Првиот ехлибејтски Имам, Али ибн Еби Талиб, а.с. – размислувања, ставови, постапки на Имамот, а.с., во периодот после Пратеникот, с.а.в.а. -дел 5
Пред да преминеме на периодот од смртта на Пратеникот, с.а.в.а., до калифатот на Али, а.с., како вовед ќе спомнеме дека Имаметот од смртта на Пратеникот, с.а.в.а., (во месецот Сафер, единаесеттата година по Хиџра) до годината на смртта на Имам Хасан Аскери, а.с., (во месецот Ребиул-еввел 260 х.г.), начелно поминал низ четири делници. Секоја од тие делници, во поглед на односот на Имамот, а.с., кон вршителите на власт, имала свои особености. Тие делници се следните: Периодот на трпение, односно поднесување на власта од страна на Имамот, а.с. Овој период траел 25 години, односно од смртта на Пратеникот, с.а.в.а., до почетокот на калифатот на Имам Али, а.с., (35 година по Хиџра). Потоа настапил периодот на доаѓањето на Имамот, а.с., на власт, период што траел 4 години и девет месеци власт на Имам Али, а.с., и неколку месеци калифат на Имамот Хасан, а.с. Тој период и покрај бројните пречки и тешкотии што на овие двајца им ги приредувале разните непријатели на исламот, се смета за најблескави години во историјата на исламската власт. Потоа доаѓа сразмерно краткотраен период на активни настојувања да се воспостави исламска власт, период што е опфатен во распон од дваесет години, од мировниот договор на Имам Хасан, а.с., (41 х.г.) до трагичниот шехадет на Имам Хусејн, а.с., (61 х.г.). После склопениот мировен договор на Имам Хасан, а.с., со Муавија, активно отпочнал периодот на полу илегално дејствување на следбениците на Ехли-бејтот, односно, се започнало со активности што за цел имале враќање на власта кај Пратениковата фамилија. Таа цел и не била толку далеку од остварување и сѐ до крајот на, со зло исполнетиот живот на Муавија, постоела надеж дека ќе биде остварена. Најпосле, четвртиот период го одбележуваат настојувањата оваа иста цел да се оствари долгорочно. Овој период траел скоро два века и во разни делници, бил пропратен со победи и порази, а завршил со извесна победа на идеолошки план, остварен благодарејќи на примената на стотици адекватни тактики и илјадници примери на вистинска искреност и верност.[1]
Али, а.с., после Пратеникот, с.а.в.а., бил најдостојната личност за предводење на исламското општество, бидејќи, ако го изземеме Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, никој друг во муслиманската заедница не можел да се мери со него во поглед на доблестите, богобојазливоста, познавањето на верските прописи и судството, учеството во џихад, константниот труд на Божјиот пат и поседувањето на најубавите човечки квалитети. Токму затоа што бил достоен за тоа, Али, а.с., повеќе пати, сходно со Божјата наредба, од страна на Пратеникот, с.а.в.а., бил претставен како иден водач на муслиманите. Секако најважен од тие настани е оној познат како Гадир. Заради сето изнесено, се очекувало дека после смртта на Пратеникот, с.а.в.а., Али, а.с., веднаш ќе ги преземе работите на заедницата и ќе стане водач на муслиманите. Меѓутоа, тоа не се случило во пракса и насоченоста на исламскиот калифат после смртта на Пратеникот, с.а.в.а., се изопачила, па Али, а.с., бил одстранет од политичката сцена и од центарот на одлучување во исламското општество. Али, а.с., не можел да ги трпи таквите скршнувања и сметал дека е недопустливо да биде пасивен кон тоа, па многу пати со непобитни факти и докази ги критикувал калифите и нивните подржувачи и протестирал против тоа што го правеле. Но, со време се покажало дека немало некоја поголема корист од тие негови противења и дека калифите и нивните подржувачи биле одлучни да си ја зачуваат својата власт. Во таквите прилики Али, а.с., се нашол на крстопат на два чувствителни и судбински патишта: можел, со помош на своите вистински подржувачи кои оваа власт ја сметале за нелегална, да подигне востание и потпирајќи се на силата да ја превземе власта; или можел да ја истрпи постоечката состојба и во рамките на своите можности, да помага во решавање на тешкотиите на муслиманите и да ги извршува своите должности. Со оглед на околноста дека за божествено одбраните водачи власта и позицијата не претставуваат цел, за нив е важно да го остварат тоа што е цел на духовното водство, цел која е многу повозвишена и повредна од зачувувањето на позиција и моќ. Па така, ако еден таков водач во некој момент се најде на крстосница на два патишта и биде принуден да избере меѓу позицијата и својата цел, тој мора да ја отфрли позицијата на официјален лидер и да се одлучи за зачувување на својата цел. Али, а.с., бил соочен со ваква состојба и се одлучил за вториот пат, за зачувување на својата цел. Проценувајќи ги приликите и состојбата на општеството, заклучил дека тој, доколку истрае на преземање на власта и осигурување на својата позиција, состојбата ќе стане таква што сиот труд на Божјиот Пратеник, с.а.в.а., и тие што ја пролеале својата чиста крв на патот на исламската цел, на крај ќе биде залуден. Имамот, а.с., во хутбата Шикшикијје во врска со тешкото и чувствително место на кое се нашол, а тоа било место каде што патиштата се разделуваат, вака зборува за неговиот избор за вториот пат: ‘’Ставив завеса кон калифатот и стоев понастрана од него. Потоа почнав да мислам дали треба да нападнам или мирно да ја трпам заслепувачката темнина на страдањата во кои возрасните малаксаа, а младите остареа, додека вистинскиот верник дејствува под товар додека не го сретне Бога. Одлучив дека меѓу тие две можности, поднесувањето е помудро. Затоа го избрав трпението и покрај тоа што имаше боцкање во окото и гушење во грлото. Го гледав грабањето на моето наследство се додека првиот одеше по својот пат..’’[2] Имамот, а.с., на тој начин, укажува на својата трпеливост наспроти изопачувањето на исламскиот калифат во однос на неговиот изворен пат и тоа само од желба да се зачуваат останатите начела на исламот. Така, на почетокот на калифатот на Осман, кога гласовите на членовите на одборот одлучиле во корист на Осман и му ја предале власта, Имамот, а.с., им се обратил на членовите на одборот со зборовите: ‘’Навистина знаете дека за калифатот имам повеќе право од сите други. Се колнам во Бога, ќе мирувам толку долго додека работите на муслиманите бидат неоштетени и нема угнетување, освен над мене, барајќи за тоа награда и држејќи се подалеку од привлечностите и примамливостите по кои чезнеете.’’[3]
Кажавме дека Али, а.с., земајќи ги во обзир опасностите што му се заканувале на исламското општество, се воздржал од вооружено востание и бунт. Можно е некој да се запраша – какви тоа опасности во тоа време му се заканувале на ново воспоставеното исламско општество? Како одговор на ова прашање би можеле да се набројат следните внатрешни и надворешни опасности што Али, а.с., ги имал во предвид, заради кои одлучил да се откаже од вооружен бунт. Ако Имам Али, а.с., се одлучил, потпирајќи се на воена моќ со вооружен бунт да ја преземе власта, односно калифатот, во тие борби би загинале многу од нему многу драгите луѓе, од тие кои со душа и срце верувале во неговиот Имамет. Освен тоа, голема група асхаби од Пратеникот, с.а.в.а., од тие што не го подржувале калифатот на Имамот, а.с., исто така би загинале. И покрај тоа што оваа група се спротивставила на Имамот, а.с., во врска со прашањето за водството, па заради лична злоба или неисправни уверувања се противеле на идејата дека водството на заедницата треба да му припадне на Али, а.с., тие во врска со други прашања не се разидувале со него. Со губитокот на оваа група, која во секој случај ја претставувала силата наспроти ширкот, идолопоклонството, христијанството и јудаизмот, моќта на муслиманите многу би ослабела во самиот свој центар. Кога заради борба против двајца прекршители на договорот (Талха и Зубејр) се упатил кон Басра, Имамот, а.с., одржал говор во кој јасно укажал на ова чувствително прашање: ‘’Кога Бог му ја зеде душата на Својот Пратеник, а.с., Курејшиите алчно себе си си дадоа предност над мене, а јас бев подостоен од било кој друг да го предводам умметот. Но, сфатив дека трпението и поднесувањето во оваа работа е подобро од предизвикувањето поделби меѓу муслиманите и пролевање на нивната крв. Бидејќи, луѓето само што го прифатија исламот и верата беше како глушец пред челуста на лавот кој зинал да го проголта. Најмало невнимание и слабост ќе ги одведеа во заблуда, така што и најслабиот човек можеше да ги заведе.’’[4] Многу групи и племиња, што исламот го прифатиле во последните години од животот на Пратеникот, с.а.в.а., се уште ги немале стекнато неопходните знаења за исламот и светлината на верата се уште во целост не делувала на нивните срца. Во моментот кога до нив допрела веста за смртта на Пратеникот, с.а.в.а., некои од нив ја напуштиле верата и повторно му се вратиле на многубоштвото. Биле активно спротивставени на исламската власт во Медина и не биле спремни да ги плаќаат исламските порези, па, дури и сериозно ѝ се заканиле со собирање на воени сили. Затоа, прво нешто што новата власт морала да го направи било подготвувањето групи муслимани за борба против отпадниците и загушување на нивниот бунт, чиј пламен, со залагање на муслиманите, најпосле бил угаснат.[5] Во такви прилики, кога назадните непријатели на исламот го развеале бајракот на отпадништвото и се заканувале на исламската власт, никако не било исправно Имамот, а.с., да развие друг бајрак и да подигне востание. Во едно од своите писма упатени на луѓето во Египет, Имамот, а.с., укажува на овие околности, па вели: ‘’Се колнам во Аллах, никогаш не ми се чинеше ниту помислував дека арапите после него – нека е мир и благослов Божји на него и на неговите потомци – ќе го украдат тоа од припадниците на Чистата Куќа, ниту дека тоа ќе го украдат од мене после него. Но, одненадеж видов луѓе како го опкружуваат човекот, давајќи му заклетва. Се држев понастрана (не се вмешував) се додека не увидов дека многу луѓе се одвраќаат од исламот, повикувајќи на уништување на верата на Мухаммед, с.а.в.а.! Тогаш се уплашив дека, ако не го помогнам исламот и неговите следбеници и ако во него се појави пукнатина или разорување, дека поголема несреќа ќе биде за мене тоа отколку што ќе биде губењето на власта ваша која во секој поглед е, краткотрајна, после што сѐ пропаѓа, како што поминува тоа што е привидно или како што се растеруваат облаците. Затоа станувам во овие настани, се додека лагата не биде разорена и уништена и додека верата не досегне мир и сигурност.’’[6] Во првите денови на својот калифат, Имамот, а.с., исто така, во својот говор потсетува на изнесените факти. Абдуллах ибн Џенаде вели: ‘’Во првите денови на власта на Али,а.с., стигнав од Мекка во Медина. Видов луѓе собрани во џамијата на Пратеникот како чекаат да дојде Имамот. Одеднаш Али излезе од куќата носејќи ја сабјата во своите раце, па сите погледнаа кон него. Тој се качи на минберот, па после пофалбата и славењето на Бога, својот говор го започна вака: ‘’Еј луѓе, знајте дека оној ден кога Пратеникот, с.а.в.а., пресели на Ахирет, мислевме дека никој нема да ни се спротивстави во поглед на власта што тој ја воспостави и дека никој нема да го повреди нашето право. Бидејќи, ние бевме неговите наследници и ополномоштеници. Но, спротивно на нашите очекувања, една група од нашиот народ го нападна нашето право, ни го украдоа калифатот и власта дојде во рацете на други…. Се колнам во Аллах, да не беше стравот од предизвикување раскол и поделба меѓу муслиманите и стравот дека неверувањето и идолопоклонството повторно ќе навалат на исламската земја и ќе го уништат исламот, кон нив поинаку ќе се однесував.’’[7] Покрај опасноста од отпадниците од верата, се појавиле и лажни пратеници, како Мусејлеме, Тулејха и Сеџах, па секој од нив имал свои подржувачи и сили што се собирале околу нив, со намера да ја нападнат Медина. Благодарејќи на единството на муслиманите и на вложените напори, тие сили се поразени.
Опасноста од веројатниот напад на Византијците на муслиманите можело да им претставува уште една причина за загриженост. Имено, дотогаш муслиманите во три наврати веќе се беше соочиле со Византија. И Византијците муслиманите ги сметале за сериозна опасност, па очекувале прилика да нападнат на самиот центар на исламот. Ако Али, а.с., подигнел вооружено востание, ослабувањето на внатрешниот фронт меѓу муслиманите би претставувало одлична прилика, која тие најверојатно би ја искористиле. Со оглед на сето претставено, јасно е зошто Имамот,а.с., одлучил дека е помудро да биде стрплив отколку да подига востание, па благодарејќи на својата стрпливост, поднесување, разбирање и проникливост, го спасил исламското општество од големите опасности. Да не бил така склон кон единството на муслиманите и да не се плашел од последиците на поделби и конфликти меѓу муслиманите, никогаш не би дозволил водството на муслиманите да биде одземено од рацете на вистинските наследници на Пратеникот, с.а.в.а., и да биде дадено на други.
[1] Ајетуллах Хаменеи, Сејјид Али, Пишва-је садик, Техеран, Ентешарат-е Сејјид Џемал, стр. 21.
[2] Нехџул-белага, говор 3.
[3] Нехџул-белага, говор 73.
[4] Субхани, Џафер, Пазхухеши амик пирамун-е зендеги-је Али. Ком, Џахан-е ара. стр. 222.
[5] Секако, ова не значи дека сето тоа што Ебу Бекр го превземал во рамките на овие операции било оправдано. Тоа посебно важи за случајот на убиството на Малик ибн Нувејра.
[6] Нехџул-белага, писмо 62.
[7] Ибн Ебул-Хадид, Шерх Нехџил-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-‘арабијје, 1378.х.г., том 1, стр. 307.