Во врска со мировниот договор меѓу Имам Хасан, а.с., и Муавија- прв дел
Најважниот и најчувствителниот дел од биографијата на Имамот Хасан, а.с., делот во врска со кој најмногу се дискутирало и кој предизвикувал сомничавост од страна на неговите неуки пријатели и злобни непријатели, е неговото склопување мир со Муавија и повлекување од политичката сцена, односно, откажување од калифатот. Некои, проучувајќи го неговото животно движење и тогашните случувања, поставуваат прашања: Зошто Имамот Хасан склопил примирје со Муавија? Зарем после шехадетот на Имам Али неговите следбеници не му дале заклетва на верност на неговиот син Хасан? Зарем не било подобро да го направи тоа што подоцна ќе го направи Имамот Хусејн, односно да дигне востание и на тој начин, или да оствари победа или со својот шехадет да ја разниша власта на Муавија? Пред да се впуштиме во изнаоѓање одговори на овие прашања, потребно е да се направи краток вовед во кој ќе укажеме на неколку работи.
Во согласност со историските сведоштва, Имамот Хасан, а.с., бил исклучително храбар и одважен човек кој никогаш не покажал страв или плашливост. На патот на напредок на исламот не избегнувал да се впушти во било каква опасност и секогаш бил подготвен за борба на Божјиот пат. Имамот Хасан, а.с., покрај својот татко Али, а.с., се борел во првите редови во Битката кај Деве и одел пред најхрабрите и најодважните другари на Али, а.с., јуришајќи во самото срце на непријателската војска.[1] Исто така, пред почеток на битката, по наредба на својот татко, заедно со Аммар ибн Јасир и неколку другари на Али, а.с., заминал во Куфа за да ги повика Куфјаните да учествуваат во џихадот.[2] Во тоа време управител на Куфа бил Ебу Муса Аш’ари кој се противел на праведната власт на Имам Али, а.с., и настојувал муслиманите да ги одврати да учествуваат во неговите битки. Хасан, а.с., и покрај предавството на Ебу Муса и неговите следбеници, успеал да придобие 9000 жители на Куфа да учествуваат во оваа битка.[3] Исто така, во Битката кај Сиффин, имал важна улога во општата мобилизација на силите и во придобивање на војската на Имам Али, а.с., за војната против војската на Муавија. Со своите пламени и придвижувачки говори ги поттикнувал Куфјаните да се придружат кон џихадот на неговиот татко за соборување на предавниците и непријателите на исламот.[4] Подготвеноста на Хасан, а.с., за борба на Божјиот пат била толку голема што Имамот Али, а.с., во Битката кај Сиффин, од своите другари барал, него и неговиот брат Хусејн, а.с., да ги одвратат од натамошна борба, за да со нивното евентуално загинување не биде прекината лозата на Пратеникот, с.а.в.а.[5] Имамот Хасан, а.с., кога се работело за вистината и одбраната на исламот, не покажувал ни најмала попустливост. Отворено ги критикувал неисламските постапки на Муавија и без престан говорел за неговото грдо минато и за неговата фамилија Емевиите. Сведоштво за кажаното се и неговите остри расправи со Муавија и неговите намесници, како Амр ’Ас, Утбе ибн Ебу Суфјан, Велид ибн Укбе, Мугејре ибн Су’аб и Мерван Хакем.[6] После склопувањето договор за мир, значи во време кога моќта на Муавија пораснала и кога тој ја зајакнал својата позиција во Куфа, Хасан, а.с., храбро се качил на минбер и ги изложил причините што го навеле на мир и ги изнел предностите на фамилијата на Али, а.с. Потоа, во присуство на самиот Муавија, отворено укажал на неговите лоши особини и остро го критикувал.[7] После шехадетот на Имам Али, а.с., и мировниот договор на Имам Хасан, а.с., хариџиите сите свои сили ги насочиле против Муавија. Во Куфа стигнала вест дека Хусра Еседи, еден од поглаварите на хариџиите, собрал војска и дигнал востание. За да уште повеќе ја зајакне својата позиција и за да работите ги претстави да изгледаат како Имам Хасан, а.с., му бил покорен и верен, Муавија му испратил порака додека овој бил на пат кон Медина, барајќи најпрвин да го загуши востанието на Хусра, а потоа да го продолжи своето патување. Имамот, а.с., на таа порака одговорил: ’’Се откажав од тебе за да се зачуваат животите на муслиманите, но тоа не значи дека ќе војувам за тебе против другите. Ако се одлучев за војна, тогаш најнапред ќе војував против тебе, затоа што борбата против тебе е поважна од борбата против хариџиите.’’[8] Од овие зборови зрачи дух на одлучност и борбеност, особено кога кон Муавија се однесува со презир, велејќи: ’’Се откажав од тебе…’’
Треба да се обрне внимание на фактот дека во исламското учење не постои единствен закон што би се однесувал на прашањето на војна и џихад. Затоа, како што исламот под одредени услови им наредува на муслиманите да војуваат против непријателот, исто така им наредува, доколку борбата нема да го постигне саканиот ефект, да се завртат кон склопување примирје. Во биографијата на Пратеникот, с.а.в.а., ги наоѓаме двата примери. Пратеникот, с.а.в.а., на исламот кој се беше впуштил во борбата на Бедр, Ухуд, Хендек и на други боишта, во поинакви услови со непријателите на исламот задолжително склопувал мировни договори и се откажувал од војување, за да го обезбеди напредувањето на исламот. Меѓу ваквите примери спаѓаат неговите мировни договори со племињата Бену Дамр и Бену Ешџ, па договорот со мушриците од Мекка (на Худејбија).[9] Според тоа, токму така како што Пратеникот на исламот, со цел за долгорочна корист, која што тогаш на многумина не им била сфатлива, склопувал мир со непријателот, така и Хасан, а.с., увидел дека доброто за исламското општество лежи во откажувањето од борба. Тој бил од Бога одреден водач и верски предводник кој долгорочно размислувал на посебен начин и ги знаел сите видови прилики подобро од било кој друг. Затоа, ова прашање не треба да биде причина за никакви недоразбирања, туку мора да се сфати дека, всушност, се работи за следење на постапувањето на Пратеникот, с.а.в.а.
За да поводите и причините за склопениот мир од страна на Хасан, а.с., ни бидат појасни, потребно е да се вратиме на страниците на историјата и да го разгледаме ова прашање, потпирајќи се на изворните и веродостојни историски сведоштва. Ако тоа го направиме, ќе ни се наметне заклучокот дека Хасан, а.с., не договорил мир, туку дека тој мир му бил наметнат. Значи, приликите и неповолните услови, заедно со разните други чинители, Имамот го довеле во таква ситуација што мирот бил неизбежен, односно принуден. Значи, Имамот, а.с., немал друг избор, освен да прифати мир, како што тоа би го направил било кој друг што би се нашол на негово место. Околностите биле такви што, ако би ги согледале надворешните опасности за исламскиот свет, но и приликите во Ирак, односно во таборот на Имам Хасан, а.с., ќе увидиме дека се работело за целосно неповолни услови за продолжување на војната. Во продолжение тие прилики подетално ќе ги разгледаме.
Во поглед на тогашната надворешно политичка состојба, извесно е дека внатрешни конфликти меѓу муслиманите на никому не би му донеле корист. Имено, Византијската империја, која веќе претрпела неколку силни удари од исламската држава, демнела поволна прилика за да ѝ зададе силен контраудар и најпосле да го запре нејзиното растечко влијание. Кога на византијските поглавари им дошле вести за тоа дека војските на Имамот Хасан, а.с., и на Муавија се поставуваат една спроти друга, помислиле дека тоа е најдобрата можна прилика за да ги остварат своите настојувања. Затоа, со огромна војска навалиле на исламските територии за да најпосле ги поразат муслиманите. Зарем Имамот Хасан, а.с., кој ја имал обврската да ги зачува темелите на исламот, имал друг избор освен со прифаќање на мир да ја отстрани оваа голема опасност за исламскиот свет? Познатиот историчар Јакуби пишува: ’’Во време кога Муавија се враќа од Шам – после воспоставувањето мир со Имамот Хасан – му стигнува вест дека Византијците организирале голема и добро подготвена војска за да ги нападнат исламските земји. Бидеќи немал сили за да им се спротивстави, Имамот, а.с., договорил примирје и се обврзал дека на византиските власти ќе им исплати 100 000 динари.’’[10] Овој историски извор покажува дека во време на конфликт меѓу двете страни во исламското општество, заедничкиот непријател на муслиманите секогаш бил подготвен да ја искористи приликата и да нападне. Ако дошло до војна меѓу силите на Хасан, а.с., и Муавија, на крај ниту едниот ниту другиот не би биле победници, туку победник би била Византиската империја. Но, благодарејќи на проникливоста и на далекусежните предвидувања на Имам Хасан, а.с., таквата опасност била отстранета. Имамот Бакир, а.с., на некој човек што се чудел заради чинот на склопување мир на Имамот Хасан, а.с., му рекол: ’’Ако не беше постапил така, ќе следела голема опасност.’’[11]
[1] Ибн Шехрашуб, Менакибу Али ибн Еби Талиб, подготвил и составил хаџи сејјид Хашим Ресул Махалани, Ком, Муассесе-је ентешарат Алламе, том 4, стр. 21.
[2] Ибн Вазих, Тариху Јакуби, Меншуретул-мектебетил-хајдеријје, Неџеф 1384, том 2, стр. 170, Ибн Кутејбе Динвари, Ал-Имамет вес-сијасет, Мектебету Мустафа баби Халеби, Каиро 1382, том 1, стр. 67.
[3] Ебу Ханифа Динвари, Ахбарит-тевал, Дарул-ихјаил-кутубил-’арабијје, Каиро, стр. 144-145; Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару садир, 1399.х.г., том 3, стр. 231.
[4] Наср ибн Музахим, Века’е Сифин, Меншурати мектебети басирет, Ком, 1382, стр. 113.
[5] Ибн Ебул-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Дарул-ихјаил-кутубил-’арабијје, Каиро, 1378.х.г., том 11, стр. 25 (говор 200).
[6] Табриси, Ихтиџаџ, Ал-Матбу’атул-муртезавијје, Неџеф, стр. 144-150.
[7] Табриси, Исто, стр. 156.
[8] Ибн Ебул-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-’арабијје, 1378.х.г., том 5, стр.98; Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, бејрут, Дару Садир, 1399.х.г., том 3, стр. 409.
[9] Во одговорот на некој човек што го прашал зошто се согласил на мир со Муавија, Имамот Хасан, а.с., одговорил: ’’Од истите причини заради кои Пратеникот го склопил оној договор со племињата и ние склопивме примирје со Муавија.’’ (Меџлиси, Мухаммед Бакир, Бихарул-анвар, Дарул-кутубил-исламијје, Техеран, том 44, стр.2).
[10] Тариху Јакуби, Меншуретул-мектебетил-хајдеријје, Неџеф 1384, том 2, стр. 206.
[11] Меџлиси, Мухаммед Бакир, Бихарул-анва, Дарул-кутубил-исламијје, Техеран, том 44, стр. 1.