Својства на делување
Како што беше објаснето во претходното поглавје, својствата на делување претставуваат поими кои се изведуваат од споредувањето на Божјата суштина со Неговите созданија, земајќи ги предвид односот и посебната врска, па така створителот и созданието претставуваат две страни на односот, како што поимот на создавање се апстрахира од егзистенцијалната зависност на созданието од Бог и доколку овој однос не се земе предвид, не можеме да дојдеме до поимот создавање.
Односите помеѓу Бог и созданијата кои се земаат предвид немаат граници, меѓутоа, гледано од еден аспект можат да се поделат во две целосни категории. Во едната категорија се односите помеѓу Бога и созданијата кои се воочуваат директно, како што се создавањето воопшто, материјалното создавање и создавање без материја (иџад, халк, ибда’).
Втората категорија на односи ја сочинуваат врските кои се воочуваат откако ќе се земат предвид други односи, како што е снабдувањето. Вследно на тоа, прво треба да се земе предвид односот на битието кои го користи снабдувањето со она со што се снабдува, а потоа да се обрне внимание на фактот дека тоа снабдување го обезбедува Бог, со цел да се добијат поимите разик и реззак односно, Снабдител. Понекогаш дури е возможно, пред апстрахирањето на Божјите својства на делување, да се земаат предвид неколку видови на врски помеѓу созданијата и потоа да биде земена предвид нивната врска со Бога, или претходно да се земе предвид односот на кој му претходат неколку различни врски помеѓу Бог и созданијата, како што е простувањето, а на кое што му претходи законодавното Божјо господарење, како и одредувањето на практичните прописи од страна на Бог и непослушноста на робовите кон нив.
Значи, за да се дојде до својствата на Божјото делување, мора да се направи споредба помеѓу Бога и созданијата, потоа да се зема предвид еден вид на врска помеѓу Создателот и созданието, за да се добие поим втемелен на меѓусебна врска. Од тука, светата Божја суштина, само по себе, без земање предвид на овие односи, нема да биде пример на својствата на делување. Токму ова е темелната разлика помеѓу својствата на суштината и својствата на делување.
Секако, како што е веќе спомнато, можно е својствата на делување да се гледаат од аспект на нивното исходиште и во тој случај тие се враќаат на својствата на суштината. По таа трага, доколку својстото творец го земеме со значење на Оној кој може да создаде, тоа како такво се враќа на својството Моќен, или доколку својството Оној кој слуша и гледа го земеме во значење на Оној кој го знае она што е за слушање и гледање, како такво се враќа на својството на Оној кој знае.
Од друга страна, можно е некои од поимите кои се вбројуваат во атрибути на суштината, да се земаат предвид со односно и делувачко значење, во тој случај ќе се вбројат во својства на делување, како што поимот знаење во бројни примери во кур’анските ајети е употребен во форма на делувачко својство.[1]
Важната работа која треба да ја земеме предвид додека сме сконцентрирани на врската помеѓу Бог и материјалните битија, на основата на што се доаѓа до посебните својства на делување, секако е фактот дека споменатото својство од аспект на поврзаност со материјалните созданија како една страна од таа релација, станува условено од времето и просторот, иако тој истиот атрибут од аспект на поврзаност со Бога, Кој другата страна на односот, е возвишен од ваквите услови и ограничувања.
На пример, снабдувањето на еден корисник се случува во границите на посебно време и простор, меѓутоа овие квалификации всушност се поврзани и се однесуваат на корисникот на снабдувањето, а не на оној што снабдува. Светата Божја суштина е чиста од секаков временски и просторен однос и ограничување.
Оваа точка бара големо внимание и е клуч за решавање на голем број прашања на полето на сознавање на Божјите својства и дела кои претставуваат повод на големи несогласувања помеѓу експертите кои се занимаваат со оваа тема.
Создателство
По докажувањето на нужното битие како прва причина за настанување на можните постоечки битија, како и земањето предвид фактот дека секое битие за своето постоење има неопходност од Него, се апстрахира значењето на атрибутот на создавање на нужното битие, како и за создаденоста на можни постоечки битија. Поимот Создател до кој се доаѓа на основа на оваа егзистенцијална релација, еднаков е на „причината која дарува егзистирање и постоење“ и сите зависни и можни постоечки битија ќе претставуваат една страна на оваа врска опишана со својства на создаденост.
Меѓутоа, некогаш зборот создавање се зема предвид во ограничено значење, и во таа рамка се релациите на битијата кои настанале од постоечката материја. Наспроти ова, се наоѓа поимот ибда’ (творење без материја) – во врска со битието на чие постоење не му претходи материјата, како што се апстрактните битија и првата материја. На овој начин, создавањето општо се дели на две категории: создавање од материја (халк) и создавање без материја (ибда’).
Во секој случај, Божјото создавање не е како човековото располагање со нештата и правењето на различни производи за Тој да има потреба од движење и користење на телесни органи, за движењето како дело и појавата која настанува од тоа движење и дела да се сметаат за резултат на делото. Исто така, не е точно дека создавањето е едно нешто, а создаденото друго, затоа што покрај тоа што Бог е над движењето и одликите на телесните битија, ако Божјото создавање би имало свој појавен пример надвор од суштината Божја, во тој случај би бил можно постоечко битие и едно од Божјите созданија и би се повторувала сторијата за неговото создавање. На ист начин, како што веќе е кажано, при дефинирањето на својствата на делување, ваквите својства претставуваат поими кои се апстрахираат од својствата и врските помеѓу Бога и создаденото, а постоењето на оваа врска и овој однос е рационална категорија.
Господарење
Кога станува збор за односите во чија рамка се набљудуваат Бог и созданијата, важен е и фактот дека созданијата немаат потреба од Бог само при нивното настанување, туку во сите егзистенцијални аспекти се врзани за Бог, немајќи никаква независност, додека Тој располага со нив како што Тој сака, управувајќи со сите прашања врзани за нив.
Кога овој однос, ќе го земеме предвид воопшто, се апстрахира поимот руббијјет (rubūbijjet) чие неопходно значење е раководење со созданијата, а има голем број на примери како што се чување, одржување, давање живот, одземање живот, доведување до совршенство, упатување, забранување и наредување.
Различните ефекти на господарењето можеме да ги поделиме во две универзални категории: создавачко господарење кое што опфаќа управување со работите на сите созданија, како и обезбедување на сите нивни потреби, со еден збор, раководење со светот; и законодавно господарење кое се однесува само на разумните и слободни битија, а подразбира прашања како што се: испраќање на пратеници, спуштање на Книгата, одредување на обврски, воспоставување на прописи и закони.
До сега заклучивме дека апсолутното господарење на Бог значи дека сите созданија во сите свои егзистенцијални аспекти се врзани за Севишниот Бог, а нивната меѓусебна зависност на крај завршува на нивната севкупна зависност од Создателот. И Тој е Оној Кој со некои негови созданија управува и ги одржува со посредство на други созданија и на оние кои имаат потреба од снабдување им ја дава низ снабдувањето кое го создава.
Разумните битија ги упатува со посредство на внатрешни инструменти (разум и моќ за перцепција), како и со надворешни чинители (како што се пратениците и небесните книги), а за обврзниците пропишува правила, закони, обврски и должности.
Господарењето, како и создавањето, е исто така односен поим, со таа разлика што во неговите различни случаи се земаат во обѕир посебните односи помеѓу созданијата, како што е нагласено во врска со снабдувањето.
Со внимателно посматрање на поимите создавање и господарење, како и со земање во обѕир фактот дека тоа се релациони поими, се доаѓа до заклучок дека тие меѓусебно имаат испреплетена нужна поврзаност и невозможно е Господар на креацијата да биде кој било друг освен нејзиниот Создател, односно истиот Оној кој ги создава созданијата со нивните посебни одлики и меѓусебна зависност и ги одржува и раководи со нив. Во стварност, поимот господарење и управување се разбира од начинот на создаденост на созданијата и нивната меѓусебна поврзаност.
Улухијјет – достојност за обожување
За поимите илах (ilāh) и улухијјет (uluhijjet) водени се бројни расправи помеѓу експертите и истите се напишани во книгите со коментари на Кур’анот. Значењето кое според наше мислење има предност е тоа дека илах подразбира достојност на нешто да биде обожувано и да му се покаже покорност, како што зборот китаб (во арапскиот јазик) има значење на она што може да се пишува и она што заслужува да биде напишано.
Во согласност со ова значење на улухијјет – достојност за обожување – е својство за чие апстрахирање мора да го земеме во обѕир ибадетот и покорувањето на робовите како друга страна на односот. Колку и да залутаме одбирајќи си за себе погрешни предмети за обожување, Оној кој заслужува обожување и покорување, е всушност токму Оној кој е нивни Создател и Господар. Оваа е долната граница на уверување која секој поединец треба да ја има во врска со Бог; покрај тоа што Бог го смета за нужно битие, Создател, Управител и Оној кој има апсолутна власт над Светот, мора да Го знае и како единствен достоен за обожување и покорување и поради тоа ова значење е содржано во исламската формула ла илахеиллаллах (lā ilāheillallāh), односно не постои друго божество освен Аллах.
[1] Да се погледне: Бекаре,187 и 235; Енфал, 66; Ел фетх,18 и 27; Али Имран,140 и 142; Маиде, 94; Тевбе16; Мухаммед, 31