Својства на делување – Божја волја, мудрост, говор, вистинитост на говорот
Волја
Зборот волја во својата вообичаена употреба има најмалку две значења. Едното е да се сака, а другото е донесување одлука да се направи нешто.
По големината на примена, првото значење е многу пошироко и подразбира да се сакаат надворешни нешта како и своите дела и делата на другите луѓе, како што во кур’анскиот ајет се вели: вие ги сакате минливите добрини од овој свет, а Аллах го сака оној свет, (Енфал, 67)
تُرِيدُونَ عَرَضَ الدُّنْيَا وَاللَّـهُ يُرِيدُ الْآخِرَةَ
Другото значење се употребува само во врска со личните дела.
Волја во вистинското значење (сакање) без оглед што кај човекот спаѓа во групата на променливи појави и душевни квалитети, сепак разумот, со одвојување и отфрлање на нејзините нецелосни аспекти, може да достигне поопшт поим кој може да се примени и на супстанцијални суштества, па дури и на Севишниот Бог, како што во врска со знаењето и разумот го прави истото, односно со тоа е можно и љубовта (хубб) да ја употреби и како Божја љубов кон Него самиот и да ја смета како еден од атрибутите на Неговото битие. Значи, ако под Божја волја се мисли на љубов кон совршенството, која во првиот степен се однесува на неограничено Божјо совршенство, а во следните степени ќе се однесува на совршенството на останатите битија, бидејќи тоа се ефекти на Неговото совршенство, и таа љубов може да се смета како својство на Божјото битие кое е вечно, единствено и исто како светата Божја суштина.
Меѓутоа, волја во значење „донесување одлука нешто да се направи“ без никаков сомнеж спаѓа во својство на делување кое со оглед на тоа дека е врзано за нешто создадено, условувано со временска одредницата, како што ќе се забележи во кур’анските ајети: Неговата наредба е таква што, кога нешто ќе посака, за тоа само ќе рече: „Биди“ и тоа ќе биде. (Јасин, 82)
إِنَّمَا أَمْرُهُ إِذَا أَرَادَ شَيْئًا أَن يَقُولَ لَهُ كُن فَيَكُونُ
Секако, треба да се има во предвид фактот дека опишувањето својства на делување кај Бога не значи дека во неговото битие се случуваат промени или дека кај Него се појавуваат неважни нешта, туку подразбира земање предвид на врската и односот помеѓу Божјото битие и созданијата од еден посебен аспект, под одредени услови и од тоа да биде апстрахиран посебен односен поим како едно од својствата на делување.
Во врска со волјата, се зема предвид следниот однос: имено, секое создание создадено е поради тоа што поседува совршенство; добрина и полза; значи, постоењето на секое создание во одредено време и простор или со одреден квалитет, станало предмет на Божјото знаење и волја и Бог го создал со Својата волја, а не затоа што некој Го присилил на тоа.
Причината за земањето предвид на овој однос е апстракција на односниот поим кој се нарекува волја, а која поради припаѓањето на ограничената и условувана природа и самата е ограничена и условена. Токму овој односен поим се опишува во бројноста и создавањето, бидејќи врската ги набљудува двете страни и затоа создавањето и бројноста на едната од двете страни е доволна овие својства да прејдат и на односот, односно врската.
Мудрост – хикмет
Земајќи го во предвид објаснувањето кое го дадовме во врска со Божјата волја, меѓу другото ни стана јасно дека оваа волја не се однесува непресметливо и бесцелно кон она што создава, туку она на кое што првенствено се однесува Божјата волја е аспектот на совршеноста и добрината во нештата. Гледаме дека судирот помеѓу материјалните нешта што егзистираат станува причина за непотполност и штета на некои од нив со посредништво на некои други, но треба да се знае дека Божјата љубов кон совршенството бара појавата на сите нешта што егзистираат да биде таква што ќе резултира со повеќе добрина и совршеност за нив. Со мерењето на ваквите врски се доаѓа до поимот полза (маслахат), бидејќи ползата не е независно нешто, одвоена од созданието, која би имала учинок во нивното настанување, а да не зборуваме за тоа дека може да влијае на Божјата волја.
Можеме да заклучиме дека Божјите дела, поради тоа што извираат од својствата на Неговото битие, како што е знаењето, моќта и љубовта кон совршеноста и доброто, секогаш ќе се остваруваат во некој облик кој донесува полза, т.е. кој на луѓето ќе им донесе најповеќе совршенство и добро. Ваквата волја се нарекува мудра волја, а од тука се издвојува уште едно својство на делување на Севишниот Аллах – Мудриот кое, како и останатите својства на делување, може да се врати на својствата на Божјата суштина.
Секако треба да се има предвид дека правењето дела поради полза не значи дека ползата е краен фактор (causa finalis) на Севишниот Аллах, туку е еден вид на споредна и пропратна цел, Вистинскиот краен фактор за правење на Божјите дела е љубовта кон бескрајното совршенство по битието кое по природа на нештата се врзува и за Неговите траги, односно за совршенството на битието. Од тука се вели дека крајниот причинител за Божјите дела е причинителот на делување, а Севишниот Бог нема цел, ниту намера придадена кон Своето битие. Меѓутоа, тоа не е во спротивност со фактот дека совршенството, доброто и ползата се сметаат како споредна и пропратна цел. Токму во оваа смисла, во Кур’анот, како цели на Божјите дела се наведени појави кои се однесуваат на совршеноста, доброто и ползата на созданијата, како што се искушенијата и одбирањето на најдобрите дела и Божјите робови и стигнувањето до посебна и вечна Божја милост кое е спомнато како цел на создавање на човекот, а секоја цел како што следува, е вовед и подготовка за следната.
Божји говор – келам
Еден од поимите кои се доведува во врска со Севишниот Бог е говорот. Уште од подалечно време меѓу теолозите се води дискусија во врска со Божијот говор. Велат дека една од причините што теологијата во арапскиот јазик го добила името илмул – келам, всушност докажува дека теолозите дискутирале и полемизирале за Божијот говор. Еш’ариите говорот го сметаат како својство на Божјото битие. Еден од предметите на жестоко несогласување помеѓу овие две групи на теолози е токму прашањето дали Кур’анот кој го претставува Божјиот говор е создаден или не е создаден? Тоа одело до таму што, поради ова прашање, едни со други се обвинувале за излегување од верувањето (текфир).
Земајќи ги ја предвид дефиницијата за својствата на битието и Божјите својства на делување, со леснотија може да се заклучи дека говорот е Божјо својство на делување. За да биде како такво апстрахирано, ќе мора да се претпостави соговорник кој ќе го разбере она што го посакува Говорникот така што ќе слушне глас, ќе види текст, во својот ум ќе создаде поим или пак на некој друг начин. Поточно, овој поим се апстрахира од врската меѓу Бог кој посакува да открие некоја вистина и соговорникот кој ја перципира таа вистина. Ако за говорот претпоставиме друго значење, па на пример, ќе го вратиме на моќта на говорот или на знаењето на содржината на говорот, во овој пример тој се враќа на својствата на битието, како што веќе на сличен начин објаснивме во врска со другите Божји својства на делување.
Што се однесува на Кур’анот во смисла на испишаните редови, зборови, умствени поими или пак светлосни и апстрактни вистини, тогаш тој е едно од созданијата. Освен, ако некој Божјото знаење по суштина го интерпретира како знаење на Кур’анот, а во тој случај се враќа на својството на Божјото битие, односно знаењето. Сепак, ваквиот начин на разбирање на Божијот говор и чесниот Кур’ан, излегува од рамката на вообичаена конверзација и затоа треба да се оддалечиме од тоа.
Вистинитост на говорот – сидк
Божијот говор доколку е во форма на наредба и забрана, упатство, како таков ги прецизира практичните обврски на луѓето и затоа не може да се опише како вистинит или лажен. Меѓутоа, доколку е во форма на известување за постојните вистини или случувања од минатото или иднината може да се опише како вистинит, како што чесниот Кур’ан вели:
وَمَنْ أَصْدَقُ مِنَ اللَّـهِ حَدِيثًا
А чии зборови од Аллаховите зборови се по вистинити? (Ниса, 87) и никој нема да има никакво оправдување за неприфаќањето на таквиот говор.
Ова својство претставува темел на исправноста на поинаков вид на аргументација: традиционален (накли) и догматски (та’аббуди), заради докажување на споредни прашања на светогледот и бројни идеолошки прашања.
Еден од рационалните аргументи кои можат да се изнесат за да се докаже ова својство, тоа е дека Божијот говор е еден од начините на господарење и управување со Светот и човекот, кој постои на темелот на знаењето и мудроста и поради упатување на созданијата и обезбедување на средства за правилно спознавање за соговорникот. Доклку би постоела можност Божијот говор да не биде во согласност со вистината, тогаш не би можело да се верува во него, а тоа би подразбирало не постигнување на саканата цел и ќе биде спротивно на Божјата мудрост