Метод на решавање на темелните прашања за светогледот
Кога човекот ќе се најде во ситуацијана решавање на главните прашања на кои се темели светогледот, при процесот на спознавање на начелата на вистинската вера, на првиот чекор се сретнува со следното прашање: на кој начин, односно со кој метод да ги реши тие прашања.
На кој начин да дојде до исправни основни спознанија и кои патишта и методи на спознание постојат воопшто? Кој од нив да го искористи за да стигне до спознание на тие одредени прашања?
Обврската за подробно истражување на ова прашање ја извршува филозофската дисциплина која се нарекува теорија на спознанието (епистемологија, гносеологија), која расправа за видовите на човеково спознание и ја проценува нивната вредност. Доколку се посветиме на сите методи на спознание, тоа забележливо би не оддалечило од темата со која се занимаваме. Заради тоа, ќе се задоволиме со споменувањето само на оние методи кои непосредно се однесуваат на темата за која говориме.
Oдедeн аспект, човековoто спознание можеме да го поделиме во четири категории:
- Спознание по пат на експеримент, (емпириско, научно). Овој вид на спознание како основно средство за собирање на сознанија ги користи човековите надворешни средства за перцепција, односно сетилата, иако разумот и на ова поле има своја улога кога станува збор за апстрахирање и воопштување на сетилните перцепции. Емпириските спознанија се користат во емпириските науки, како што се физиката, хемијата и биологијата.
- Рационално спознание. Овој вид на спознание се стекнува со посредство на апстрахирани поими (филозофски интелигибили од втор ред), а основната улога во нивното обезбедување, добавување или осигурување ја игра разумот, иако е можно понекогаш да се користат и премисите на дедукцијата. Во делокругот на овие спознанија влегуваат логиката, филозофијата и математиката.
- Догматско спознание. Овој вид на спознание е со второстепена природа, а се стекнува врз основа на претходни спознанија од доверливи извори кои се веродостојни и тоа со посредство на известување на Сигурен известител. Тврдењата кои религиозните следбеници побожно ги прифаќаат на основа на зборот на верските првенци и во кои понекогаш веруваат повеќе отколку во она што се темели на сетилата и искуството, спаѓаат токму во оваа категорија на спознание.
- Спознание од духовно осведочување. Наспроти наброените категории, овој вид на спознание се врзува за суштината на веќе спознатото, без посредство на слики и поими поврзани со умот. Во таква состојба нема место за никаква грешка или промашување. Меѓутоа, како што е веќе објаснето, обично она што се нарекува спознание од духовно осведочување или ирфанско спознание, во стварност е интерпретација на осведоченото од страна на умот (преглед на она што не е прегледно), а со самото тоа веќе станува склона кон грешење.
Видови на светоглед
На основа на поделбата која што туку ја наведовме во врска со спознанието, можеме да изведеме и поделба во врска со светогледите и тоа на следниов начин:
- Научен светоглед – подразбира човекот да оформи светоглед за постоечкиот свет на основа на резултатите постигнати со помош на емпириските науки.
- Филозофски светоглед – се стекнува по пат на аргументирање и рационални напори.
- Религиски светоглед –се стекнува со посредство на верување во верските предводници и прифаќањето на нивниот збор.
- Ирфански/гностички светоглед – овој поглед се стекнува со посредство на духовното поимање и духовното осведочување.