Првиот ехлибејтски Имам, Али ибн Еби Талиб, а.с. – перидот во време на првите тројца калифи – дел 6
Дејствувањето на Имамот, а.с., во периодот на калифите би можело да се сведе на следното: ибадет и служење на Бога и тоа на начин како што доликува на личност како Али, а.с., што значи, на таков начин што Имам Сеџад, а.с., својот извонреден ибадет го сметал за ништовен во споредба со ибадетот на својот голем дедо. Другата линија на дејствување била толкување на Кур’анот и решавање на разните недоразбирања поврзани со значењето на некои кур’ански ајети, образувањето ученици, како Абдуллах ибн Аббас, кого го сметаат за најголем исламски муфесир меѓу асхабите. Третата линија на дејствување подразбирала давање одговори на прашањата на алимите од разните народи, особено на евреите и христијаните, кои после смртта на Пратеникот, с.а.в.а., доаѓале во Медина за да се распрашаат за новата вера и да ја запознаат. Поставувале бројни прашања, а за давањето одговор на поставените прашања немало поподготвена личност од Али, а.с., кој бил одлично запознат со Тевратот и Инџилот. Ако Имамот, а.с., не ја беше пополнувал таа празнина, исламското општество во тој поглед ќе било соочено со жесток пораз. Неговите разоружувачки одговори на сите поставувани прашања им носеле радост и задоволство на сите калифи, кои, наместо Али, а.с., седеле на местото на Пратеникот, с.а.в.а. Следната линија на дејствување вклучувала носење шеријатски пресуди во врска со новите прашања што не биле отворани во најраниот период на исламот, или пак биле толку сложени што ниту еден судија не можел да изрече пресуда во врска со нив. Ова е една од посебно важните појави во биографијата на Али, а.с., бидејќи ако меѓу асхабите беше немало личност како него, кој, како што тоа Пратеникот, с.а.в.а., го беше потврдил, меѓу народот бил најучен и најинформиран во врска со Шеријатот и пресудите, бројни прашања уште во раниот период на исламот би останале заковани и без одговори. Токму искрснувањето на нови прашања после смртта на Пратеникот, с.а.в.а., е причина зошто меѓу муслиманите мора да постои чист и безгрешен Имам кој во целост и непогрешливо ќе владее со сите начела и прописи на исламот, па неговото присуство и широко и сеопфатно знаење ќе ги спречи луѓето да застранат или да се служат со аналогија и претпоставки. А таков голем благодат, како што сите другари на Пратеникот, с.а.в.а., потврдуваат, на никој друг освен на Имамот Али, а.с., не е укажан. Еден дел од пресудите на Имамот, а.с., и неговите иновативни и извонредни толкувања на кур’анските ајети е забележан во хадиските збирки и историската литература, а некои научници тие делови ги подготвиле и како самостојни книги.[1] Се огледувала уште една линија на активност во воспитувањето и подготовката на групата на тие што поседувале предуслов за чистота и духовна подготвеност за духовно патување, сејр о сулук, па така, под водство и спиритуално влијание на Имамот, а.с., биле во состојба да достигнат духовни врвови и да гледаат со очите на срцето и со очите на својата внатрешност тоа што не може да се види со телесното сетило за вид. Уште една линија на неговото дејствување го опфаќала настојувањето да се обезбеди подобар живот за бројните сиромаси и слаби луѓе, нешто што одело до таму да Имамот, а.с., со сопствени раце обработувал градини и копал бунари, па истите би ги поклонувал на луѓе за да бидат користени на Божјиот пат. На крај, една од линиите на неговото дејствување се огледувала во моментите кога владејачкиот апарат се соочувал со сериозни политички прашања и кога некои тешкотии ќе ги притиснеле во ќор сокак. Имамот, а.с., бил единствениот советник од доверба и со својот трезвен пристап би наоѓал решение за тешкотиите и одредувал натамошни насоки за дејствувања. Некои од неговите совети од овој вид се забележани во Нехџул-белага и во хадиските книги.
Историјата сведочи дека Ебу Бекр и Омер, за време на нивниот калифат, на Имам Али, а.с., му се обраќале во врска со разни политички, научни, верски прашања, како и во врска со некои конфузии околу толкувањето на Кур’анот и исламските прописи. Во голема мера имале корист од неговите совети и упатства што произлегувале од Имамовата, а.с., целосна информираност во врска со начелата и прописите на исламот. Во продолжение на читателите ќе им претставиме неколку такви примери забележани во историската литература. Византиската империја била една од најжестоките противници на младата исламска власт. Византија од север секогаш била закана за центарот на исламската власт, а Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, до последниот момент од својот живот бил свесен за опасноста од Византијците. Така, во 8 година по Хиџра упатил една група под команда на Џафер Тајјар кон границата покрај Шам (денешна Сирија). Исламската војска, откако изгубила тројца воени заповедници и одреден број борци, без постигнат успех се вратила во Медина. За да го надополни тој пораз, Пратеникот, с.а.в.а., во 9 година по Хиџра, со бројна војска се упатил кон Тебук, но војската се вратила во Медина без да се соочи со непријателот. Овој поход имал сјајни постигнувања, за што повеќе може да се дознае од страниците на историската литература, но Пратеникот, с.а.в.а., и натаму бил загрижен заради можниот напад од Византијците. Токму заради тоа во последните часови од животот, лежејќи на смртната постела, во Шам испратил војска составена од мухаџири и енсарии. Од одредени причини, оваа војска не ја напуштила Медина, а Пратеникот, с.а.в.а., преселил од Овој свет во моментите кога војската се собирала на одредиштето што било оддалечено неколку километри од Медина. После смртта на Пратеникот, с.а.в.а., политичките прилики во Медина кои до поставувањето на Ебу Бекр за калиф биле во кризна фаза, постепено се средиле. Ебу Бекр кој ја презел грижата за работите на заедницата, многу се двоумел во врска со извршувањето на наредбата на Пратеникот, с.а.в.а., а која се однесувала на Византијците, па во врска со тоа се консултирал со група асхаби. Ниедна од дадените проценки не го задоволила, па на крај се консултирал со Имам Али, а.с. Овој го охрабрил да постапи според наредбата на Пратеникот, с.а.в.а., додавајќи: ‘’Ако со нив влезеш во борба, ќе победиш.’’ Ова бодрење на Имамот, а.с., го израдувало калифот, па рекол: ‘’Добро предвидување ни даде и со добро нè израдува!’’[2]
И во време на владеењето на вториот калиф, Имамот, а.с., исто така бил важен советник и помошник во решавањето на бројните политички, научни и општествени прашања. Овде, како пример, ќе укажеме само на еден случај кога вториот калиф Омер ибн Хаттаб имал корист од мислењето на Имамот, а.с., во врска со политичките тешкотии. Во реонот познат како Кадисија, 14 година по Хиџра, се одиграла жестока битка меѓу исламската војска и Персијанците. Битката завршила со победа на муслиманите, а во битката загинал и главниот командант на персиската војска, Рустем Феррухзад, заедно со голем број свои борци. Со оваа победа целиот простор на Ирак потпаднал под политичко влијание и воена власт на исламот. Медаин како центар на Сасанидската власт, исто така бил освоен од муслиманите, така што персиските команданти заедно со војската се повлекувале длабоко во внатрешноста на земјата. Персиските поглавари и воените команданти се плашеле дека исламската војска ќе продолжи да напредува и дека ќе ја освои целата земја. За да, на таквиот опасен продор на муслиманската војска, на адекватен начин одговори, персискиот владетел Јездигерд испратил војска од 150 000 војници под заповедништво на командантот Фирузан, со задача да спречи секаков ненадеен напад и дури ако за тоа се укаже прилика, да изведат и контранапад. Са’д Веккас, главниот командант на исламските сили – како што пренесува Аммар Јасир, а ја извршувал должноста намесник во Куфа, му пишувал на Омер и го информирал за движењата на непријателот, напоменувајќи: Војската во Куфа е подготвена да стапи во борба и да го нападне непријателот пред тој да тргне во напад. Тогаш калифот пошол во џамијата, ги собрал асхабите и ги информирал за својата намера да ја напушти Медина, да се упати во подрачјето меѓу Басра и Куфа и оттаму да управува со муслиманската војска. Тогаш станал Талха и почнал да го поттикнува калифот така да постапи, говорејќи нешта во кои јасно можело да се почувствува додворување. Потоа станал Осман, кој не само што го поттикнувал калифот да ја напушти Медина, туку додал: ‘’Напиши ѝ на војската во Шам и Јемен сите да ги напуштат своите подрачја и да ти се придружат, за да со така бројна војска можеш да му се спротивставиш на непријателот.’’ Тогаш станал Имамот Али, а.с., и рекол: ‘’Во овој пример победата или поразот не зависат од бројноста на силите. Аллах својата вера ја издигнал над сите други вери и Својата војска, која Тој ја подготвил и потпомогнал, се додека не го достигнала местото на кое се наоѓа и додека не стигнала до своите сегашни позиции. Ние се држиме до Божјето ветување, а Аллах Своето ветување ќе го исполни и Својата војска ќе ја помогне. Позицијата на првиот во власта е како позицијата на нишката во однос на зрната на ѓерданот, затоа што таа ги поврзува и ги држи собрани на едно место. Ако нишката биде прекината, ќе се распадне и изгуби, па никогаш повеќе зрната нема да бидат заедно. Арапите денес, макар и малубројни, големи се благодарение на исламот и силни се затоа што се единствени. Биди оска за нив и врти го млинот со Арапите и биди нивен корен. Заобиколи ја битката, затоа што ако ова место го напуштиш Арапите ќе те нападнат од сите страни и сите правци, додека незаштитените градови што зад себе би ги оставиле, ќе станат позначајни од тие што ќе се најдат пред вас. Ако утре Персијанците те видат, ќе речат: ‘Тој е коренот на Арабија. Ако го убиеме, ќе бидеме во мир.’ На тој начин тоа ќе го зајакне нивното настојување против тебе, а и жестокоста да се насочат кон тебе. Велиш дека тргнале во борба против муслиманите. Аллах навистина е понезадоволен од нивното придвижување од тебе и Тој е најспособен да го спречи тоа со што Тој е незадоволен. Што се однесува до твоето мислење за нивниот број, во минатото не се боревме со голем број борци, туку се боревме врз основа на Божјата подршка и помош.’’[3] Откако го сослушал Имамот, а.с., Омер го прифатил неговото мислење и се откажал од походот.[4] Омер на ум го имал решението на ова негово двоумење во моментот кога рекол: ‘’Барам засолниште кај Бога од тоа дека може да се појави пречка, а Ебул-Хасан (Али, а.с.) да не го знае решението за пречката.’’[5]
Третиот калиф Осман, заради финансиски проневери, недопуштеното и без било каков сомнеж незаконско заграбување од бејтул-мал (државната каса), поставувањето во повластена позиција на недостојните припадници на Емевиите и нивното поставување на одговорни позиции во власта и накрај заради оддалечување на од себе достојните луѓе меѓу мухаџирите и енсариите и препуштање на судбината на исламскиот уммет во рацете на Емевиите, на себе навлекол силен гнев од народот. Најпосле, бидејќи не одговорил на оправданите и законски противења на муслиманите заради смената на намесниците и командантите, дошло до бунт против власта, бунт од кој како последица се случило негово убиство. После тоа луѓето му дале заклетва на Али, а.с., како на нов калиф. Од тој момент владеењето на Али, а.с., кое започнува со погубувањето на Осман, претставувало своевидна револуционерна власт, поттикната со бунтот и незадоволството на народот после сплетките и угнетувањето што до тогаш биле спроведувани. Еден од примерите на расипаноста на власта на Осман претставува и враќањето во Медина на Хакем ибн Ебул-Ас и неговиот син Мерван, кои Пратеникот, с.а.в.а., ги прогнал во Таиф, а, на кои ниту Ебу Бекр ниту Омер за време на своето владеење не се осудувале да им дозволат враќање. Осман дури и својата ќерка ја омажил за Мерван и го поставил во служба во администрацијата на калифатот, што кај народот предизвикало голем гнев, така што куќата на Осман од страна на бунтовниците била под опсада 49 дена.[6] Осман кога и да се обидел да покаже благост, Мерван правел нешто што уште повеќе ќе го поттикне гневот на народот. Конечно, муслиманите во излив на бес провалиле во куќата на Осман и го убиле.
Бунтовницие размислувале само за тоа како да го отстранат Осман. И покрај тоа што во тек на опсадата на куќата на Осман се спомнувало името на Али, а.с., немало јасен план, програма за иднината. Од таа причина, со прашањето за изборот на нов калиф се соочиле дури после погубувањето на Осман. Од друга страна, меѓу членовите на шестчлениот одбор за избор на калиф (одбор формиран при изборот на Осман) што го сочинувале Али, а.с., Абдуррахман ибн Авф, Осман, Талха, Зубејр и Са’д ибн Веккас, двајца од нив, Абдуррахман ибн Авф и Осман веќе не биле меѓу живите, додека пак меѓу останатите Али, а.с., бил уверливо најомилен со оглед на неговите доблести и сјајното минато во исламот. Токму затоа луѓето воглавно биле заговорници следниот калиф да биде Али, а.с. Проценувајќи ги приликите и свесен за промените што се случиле во времето на владеењето на Осман, како и за оддалечувањето на муслиманите од изворниот ислам, Али, а.с., многу добро знаел дека владеењето после периодот на расипаната и заблудена Османова власт ќе биде исклучиво тешко и дека луѓето, особено племенските водачи, нема лесно да ги прифатат промените што имал на ум да ги спроведува, како и воспоставувањето на праведна власт. Од таа причина, не ја прифатил заклетвата која бунтовниците му ја понудиле. Историчарите се согласуваат во врска со податокот дека Осман е убиен во месецот Зул-хиџџе, 35 година по Хиџра, но имаат различни мислења во врска со датумот.[7] Исто така, извесно е дека меѓу убиството на Осман и заклетвата дадена на Али, а.с., поминале најмалку 4-5 дена.[8] Тие неколку дена меѓу народот владеела конфузија и збунетост. Тие денови водачите на бунтот го посетиле Али, а.с., но тој кон нив не покажал некоја посебна срдечност. Кога му ја понудиле нивната заклетва, бидејќи приликата не ја сметал за прикладна, рекол: ‘’Оставете ме и барајте некој друг. Се соочуваме со прашање кое има лица и бои, со прашање кое ниедно срце не може да го издржи, ниту ниеден разум може да прифати. Вистина, видиците се замаглени, а Правиот пат изгубен. Треба да знаете дека, ако се одзвам на вашата понуда, ќе ве водам како што јас знам и дека нема да слушам што велат другите или какви критики упатуваат. Ако ме напуштите, тогаш сум ист како и вие. Можно е дека најдобро ќе го слушам и ќе му се покорувам на оној од вас кого вие ќе го поставите да ве води. Подобар сум ви како советник отколку како владетел.’’[9] Но вакви посети од луѓето имало се повеќе и повеќе и упорноста на муслиманите било сѐ посилно и посилно. Односно, се работело за голема толпа на народ кои уморни од дотогашните неправди и насилства, посакувајќи правда, ја запоседнувале куќата на Имамот, а.с. Имамот, а.с., чувствувал дека му е обврска да го прифати барањето на народот, односно, да ја прифати понудата да им биде калиф. На неколку места во Нехџул-белага Имамот, а.с., укажува на ова жестоко настапување и упорната истрајност на луѓето во врска со понудената заклетва. Како пример го навел следното: ‘’Тие навалуваа на мене како што камилите навалуваат една на друга кога ќе стигнат до питка вода откако им се одврзани нозете, се додека не помислив дека или мене ќе ме убијат или пред мои очи меѓусебно ќе се испоубијат. Во врска со тоа прашање размислував толку многу што не можев да спијам.’’[10] На друго место ни ја доловува сликата на навалувањето и истрајноста на луѓето и нивната голема радост и веселба на веста дека Али ја прифатил понудената заклетва: ‘’Ми ја влечевте раката заради давање заклетва, но јас ја задржував. Вие потегнувавте, а јас се воздржував. Тогаш се туркавте околу мене како што жедните камили се туркаат околу коритото за поење, така што облеката ми ја скинавте, наметката ми падна и ја изгазивте. И веселбата на луѓето од давањето заклетва беше толку видлива што и малите деца чувствуваа радост, старците се тетеравеа и болните забрзано доаѓаа заради тоа, а младите девојки трчаа без шамии.’’[11] И во хутбата Шикшикија, Имамот, а.с., исто така говори за занесот со кој народот го прифатил и за причините за своето прифаќање на калифатот: ‘’Во тој час ништо не ме изненади освен големиот број луѓе што навалија на мене. Толку силно се нафрлија на мене од сите страни што ги притиснаа Хасан и Хусејн и ми ги искинаа двата краја од наметката на грбот.[12] Се собраа околу мене како стада овци и кози. Кога ги зедов уздите на државното водство, една група се оддели, друга стана непослушна, додека остатокот започна да дејствува незаконски, како да не беше ги слушнале зборовите Божји: Што се однесува до идниот живот, Ние го даруваме на тие што не бараат да се воздигнуваат на Земјата, ниту покрај тоа да шират расипаност, затоа што иднината им припаѓа на тие што се свесни за Бога. Да, се колнам во Аллах, ги слушнаа и ги разбраа, но во нивните очи овој свет заблеска и неговите украси ги заведоа. Внимавајте, се колнам во Оној Кој зрното го расцепува и создава живи суштества, ако не дојдеа луѓето и ако поддржувачите не ги истрошеа уверувањата и ако учените не се потпреа на Бога со обврска дека нема да се согласат на алчноста на угнетувачите и гладот на угнетените, ќе го отфрлев јажето на калифатот на неговиот грб и со последниот ќе постапував исто како со првиот. Тогаш би виделе дека овој ваш свет за мене не е ништо подобар од кивање на козата.’’
[1] Како пример може да ги наведеме следните дела: Када’у емирил-муминин Али ибн Ебу Талиб, шејх Мухаммед Таки Тустери; Кетабе кезаватха-је Али ибн Ебу Талиб, Сејјид Исмаил Ресулзаде.
[2] Ибн Вазих Јакуби, Тарих Јакуби, том 3, стр. 39.
[3] Нехџул-белага, говор 145.
[4] Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399.х.г., том 3, стр.8; Табери, Мухаммед ибн Џерир, Тарихул-умем вел-мулук, Бејрут, Дарул-камусил-хадис, том 4, стр. 237; Хафиз Ибн Кесир, Ал-Бидајет вел-нихајет, Мектебетул-ме’ариф, Бејрут 1394, том 7, стр. 107.
[5] Ибн Хаџер ‘Аскалани, Ал-Исабети фи темјизис-сахабе, Бејрут, Дарул-ихјаит-турасил-‘араби, 1328, том 2, стр. 509; Абдулбер, Ал-исти’аб фи ме’рифетил-асхаб, Бејрут, Дарул-ихјаит-турасил-‘араби, 1328, том 3, стр. 39.
[6] Месуди, Муруџуз-зехеб, Бејрут, Дарул-Анадулус, том 2, стр. 346.
[7] Јакуби смета дека Осман е убиен на 18 Зул-хиџџе, 35 година по Хиџра, додека Месуди проценува: ‘’Осман е убиен три дена по истекот на месецот Зул-хиџџе.’’
[8] Јакуби пишува: ‘’Али, во Вторник, седум дена пред истекот на месецот Зул-хиџџе, е избран на местото калиф’’, што би значело дека се работи за период од пет дена. Меѓутоа, Месуди бележи: ‘’Дента кога Осман е убиен, луѓето му дале заклетва на Али’’, но на наредната страна: ‘’Четири дена после убиството на Осман луѓето масовно му дале заклетва на Али.’’ Ибн Асир смета дека Осман е убиен на 18 Зул-хиџџе, а дека заклетвата на Али е дадена на дваесет и петиот ден од истиот месец. На стр.192 во делото Ал-Камил фит-тарих вели дека Медињаните пет дена поминале без власт и за тоа време со градот раководел човекот со име Гафики ибн Харб.
[9] Нехџул-белага, говор 91.
[10] Нехџул-белага, говор 53.
[11] Нехџул-белага, говор 227.
[12] Имамот овде всушност го користи изразот вутиел-хасанан, што многумина го преведувачи го преведуваат како Хасан и Хусејн, но некои сметаат дека се работи само за Хусејн. Ибн Ебул-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-‘арабијје, 1378.х.г. том 1, стр.200.