Првиот ехлибејтски Имам, Али ибн Еби Талиб, а.с. – битката на Хајбер и објавување на сура Берат – дел 4
Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, седмата година по Хиџра одлучил да ги разоружа Евреите во тврдината Хајбер. Причините од кои Пратеникот, с.а.в.а., се раководел се следните: првата причина е што Хајбер отворено сплеткарел против новооснованата исламска власт, па Евреите од оваа тврдина повеќе пати им помагале на непријателите на исламот во нападите на Медина. Посебно, во битката кај Хендек одиграле важна улога во засилувањето на војската на сојузниците; втората причина е што и покрај тоа што во тоа време Персија и Византија претставувале две големи империи што воделе долги меѓусебни војни, не ја поднесувале појавата на исламот како трета сила во тој регион. Отука не било нималку неверојатно Евреите од Хајбер да се најдат како оружје во рацете на персискиот или византискиот владетел и да им помогнат во уништување на исламот. Лесно можело да се случи Евреите овие две империи да ги наведат на борба против новата вера на ист начин како што ги поттикнувале арапските мушрици на борба против исламот. Сето тоа го навело Пратеникот, с.а.в.а., со војска од 1600 борци да се упати кон Хајбер. Тврдините на Хајбер биле одлично заштитени и имале добри услови за одбрана, така што на еврејските борци им претставувале важно воено упориште. Со големо саможртвување и храброст на борците на исламската војска, тврдините на Хајбер паѓале една по друга[1], но тврдината Камус, најголемата централна тврдина на еврејските борци одолевала на сите напади и муџахидите на исламот никако не успевале да ја освојат. Тие денови Пратеникот, с.а.в.а., имал силна главоболка и тоа го спречувало лично да ја води војската на боиште. Од таа причина секој ден знамето го доверувал на друг муслимански воин и му давал задолжение да ја освои тврдината. Но, сите тие, еден по друг, се враќале со незавршена работа. Еден ден бајракот го носел Ебу Бекр, наредниот ден бајракот му го доверил на Омер, но и двајцата не успеале да извојуваат победа и биле принудени да се вратат во таборот на муслиманската војска. Ваквата состојба на Божјиот Пратеник, с.а.в.а., се потешко му паѓала. Гледајќи како стојат работите, рекол: ‘’Навистина, утре бајракот ќе му го дадам на оној со чие посредство Аллах ќе ја отвори вратата на оваа тврдина; тој ги сака Аллах и Неговиот Пратеник, а и Аллах и Неговиот Пратеник го сакаат него!’’ Асхабите цела ноќ ја поминале во размислување на кому утредента Пратеникот, с.а.в.а., ќе му го даде бајракот. Кога се разденило, борците на исламската војска се собрале околу шаторот на Пратеникот, с.а.в.а., а секој се надевал дека токму нему ќе му биде предаден бајракот. Тогаш Пратеникот, с.а.в.а., рекол: ‘’А каде е Али?’’ Луѓето одговориле: ‘’Го болат очите, па остана во шаторот да се одмора.’’ Пратеникот, с.а.в.а., наредил да го викнат Али, а.с., па кога дошол, Пратеникот, с.а.в.а., му проучил дова и благодарејќи на довата му поминала болката во очите. Тогаш Пратеникот, с.а.в.а., му го доверил бајракот. Али, а.с., рекол: ‘’Божји Пратенику, ќе се борам против нив се додека не го прифатат исламот?’’ Пратеникот, с.а.в.а., му рекол: ‘’Прво повикај ги во ислам и потсети ги на тоа што е нивна обврска кон Бога. Се колнам во Аллах, ако Тој со твое посредство еден човек упати, за тебе е подобро отколку да имаш црвено влакнести камили!’’[2] Али, а.с., ја извршил својата должност и со невидена храброст и јунаштво ја освоил оваа цврсто и добро бранета тврдина.[3]
Веќе поминале повеќе од дваесет години откако во Хиџаз исламот почнал да се шири наспроти идолопоклонството меѓу разните арапски племиња. Мнозинството од нив на просторите на влијание на исламот станале свесни за злото на идолопоклонството и знаеле дека тоа е всушност само слепо следење на обичаите на нивните претци, па дека тие лажни божества биле преслаби да се одбранат себе си, а посебно не биле способни да им помогнат на другите. Таквите ништовни и немоќни божества, со ништо и никако не заслужуваат да бидат почитувани и обожувани. Тие, кои со будење на свеста и срцата, ги послушале зборовите на Пратеникот, с.а.в.а., во своите животи доживеале длабоки промени и од идолопоклонство се завртеле кон верата на тевхидот и еднобоштвото. Особено после Пратениковото,с.а.в.а., освојување на Мекка, следбениците на верата можеле исламот слободно да го претставуваат, па, како последица на таквиот настап, поголемиот дел подрачја, градови и села во Хиџаз го отфрлиле идолопоклонството и се одзвале на интересниот повик на тевхидот. Но, постоеле и групи заслепени незнајковци на кои им било многу тешко да се откажат од древните обичаи, па затоа живееле во секојдневен конфликт со својата совест и човечката изворна природа. Таквите не ги оставале своите грди обичаи и продолжиле да ги следат заблудите и кривоверството, што подразбирале разни морални и општествени застранувања. Идолопоклонството претставувало корен на моралната и општествената опачина и своевиден напад на честа на човечноста. Затоа, крајно време било Пратеникот, с.а.в.а., со воена сила да ги скрши и искорени сите негови форми на манифестирање и секое нечовечно однесување. Во тоа време се објавени ајетите од сура Берат, со кои на Пратеникот, с.а.в.а., му е наложено на Хаџот, на тој голем собир што во Мекка ги доведувал аџиите од сите краишта, јавно да ја обзнани одбојноста на Аллах и Неговиот Пратеник, с.а.в.а., кон мушриците. На идолопоклониците од Хиџаз требало отворено да им се даде до знаење дека во наредните 4 месеци мора да донесат јасна одлука: или ќе се завртат кон верата на тевхидот и ќе се вбројат меѓу муслиманите, со што ќе ги уживаат сите материјални и духовни привилегии и обврски на муслиманите, или ќе истраат во својата тврдоглавост и инает, што би значело дека ќе мора да бидат подготвени на војна во која ќе бидат погубени сите тие што ќе бидат заробени било кога од страна на муслиманите. Ајетите од оваа сура се објавени во времето кога Пратеникот, с.а.в.а., немал намера да оди на Хаџ, бидејќи претходната година, годината на ослободување на Мекка, ја посетил Божјата Куќа и одлучил наредната година да изврши Хаџ, онаа година која ќе стане позната како година на прошталниот Хаџ. Од таа причина неопходно било некого да го овласти на аџиите да им ја пренесе Божјата порака. Затоа, најпрвин кај себе го повикал Ебу Бекр, го подучил на овие ајети, па со придружба на 40 луѓе го испратил во Мекка тие ајети да ги обзнани на денот на Курбан-бајрам. Ебу Бекр се упатил кон Мекка, но во меѓувреме на Пратеникот, с.а.в.а., му стигнала Божја објава во која му било наредено дека оваа порака мора да ја пренесе лично тој или некој од него и дека никој друг тоа нема право да го направи. А која била таа личност за која Објавата вели дека е од Пратеникот, с.а.в.а., што навистина означува висока позиција? Пратеникот, с.а.в.а., наскоро го повикал Али, а.с., и му наредил да тргне кон Мекка, да го стигне Ебу Бекр, од него да ги преземе ајетите и да му ја објасни причината за настанатата промена. Така, Али, а.с., заедно со Џабир и група асхаби се упатил кон Мекка јавајќи на посебната камила од Пратеникот, с.а.в.а., за да на Ебу Бекр му ги пренесе зборовите на Пратеникот, с.а.в.а. Кога го стигнал, Ебу Бекр му ги предал ајетите на Али, а.с., па откако стигнал во Мекка, десеттиот ден од месецот Зул-хиџџе се искачил на ритчето Укба и на силен глас ги проучил почетните ајети од сурата Берат и потоа на сите присутни им го обзнанил прогласот на Пратеникот, с.а.в.а., составен од 4 точки.[4] Со таа порака сите мушрици сфатиле дека имаат само уште 4 месеци да го одредат својот однос кон исламската власт. Кур’анските ајети и прогласот на Пратеникот, с.а.в.а., силно влијаеле на ставовите на мушриците, така што и пред да поминат тие 4 месеци, тие во групи почнале да ја прифаќаат верата на тевхидот. Така, до истекот на десеттата хиџретска година, идолопоклонството во Хиџаз било скоро искоренето. Кога Ебу Бекр бил информиран за отповикот, крајно нерасположен се вратил во Медина и се пожалил на Пратеникот, с.а.в.а.: ‘’Мене ме сметаше за адекватен и достоен за оваа задача, но ме отповика. Каква наредба ти стигнала од Бога во врска со тоа?’’ Пратеникот, с.а.в.а., му одговорил: ‘’Стигна Божјиот гласник и рече дека освен мене или некој кој е од мене, никој друг не е достоен тоа да го изврши.’’[5]
[1] Всушност, Хајбер претставувал низа на одлично изградени и добро бранети тврдини, како Наима, Саба, Зубејра, Ебија, Незара, Камуса…
[2] Црвеновлакнестите камили биле најмногу ценети и најскапи.
[3] Повеќе во врска со овие случувања ќе најдете во следните извори: Абдул-Мелик, Ес-Сиратун-небевијје, подготвиле Мустафа Ас-Сика, Ибрахим Абјари и Абдулхафиз Шибли, Каиро, Мектебету Мустафа Ал-баби Халеби, 1355. х.г., том 3, стр. 349; Ибн Асир, Ал-камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир. 1399. х.г., том 2, стр. 219. Ал-Хаким Нишабури, Ал-Мустедрек ‘алас-сахихајн, подготвил Абдуррахман Ал-Мер’аши, Бејрут, Дарул-ма’рифет, 1406, том 3, стр. 109; Ал-Бухари, Мухаммед ибн Исмаил, Сахихул-Бухари, каиро, Мектебету Абдулхамид Ахмед ханефи, 1314, том 5, стр. 18.
[4] Тој проглас ги подразбирал следните точки: 1.поништување на сите договори со мушриците; 2. Одземање на правото на мушриците да учествуваат во обредите на Хаџот; 3. Забрана Хаџот да се извршува гол, нешто што било честа навика на мушриците; 4. Забрана за влез на мушриците во Месџидул-Харам.
[5] Алвеси Багдади, Махмуд, Рухул-Ма’на, Дарул-ихјаит-турасил-‘араби, том 1, тефсир на сурата Тевбе.