Во врска со мировниот договор меѓу Имам Хасан, а.с., и Муавија- втор дел
Несомнено дека доколку еден владетел или командант сака да победи во конфликтот со непријателот, во неговите сопствени редови мора да има сила, подготвеност и ускладеност, во спротивно учеството во вооружен конфликт може да заврши исклучиво со понижувачки пораз. Анализиријќи ги причините за мировниот договор на Имам Хасан, а.с., кога станува збор за внатрешнополитичките прилики, најважната работа што ни паѓа во очи е отсуството на силен и уреден внатрешен фронт. Имено, народот во Ирак, посебно во Куфа, ниту во поглед на моралот бил подготвен за војна, ниту бил единствен. Битката кај Деве, битките кај Сиффин и Нехреван, како и сталните конфликти кои после случајот со пресудувањето се случувале меѓу војската на Муавија и војската на Имамот Али, а.с., во Ирак, Хиџаз и Јемен, кај поголемиот број луѓе довеле до тоа да се напуштат конфиктите. Имено, во тек на скоро 5 години владеење на Али, а.с., неговите другари не го испуштале оружјето од раце, освен заради обврската веќе утре повторно да го земат в раце и повторно да војуваат. Од друга страна, тие не воделе војна против некои туѓинци, туку, всушност се бореле против своите браќа и соплеменици, довчерашни пријатели, кои сега се нашле на страната на Муавија.[1] Тоа што неволно се одзвале на новиот повик на Имам Али, а.с., за битката на Сиффин всушност е показател на нивниот замор.[2] Д-р. Таха Хусејн, откако го објаснил случајот со пресудувањето и дополнителното комплицирање на приликите после Битката на Сиффин, пишува: ’’Тогаш Али, а.с., одлучил да се упати кон Шам, но лицемерите меѓу неговите другари предложиле да се врати во Куфа. Намерата била пред битката добро да се подготват, а потоа со поголема војска и со подобра опрема да тргнат против непријателот. Кога Али, а.с., ги вратил во Куфа, од неа повеќе и не излегол, затоа што истите тие што го наговориле, заминале во своите домови, се вратиле на своите обврски и во добра мера изгубиле волја за понатамошно војување. Така Али, а.с., изгубил надеж во нив. Секојдневно ги повикувал во џихад, но тие не го слушале и не ги прифатиле неговите повикувања. Во една прилика, во хутбето рекол: ’’Со својата непослушност ме пониживте и ме доведовте до таму што Курејшиите велат: ’Синот на Ебу Талиб е храбар човек, но не е способен за војување.’ Па кој е поспособен за војување од мене?!!’’[3] После неговиот шехадет, кога Хасан ибн Али, а.с., го презел калифатот, оваа појава станала уште поочигледна, така што кога тој ги повикувал луѓето да се подготват за војна против Сиријците, тие му се одзивале неволно. Кога му стигнала веста дека војската на Муавија тргнала накај Куфа, Имамот, а.с., наредил луѓето да се соберат во џамијата. Почнал да зборува, па откако укажал на збирањето на силите на Муавија, ги повикал луѓето во џихад на Божјиот пат и на истрајност во борбата против следбениците на заблудата, укажувајќи им на неопходноста од трпение, верност и поднесување на тешкотиите. Знаејќи го расположението на луѓето, Имамот, а.с., се плашел дека неговиот повик нема да биде прифатен. Тому тоа и се случило. Кога завршил со својот говор, сите молчеле. Таа глетка била толку жална и потресна што еден од другарите на Али, а.с., жестоко ги нападнал присутните, им рекол дека се лажни јунаци и кукавици и ги повикал да му се одзват на Имамот.[4] Ова историско сведоштво ни покажува до кој степен Ирачаните биле загазени во немоќ и неволност. Во нив целосно се беше угаснал пламенот на борбеност и духот на муџахидот. Најпосле, после потикнувањето и говорот на неколкумина негови најдобри другари, Имамот, а.с., со малубројна војска, ја напуштил Куфа и се стационирал недалеку од Куфа во подрачејто викано Нухејла. После десетдневен престој во тоа место, престој поминат во очекување на нови сили, во логорот на Имамот, а.с., се собрале само 4 000 луѓе. Од таа причина бил принуден да се врати во Куфа и повторно да се обиде да ги придобие луѓето за да и се приклучат на војската.[5]
Во тоа време Ирачкото општество не било некое организирано, еднообразно и единствено општество, туку се состоело од разни и често сосем спротивставени групи и слоеви. Неговите основни елементи биле следните: Емевиите и нивните следбеници, хариџиите, кои како своја обврска го сметале спротивставувањето против Али, а.с., и Муавија, потоа, ’’независните’’, односно тие што немале јасен став во однос на конфликтот и не знаеле на која страна да застанат и на крај, верните следбеници на Имамот, а.с.[6] Оваа поделеност во општеството се пренесла и во редовите на војската на Имамот Хасан, а.с., па се претворила во една несредена и неуредена група. Од таа причина, во евентуален конфликт со непријателот, не можело да се смета на неа. Во врска со оваа појава, Шејх Муфид пишува: ’’Ирачаните крајно неволно се подготвувале за војна. Војската што ја собрал Имам Хасан, а.с., била составена од разни групи, пред се од Имамовите следбеници и хариџиите, кои секоја можност ја користеле за борба против Муавија. Нивното учество во војската било заради непријателството кон Муавија, а не од наклонетост кон Имамот Хасан, а.с. Потоа, од лица што на војската и се придружиле заради користољубие и љубов кон Овој свет, односно, затоа што се надевале на пленот и материјалната корист за себе; потоа, колебливи и сомнителни поединци, кои не гледале голема разлика меѓу Хасан, а.с., и Муавија; најпосле, од лица кои не војувале заради верата, туку од племенска пристрасност и верност кон старешините.’’[7] Ако го земеме во обзир изнесеното, јасно е зошто војската на Хасан, а.с., не можела да се спротивстави на така силен непријател каков што бил Муавија.
Можеби ниедно сведоштво не ја отсликува поделеноста на тогашното ирачко општество и неговата слабост кога се работело за војна, како зборовите на самиот Имам, а.с. Хасан, а.с., во Медина, значи, крајната точка до каде што стигнала неговата војска, одржал долг и поттикнувачки говор во кој рекол: ’’Никаков сомнеж не не одвраќа од конфликтот со Сиријците. Во минатото против нив војувавме црпејќи сила од вашата поверливост и слога. Но, денес, меѓу вас исчезна единството и меѓусебното разбирање, па ја изгубивте јачината, така што сета ваша помош се сведува на вашите јазици. Кога во Битката на Сиффин се впуштивте во борба, предност и дававте на својата вера над Овој свет, но, денес на Овој свет му давате предност над верата. Ние сме такви какви што бевме и порано, но вие не сте поверливи како што бевте порано. Некои од вас ги изгубија своите блиски и роднини на Сиффин, а други на Нехреван. Тие првите ги оплакуваат своите загинати, тие другите сакаат освета за своите мртви, додека пак останатите не сакаат да не следат. Муавија ни го предлага тоа што е далеку од правда и спротивно е на нашите цели и на нашата чест. Затоа, ако сте подготвени да гинете на Божјиот пат, кажете, па да се впуштам во борба и да му одговорам со сабја. Но, ако го барате Овој свет и мир, кажате ми, па да го прифатам неговиот предлог и да направам да бидете задоволни.’’ Кога Имамот, а.с., го изговорил ова, луѓето повикале:’’Ние сакаме да живееме, сакаме да живееме!’’[8]
Значи, како можел Имамот, а.с., да се впушти во војна против непријател како Муавија, со војска со ваков низок морал? Зарем со вака слаба војска, составена од меѓусебно спротивставени групи, можел да се надева на победа? Навистина, сите тие чинители се обединиле и исламското општество го довеле пред сосем извесна опасност за која ќе читате во продолжението. Некои стари и современи автори и историчари ги извртувале историските факти, па тврдат дека Имам Хасан, а.с., не повикувал во војна ниту дека заговарал спротивставување против Муавија, туку дека уште од првиот ден ги прифатил неговите материјални дарови и се одал на лагоден и мирен живот. Ако и се спротивставил на Муавија, тоа било само за да себе си ги осигура тие материјални добивки! Постојат зачувани историски документи што покажуваат дека таквите тврдења се сосем неосновани и дека никако не се во склад со историските факти. Имено, ако вториот Имам, а.с., не намеравал да војува против Муавија, собирањето и ангажирањето воени сили не би имало никаква смисла, а историчарите се согласни во мислењето дека Имам Хасан, а.с., подготвувал војска за војна. Меѓутоа, заради недостаток на единство и организираност од една страна и заради сплетките на шпионите на Муавија од друга страна, неговата војска се распаднала и растурила, така што и не влегла во борба. Така Имамот, а.с., немал друг избор, освен да се откаже од борба и да прифати мир. Според тоа, Имам Хасан, а.с., најпрвин започнал востание, прогласил војна и почнал да собира војска, но, подоцна, имајќи темелен увид во приликите и односите во исламското општество, а сакајќи го најдоброто во дадениот момент, одлучил да го прифати мирот.[9]
[1] Во Битката кај Деве загинале најмалку 30 000 луѓе (Тариху Јакуби, том 2, стр. 172), а во Битката кај Нехреван загинале 4 000 хариџии (Тариху Јакуби, том 2, стр. 182), додека вкупниот број загинати на двете страни во Битката кај Сиффин изнесувал 110 000 луѓе (Месуди, Муруџуз-Зехеб, Дарул-Андалус, Бејрут, 1965, том 2, стр. 393).
[2] Шемсуддин, Мухаммед Мехди, Арзјаби-је енкелаб-е Хусејн, превод на Мехди Пишваји, Ентешарат-и Тевхид, Ком, стр. 197-200.
[3] Ајине-је ислам, превод Мухаммед Ибрахим Ајети Биреџенди, Сехамијје ентешар, 1339, стр. 250-251.
[4] Ебул-Фереџ Исфахани, Мактилут-Талибин, Меншуретул-мектебетил-хајдеријје, Каиро 1961, том 16, стр. 38; Ебул-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-’арабијје, 1378.х.г., том 16, стр. 38, Ахмед ибн Јахја белазери, Инсабул-ашраф, стр. 60.
[5] Ал-Јасин, Шејх Ради, Сулхул-Хасан, Меншуратуд-дарил-китабил-’иракијје фил-казимије, стр. 102.
[6] Ал-Јасин, Исто, стр. 68-74.
[7] Шејх Муфид, Ал-Иршад, Ком, Мектебету басирети, стр. 189; Ибн Себагх Малик, Ал-Фусулул-мухимме фи ма’рифетил-еимме, 1303, стр. 167.
[8] Ибн Асир, Уседул-гхабе фил-ма’рифети сахабе, Техеран, Мектебетул-исламијје, том 2, стр. 13-14; Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399.х.г. том 3, стр. 406; Меџлиси, Мухаммед Бакир, Бихарул-анвар, Дарул-китаби исламијје, Техеран, том 44, стр. 21; Сабит ибн Џевзи, Тезкиретул-хавас, Меншуретул-мектебетил-хајдеријје, Неџеф, 1383, стр. 199.
[9] Токму затоа некои од раните исламски историчари пишувале книги со наслов ’’Хасановото востание’’, како Хишам ибн Саиба Келби и Ибрахим ибн Мухаммед Секафи.