Мотиви запотрага по верата
Една од човековите психички карактеристики е и природно – инстинктивната наклонетост кон осознавањето на вистината и стекнувањето на увид во стварноста. Оваа карактеристика е активна од почетокот на животот и тоа од нај рано детство и трае до крајот на животот, кај секој човек без исклучок. Токму оваа природа склона кон вистината, а која некогаш се нарекува и љубопитност, може човекот да го натера на размислување за прашањата во религиските рамки и да го наведе да се стреми кон спознавање на вистинитиот дин. Станува збор за следниве прашања:
Дали постои суштество кое не е материјално, односно кое е бестелесно? Доколку постои, дали постои врска помеѓу светот на материјата и тој свет на сокриеното? Во случај да постои таа врска, не е ли можно тоа нематеријално суштество, кое не може да се перципира со природните инструменти на сознание, да го создало Овој свет?
Дали човековото суштество е ограничено исклучиво на материјалното тело? Дали човековиот живот е ограничен на овој материјалниот, или постои и некој друг живот? Доколку постои друг живот, дали евентуално постои некој однос помеѓу овој и тој живот? Доколку постои, кој вид на овоземски феномени оставаат трага на тој, другиот живот? Постои ли пат да се спознае програмата за исправно живеење, програма која на човекот му ја гарантира среќата во обата света или обата животи? На крај, која е таа програма?
Значи, склоноста кон спознавањето на вистината е основниот фактор на поттикот кој го придвижува човекот на истражување на овие и сличните прашања и трагање по одговорите.
Следниот фактор кој, исто така, во човекот ја зајакнува потребата за спознавање на вистината, се крие во фактот дека останатите човекови наклоности, секоја поединечно, се тесно поврзани и зависат од една или од неколку други природни склоности (покрај склоноста за спознавање на вистината). Така на пример, квалитетното користење на различни материјални и овоземски благодети зависи од научното залагање и напор, во што напредокот и развојот на емпириските науки непосредно и во голема мера му помага на човекот да ги оствари своите потреби. Во случај во кој верата може да го потпомогне задоволувањето на оние нешта кои за човекот важат како не опходни и полезни и од друга страна да го сочува од штета и закана, во такви услови, за човекот верата ќе биде навистина пожелна, онолку колку што човековиот природен инстинкт на наклоност кон полза и презервација од штета ќе претставува чинител на поттик кој ќе го поттикне на истражување и трагање по верата.
Меѓутоа, имајќи ја во вид целокупната широчина и опсег на сознанието и науката, како и непостоењето на сите потребни услови за спознавање на целокупната стварност и вистина, можно е човекот, за подрачје на своето истражување да одбере некои прашања чие решавање е поедноставно и чии резултати се повеќе опипливи и повеќе приемчиви од занимавањето со прашањата и проблемите врзани за динот, под претпоставка дека е тешко да бидат решени или немаат некоја посериозна научна улога и тежина и токму заради тоа се одрекува од нив. Од тоа произлегува потребата за објаснение дека верските прашања се одликуваат со извонредна важност. Всушност, откако работите попрецизно ќе се разгледаат, ќе се дојде до заклучок дека ништо не е толку важно да се истражува и разјасни, како што се важни прашањата врзани за динот.
Да потсетам дека некои психолози и психијатри веруваат дека, во принцип, побожноста е самостојна природна склоност и нејзиниот извор би можело да се нарече сетило на религиозноста, класифицирано како четвртото сетило кое ја краси човековата душа, заедно со љубопитноста, добрината и естетиката. Тие, на основа на историските и археолошките факти, потсетуваат дека побожноста отсекогаш, на овој или на оној начин, била присутна меѓу луѓето. Токму оваа непрекината временска и просторна присутност е показател на природноста на потребата да се биде побожен.
Секако, во општеноста на природната наклонетост не значи истовремено и дека побожноста секогаш е будна и активно присутна во сите поединци и дека постојано ги упатува кон посакуваната страна, туку дека под влијание на различни фактори во вид на животна средина, неисправно воспитување, можно е да биде неактивна или замолкната. Или, да биде исфрлена од својата патека, како што тоа е можно и кога се во прашање останатите потреби и наклоности кај кои не се ни малку ретки девијантните и деформираните состојби.
На основа на овој став, движењето и потрагата по динот се согледува како самостојна природна склоност и како таква нема потреба од докажување по пат на аргументи и докази.
Повеќе или помалку, ова може да се потврди со ајетите и преданијата кои укажуваат на природноста на наклонетоста кон побожност во човекот, меѓутоа, заради тоа што не е свесен за влијанието на оваа наклонетост, можно е некој, при полемика и расправа, да го одрече ваквиот вид на наклонетост во себе.
Заради тоа, не е доволно да се задоволиме со веќе реченото, туку е потребно и практично да се докаже колку е важно да се трага по верата, користејќи рационални аргументи.
Извор – Поука за верувањето, Мухамед Теки Мисбах Јазди