестелесното нематеријално битие. Земајќи го ова предвид, доаѓаме до следен доказ за својството на Божјиот живот. Станува збор за тоа дека, светата Божја суштина е апстрактна, нематеријална, нетелесна, како што тоа веќе претходно го докажавме, а секое нематеријално битие, по својата суштина поседува и живот, значи, Севишниот Бог по својата суштина поседува живот.
Знаење
Поимот знаење спаѓа во најочигледните поими, но примерите за поимот знаење кои ги препознаваме меѓу созданијата се многу ограничени и примери со недостаток. А Бог не може да биде опишан со вакви недостатни и ограничени својства. Меѓутоа, како што нагласивме, разумот за овој вид поими кои го одразуваат совршенство, може да претпостави примери кои нема да имаат никакви ограничувања ниту недостатоци, кои ќе бидат самата суштина на мудриот, а тоа е токму Божјото знаење според суштината.
Божјото знаење може да се докаже со различни методи од кои еден неколкупати е повторен, метод со кој се докажуваат сите својства на Божата суштина: поради тоа што знаењето постои помеѓу созданијата, најпотполно ниво на тоа совршенство мора да биде присутно кај нивниот Створител.
Вториот метод е потпомогнат со космолошкиот доказ: колку што повеќе со појавата владее поголема уреденост и постојаност, толку повеќе тие со тоа укажуваат на знаењето на нивниот Створитаел, како што е научна книга, убава песна или која било уметничка трага укажува на знаењето, склоностите и умешноста на творецот на тие дела. Ниеден разумен човек не претпоставува дека научната или филозофската книга би можел да ја напише неписмен или неизучен човек. Значи, како би можело да се претпостави дека овој голем Свет со сите негови мистерии и чудесии е создаден од страна на битие без знаење!?
На крајот, третиот метод е согледан во користењето на шпекулативни филозовски премиси кои не се очигледни, како што е законот дека, секое независно апстрактно битие поседува знаење, како што тоа веќе е докажано во книгите кои ја обработуваат споменетата материја.
Свеста за Божјото знаење игра голема и важна улога во самоизградбата и затоа тој факт е многупати нагласен во Кур’анот, меѓу другото и во 19. Ајет во сурата Му’мин во кој се вели: Тој ги знае погледите кои во тоа што е забрането скришно гледаат, а и тоа што во градите го кријат.
يَعْلَمُ خَائِنَةَالْأَعْيُنِ وَمَاتُخْفِي الصُّدُورُ
Моќ
За вршителот на работата, чие делување се темели врз волјата и изборот, велиме дека има моќ да ја изврши својата работа. Според тоа, моќта значи вршителот кој има слобода на избор, да биде извор на делото кое може да го изврши. Колку што чинителот е на поголем степен на егзистенцијална совршеност, толку повеќе со тоа ќе има поголема моќ, а природно е битието кое го краси бесконечна совршеност да има и неограничена моќ.
Навистина Аллах е Семоќен.[2]
إِنَّ اللَّـهَ عَلَىٰ كُلِّشَيْءٍ قَدِيرٌ
Сега треба да укажеме на неколку факти:
- Делото на кое што се однесува моќта мора да биде можно, така што она коешто по својата суштина е невозможно или она на коешто невозможноста му е нужна, како такво не влегува во рамките на она на коешто се однесува моќта. Тоа што Бог е Семоќен, не значи, на пример, дека може да создаде друг бог (бидејќи Бог е несоздаден) или пак да создаде број 2 кој иако е 2, ќе биде поголем од бројот 3, или да го создаде прво синот,а потоа неговиот татко.
- Да се биде семоќен не подразбира неопходност да се прави сѐ она што се може, а мудриот Бог, освен добро и мудро дело, ништо друго не сака, ниту ќе направи, иако има моќ да направи и лоши работи.
- Моќта, според значењето со кое е објаснета, во себе ја опфаќа и слободна волја, а Севишниот Бог како што има највозвишена моќ, исто така има и најсовршен степен на слободна волја и ниеден чинител неможе да го стави под свое влијание или да му ја одземе волјата, поради тоа што постоењето на секое битие доаѓа од Него и Тој никогаш не може да падне под влијание на моќта која што Самиот им ја дал на другите.
[1]Сура Нур, 35
[2]Сура Бекара, 20и голем број други Ајети.