Првиот ехлибејтски Имам, Али ибн Еби Талиб, а.с. – периодот после Хиџра, битките Бедр, Ухуд и Хендек – дел 3
Знаеме дека битката на Бедр, која се случила во втората година после Хиџра, претставува прв отворен вооружен конфликт меѓу муслиманите и мушриците. Затоа, победата за двете страни била од огромна важност. Пратеникот, с.а.в.а., на исламот дознал дека голем курејшиски караван под водство на Ебу Суфјан, стариот непријател на исламот, се враќа од Шам во Мекка. Со оглед на фактот дека караванот требало да пројде покрај Медина, Пратеникот, с.а.в.а., на исламот со 313 мухаџири и енсарии тргнал на Бедр, место кај кое караванот морал да помине, за да го заплени. Целта на овој маневар на Пратеникот, с.а.в.а., бил на Курејшиите да им се даде до знаење дека нивниот трговски пат се наоѓа на дофат на исламските сили и дека ако продолжат да го спречуваат ширењето на исламот и да ги задушуваат слободите на муслиманите, главниот тек на нивниот економски живот ќе биде спречен од страна на муслиманската војска. Од друга страна, дознавајќи за движењето на муслиманите, Ебу Суфјан караванот го пренасочил по еден спореден пат покрај брегот на Црвеното море, со што се оддалечил од опасноста, а истовремено и побарал помош од поглаварите на Курејшиите во Мекка. На негов повик, 950 или 1000 нивни воини се упатиле кон Медина. Така, седумнаесеттиот ден од месецот Рамазан оваа група се нашла наспроти муслиманите, при што бројот на мушричките борци бил три пати поголем. Пред почеток на битката, тројца курејшиски јунаци, Утба (таткото на Хинд, сопругата на Ебу Суфјан), неговиот постар брат Шејба и неговиот син Велид, излегле на бојното поле и побарале некој да им излезе на двобој. На нивниот повик се одзвале тројца енсариски воини, но Курејшиите одбиле да се борат против нив. Рекле: ‘’Еј Мухаммед, испрати луѓе од нашето племе, луѓе кои нам ни се еднакви!’’ Тогаш Пратеникот, с.а.в.а., им нареди на Убејда ибн Харис ибн Абдул-Муталиб, Хамза ибн Абдул-Муталиб и на Али ибн Ебу Талиб, а.с., да излезат и да им се спротивстават. Овие тројца храбри муџахиди излегле на бојното поле и им се претставиле на своите противници. Мушриците ги прифатиле како валидни, достојни противници и рекле: ‘’Тие ни се рамноправни противници!’’ Хамза за противник го имал Шејба, Убејда го имал Утба, а Али, а.с., кој бил најмлад за противник го имал Велид, вујкото на Муавија. Али, а.с., и Хамза брзо ги совладале своите противници, а борбата меѓу Убејда и Утба потрајала. Али, а.с., и Хамза му помогнале на Убејда и Утба бил совладан.[1] Подоцна, во едно од своите писма испратени на Муавија, Али, а.с., укажал на овој настан со зборовите: ‘’Сеуште ја имам сабјата со која го испратив твојот дедо, твојот вујко и твојот брат на едно исто место.’’[2] После победата на тројцата големи исламски јунаци, што имало погубен ефект врз моралот на мушричката војска, отпочнала општа борба која завршила со тежок пораз на мушриците. Покрај големиот број загинати, дури седумдесет мушрици биле и заробени. Половината од вкупниот број на убиените мушрички борци биле убиени од сабјата на Али, а.с. Шејхот Муфид, триесет и шест од загинатите мушрици ги набројува по име и пишува: ‘’Сите муслимански известувачи без разидување бележат дека набројаните ги погубил лично Али ибн Ебу Талиб, а.с., додека во врска со останатите постојат разидувања во поглед на проценката дали ги убил Али, а.с., или некој од другите муслимански борци.’’[3]
Поразот на Бедр тешко го нарушил моралот на Курејшиите, па одлучиле да се одмаздат со напад на Медина со голема и добро опремена војска. Разузнавачките извори на Пратеникот, с.а.в.а., го предупредиле за оваа намера на Курејшиите, заради што го повикал војниот совет за да одлучат како најдобро да му се спротивстават на непријателот. Некои сметале дека е подобро муслиманската војска да излезе од Медина и да им се спротивстави надвор од градот. Откако се согласиле со ова мислење, Пратеникот, с.а.в.а., со илјада борци се упатил кон ритчето Ухуд, северно од градот. Попатно, 300 борци, подржувачи на познатиот мунафик Абдуллах ибн Убејј, на негов наговор, се вратиле назад во Медина, така што муслиманските сили се свеле на 700 борци. Утрото на 7 Шевал, трета година по Хиџра, двете војски стоеле една наспроти друга под ритчето Ухуд. Пред почеток на битката, Пратеникот, с.а.в.а., го наблудувал боиштето и воочил дека постои еден премин што непријателот можел да го искористи и од зад грб да ги нападне муслиманите. Затоа, на блиското возвишение како командант го поставил Абдуллах ибн Џубејр со 50 луѓе вооружени со лакови и стрели да го чуваат преминот и да го спречат евентуалниот напад од непријателот. Им наредил оваа позиција во никој случај да не се напушта, без разлика дали муслиманите во битката ќе победуваат или не. Од друга страна, според традицијата во тогашните војни, бајрактарот имал исклучително важна улога, па затоа бајракот секогаш бил доверуван на храбрите и способни воини. Истрајноста и постојаноста на бајрактарот и веењето на бајракот на бојното поле им давало сила и полет на борците, додека загинувањето на бајрактарот и заробувањето на бајракот значело сигурно разнишување на моралот на војската. Токму заради тоа, пред почеток на битката, за да се спречи опаѓање на моралот, се одредувале неколку најхрабри борци да бидат бајрактари. И во оваа битка Курејшиите така постапиле, па за бајрактари одредиле луѓе од племето Бену Абду-Дар, познато по својата храброст. Меѓутоа, веднаш по почетокот на битката, силната рака на Али, а.с., еден по еден погубила неколку од нивните бајрактари. Загинувањето на тие бајрактари го потресле моралот на курејшиската војска, па нивните борци почнале да бегаат. Од Имамот Садик, а.с., се пренесува дека рекол: ‘’Војската на мушриците на Ухуд имала девет бајрактари. Сите нив со своја рака ги убил Али, а.с.’’ Ибн Асир исто така вели: ‘’Али беше тој што ги уби бајрактарите на Курејшиите.’’[4] Како што Шејх Садук пренесува, Али, а.с., во врска со ова укажал при одржувањето на состанокот на одборот од шестемина заради изборот на калиф после смртта на вториот калиф, Омер ибн Хаттаб. Рекол: ‘’Ве колнам во името на Аллах, дали меѓу вас има некој освен мене, кој во битката на Ухуд погуби деветмина бајрактари од племето Абду-Дар?!’’ Потоа додал: ‘’После загинувањето на тие деветмина, на мегдан излезе нивниот роб по име Севаб, човекот со џиновски раст. Додека на устата му излегуваше пења, а очите му беа крвави, рече: ‘Во знак на одмазда на своите господари нема никој друг да убијам освен Мухаммед!’ Кога го видовте вие се поколебавте, но јас му излегов на мегдан. Разменувавме удари, додека не го удрив така што го преполовив.’’ Сите членови на одборот ги потврдиле овие зборови на Али, а.с. На тој начин војската на Курејшиите западнала во хаос. Кога тоа го виделе стрелците на Абдуллах ибн Џубејр кои го чувале преминот, сакале да ја напуштат позицијата, за да го дофатат пленот. Абдуллах ибн Џубејр нивниот командант, ги потсетил на изречната наредба на Пратеникот, с.а.в.а., дека по секоја цена мора да останат на позицијата, но тие не го послушале, па повеќе од 40 од нив се спуштиле од возвишението и почнале да го собираат пленот. Абдуллах ибн Џубејр останал со помалку од десет борци. Кога тоа го видел Халид ибн Велид кој со група коњаници чекал во заседа, нападнал и откако сите десетмина кои останале на возвишението ги убил, од зад грб ги нападнал муслиманите. Тој напад, заедно со повторното подигнување на нивното знаме што го подигнала една жена по име Амра бинт Алкаме, им го повратил моралот на курејшиските борци да се вратат на бојното поле. На таков начин состојбата на боиштето одеднаш се сменила. Муслиманската борбена организираност се пореметила, нивните борбени редови се растуриле, исчезнала врската меѓу командантот и борците и муслиманите доживеале пораз. Околу 70 исламски муџахиди, меѓу кои и Хамза ибн Абдул-Муталиб и Мусаб ибн Омејр, еден од бајрактарите на муслиманската војска, станале шехиди. Од друга страна, од причина што непријателот на боиштето проширил вест дека Пратеникот загинал, моралот на многу муслимани бил разнишан. Со додатен притисок на мушричката војска, мнозинството муслимани почнале да се повлекуваат и војската се растерала. На боиштето, освен мала група што го бранеле Пратеникот, с.а.в.а., не останал никој. Тоа биле судбински и пресудни моменти за натамошната историја на исламот. Ибн Асир во својата книга Историја пишува: ‘’Пратеникот на исламот здогледал група мушрици кои се подготвувале да ги нападнат. Му наредил на Али, а.с., да ги нападне, па Али, а.с., погубувајќи неколкумина од нив, меѓу ним предизвикал паника. Потоа здогледал и друга група и пак на Али, а.с., му наредил да ги нападне. Али, а.с., повторно погубил неколкумина од групата, а другите се разбегале. Тогаш мелекот на Објавата му пренесе на Пратеникот, с.а.в.а.: ‘Ова што Али го покажа е врвна верност.’, а Пратеникот, с.а.в.а., рекол: ‘Тој е од мене и јас сум од него.’ Тогаш од небото слушнале глас: Ла сејфе илла зулфикар ве ла фета илла Али (Нема сабја каква што што е Зулфикар, нема витез каков што е Али!)[5] Ибн Ебул-Хадид пишува: ‘’Во моментите кога мнозинството од другарите на Пратеникот бегале, разни групи непријатели со сета нивна сила го нападнале Пратеникот. Го нападнале групи од племето Бену Кенане и Бену Абду-Менат, меѓу кои имало неколку истакнати борци. Тогаш Пратеникот на Али му рекол: ‘Нападни ги!’ Али пешки нападнал група од педесет луѓе и ги растурил. Неколкупати повторно се собирале и навалувале, но Али секогаш ги запирал нивните напади. Во овие моменти на одбрана, Али погубил 14 непријателски борци. Четворица од нив биле славни борци и десет други чии имиња историјата не ги забележала. Тогаш Џибрил му рекол на Божјиот Пратеник, с.а.в.а.: ‘Али навистина ти помага. Дури и мелеците се восхитени од него!’ Пратеникот одговорил: ‘Како може да не е така кога тој е од мене, а јас сум од него!’, а Џибрил рекол: ‘И јас сум од вас!’ Тогаш од небото се слушнал глас што повеќепати повторил: Ла сејфе илла зулфикар ве ла фета илла Али, само што не можело да се види кој тоа го зборува. За тоа го прашале Пратеникот, с.а.в.а., а тој им рекол: ‘Тоа беше Џибрил!’’’[6]
Битката Ахзаб, како што и самото име кажува, била битка во која разни непријателски племиња на исламот, предводени од Курејшиите, се здружиле за да го уништат еднаш за секогаш. Некои историчари пишуваат дека силите на неверниците во оваа битка броеле повеќе од десет илјади добро вооружени луѓе, додека муслиманските не повеќе од три илјади. Кога на Пратеникот, с.а.в.а., му дошла веста за намерата на Курејшиите, го повикал воениот совет. На состанокот Селман предложил околу чувствителните делови на Медина да се ископа канал (ендек), што ќе го спречи преминувањето на непријателот. Овој предлог бил усвоен, па во наредните неколку дена, со голем напор и труд, каналот бил ископан. Толку бил широк што непријателските коњаници не можеле да го прескокнат и доволно длабок што оној кој во него би паднал, не можел лесно да излезе. Силната неверничка војска, помогната од Евреите, стигнала пред градот. Мислеле дека како и дотогаш со муслиманите ќе се соочат некаде надвор од Медина, но овој пат тука не ги нашле муслиманите. Непријателот продолжил да напредува се додека не дошол до пред самиот град. Тогаш го приметиле широкиот и длабок канал, што многу ги зачудило со оглед на околноста дека копањето канали дотогаш не било пракса во војните меѓу Арапите. Биле принудени да го опколат градот до каналот. Според некои извори, опсадата траела еден месец. Непријателските борци кога и да се обиделе да го преминат каналот, би наидувале на жесток отпор на муслиманите што ги чекале зад своите одбрамбени скривалишта. Исламската војска на секој напад возвраќала со стрели и камења. Борбата со стрели од двете страни траела деноноќно, но ниедна страна не можела да оствари победа. Од друга страна, опсадата на Медина изведена од толку голема војска го ослабела моралот на многумина меѓу муслиманите, а додатна тешкотија им претставувало тоа што еврејското племе Бену Курејза го прекршило договорот и се ставило на страната на идолопоклониците, ветувајќи им дека додека мушриците го преминуваат каналот, тие ќе нападнат на муслиманите.
Чесниот Кур’ан одлично ја прикажува тешката и за муслиманите опасна состојба при оваа опсада, па во сура Ал-Ахзаб вели: Еј верници, сетете се на Аллаховата милост кон вас кога до вас дојдоа војски, па против нив Ние ветар испративме и војски кои вие не ги видовте – а Аллах добро знае што правите – кога ви дојдоа и од горе и од долу и кога вашите очи без вперени единствено во непријателот, а душата ви дојде до гркланот и кога за Аллах сешто помислувавте – тогаш верниците беа ставени во искушение и не можат полошо да бидат вознемирени. Кога лицемерите и тие со болни срца говореа: ‘’Аллах и Пратеникот Негов кога ни ветуваа, само нè заведуваа!’’, кога некои меѓи нив рекоа: ‘’Еј жители на Јесриб, овде ви нема спас, затоа вратете се!’’, а други меѓу ним бараа дозвола од Пратеникот и велеа: ‘’Нашите куќи се незаштитени!’’ – а не беа незаштитени, туку тие сакаа да се извлечат. А од разни страни да им продреа и потоа од нив да побараа пак многубожци да постанат, тие, без многу двоумење во врска со тоа, тоа брзо би го направиле, а на Аллах уште порано му се обврзаа дека нема да бегаат – а, за на Аллах дадената обврска, ќе се одговара.[7] Но и покрај тешката состојба на муслиманите, каналот претставувал пречка која сојузниците не успевале да ја преминат, а продолжувањето на таквите прилики им претставувало проблем. Имено, секој ден станувало се постудено, а од друга страна, бидејќи храната за борците и животните кои со себе ги понеле била предвидена за кратка борба, како битките на Бедр и Ухуд, недостатокот на храна доведувал до тоа борбениот морал и подготвеност на борба се повеќе да слабеат, се појавувале замор и пад на расположението. Заради тоа, предводниците на нивната војска не гледале друг излез освен да ги испратат своите највешти и надобри борци да се обидат да го преминат каналот и на тој начин овој конфликт да го извлечат од ќорсокакот во кој западнале. Петмина најистакнати борци од редовите на сојузниците на коњи дојавале до каналот и успеале да го прескокнат на најтесното место. Откако преминале на другата страна од каналот, почнале да ги предизвикуваат муслиманите да им излезат на мегдан. Еден од петтемина борци бил познатиот арапски јунак Амр ибн Абду-Ведд, човекот што се сметал за најсилен и најхрабар меѓу Арапите. За него се зборувало дека вреди колку илјада други луѓе, бидејќи своевремено на Јелил самиот совладал голема група непријатели, па бил познат и како Лавот од Јелил. Амр ибн Абду-Ведд учествувал и во битката на Бедр и во таа битка бил ранет, па затоа отсуствувал во битката на Ухуд. Од таа причина, во оваа битка на Хендек (канал), на секој начин сакал да привлече внимание за своето присуство. Бидејќи го преминал каналот, Амр почнал да повикува: ‘’Дали меѓу вас има воини?!’’ Никој од муслиманите не му се одзвал, заради што тој уште повеќе се охрабрил, па почнал да го навредува верувањето на муслиманите, велејќи: ‘’Велите дека вашите загинати одат во Џеннет, а нашите мртви во Џехеннем; тогаш, зарем меѓу вас нема никој за да го испратам во Џеннет, или тој мене да ме испрати во Џехеннем?!’’ После тоа почнал да рецитира борбени стихови и повикал: ‘’Толку многу ве довикував и барав воин меѓу вас, што без глас останав!’’ Континуираното довикување на Амр во срцата на муслиманите внело страв и немир, така што како закопани стоеле на своите места и никој не покажал желба да излезе и да му се спротивстави. Освен Али, а.с. Амр кога и да го повторувал своето барање, само Али, а.с., се пријавувал и од Пратеникот, с.а.в.а., барал дозвола да излезе на мегдан против Амр. Пратеникот, с.а.в.а., не дозволувал се додека Али, а.с., не се пријавил третпат едноподруго. Кога Али, а.с., и третпат побарал дозвола, Пратеникот, с.а.в.а., му рекол: ‘’Тоа е Амр ибн Абду-Ведд’’, на што Али, а.с., одговорил: ‘’А јас сум Али!’’[8] Најпосле Пратеникот, с.а.в.а., се согласил, му ја дал својата сабја, на главата му го ставил својот турбан и за него проучил дова. Тогаш Али, а.с., се упатил кон мегданот, а Пратеникот, с.а.в.а., рекол: ‘’Целиот ислам се најде против целиот куфр (неверство)!’’[9] Таа изјава јасно укажува дека победата во овој двобој значи или победа на иманот над куфрот, или победа на куфрот над иманот. Се работело за судбоносен двобој чиј исход требало да ја одреди иднината на исламот и многубоштвото. Али, а.с., тргнал кон Амр пешки, а кога му се доближил, рекол: ‘’Себе си завет си дал дека на припадник на Курејшиите ќе му удоволиш една од три работи ако од тебе нешто побара.’’ Амр одговорил потврдно. Али, а.с., продолжил: ‘’Прво што од тебе барам е да го прифатиш исламот.’’ Амр рекол: ‘’Прескокни ја таа желба.’’ Второто барање, рекол Али, а.с., е: ‘’Откажи се од биткава и оди си одовде, а сметката за разрешување со Мухаммед остави им ја на другите. Ако тој е на Вистината, ти ќе бидеш најсреќниот човек, а ако не е, твојата желба ќе биде остварена, а притоа ти и да не учествуваш во борбата.’’ На тоа Амр одговорил: ‘’Курејшиските жени никогаш не ќе зборуваат дека тоа се случило! Се заколнав дека косата нема ја намачкам со мирисливо масло се додека не му се одмаздам на Мухаммед!’’ Тогаш Али, а.с., му рекол: ‘’Штом е така, слези од коњот и да се бориме!’’ Амр рекол: ‘’ Не помислив дека еден Арап би можел од мене тоа да го побара! Не сакам да те погубам затоа што татко ти ми беше пријател. Врати се, премлад си!’’ ‘’Но јас тебе сакам да те погубам!’’, му одговорил Али, а.с. Тие зборови на Али, а.с., го налутиле Амр, па тој арогантно слегол од коњот и навалил на него. Започнала жестока борба. Амр искористил погоден момент на Али, а.с., да му зададе силен удар со сабјата, но Али, а.с., го одбил ударот со својот штит при што штитот се распукнал на два дела и Али, а.с., се здобил со мала рана на главата. Веднаш после тој удар Али, а.с., возвратил со силен удар при што Амр паднал на земја. Прашината што се подигнала им пречела на присутните да го видат исходот на борбата. Одеднаш се зачуле текбирите на Али, а.с., по што од муслиманскиот табор се слушнале извици на радост и на сите им станало јасно дека Али, а.с., го погубил големиот арапски јунак.[10] Кога другите четворица соборци на Амр виделе дека тој загинал почнале да бегаат. Тројца успале со коњите повторно да го прескокнат каналот и да се вратат кај својата војска, но еден од од нив, Невфел, бегајќи од коњ паднал во каналот. Али, а.с., скокнал во каналот и го докрајчил и него. Губејќи го и овој свој јунак, моралот на сојузничката војска силно бил разнишан, така што сосем изгубиле надеж дека ќе се пробијат во градот. Припадниците на разните племиња почнале да се договараат за повлекување и враќање назад во своите домови. Последниот удар им го задал Господарот на световите, со силна бура, силен ветар, така што најпосле, сосем обесхрабрени одлучиле да се откажат од понатамошна борба и да се вратат назад.[11] Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, по повод големата победа на Али, а.с., на тој ден, рекол: ‘’Кога ова твое дело би се споредило со сите добри дела на мојот уммет (народ), би вредело повеќе. Бидејќи, со погинувањето на Амр не останала мушричка куќа што не ја зафатило тага, ниту муслиманска куќа исполнета со чест.’’[12] Познатиот мухадис Хаким Нишабури вака ги пренесува зборовите на Пратеникот, с.а.в.а.: ‘’Победата на Али ибн Ебу Талиб над Амр ибн Абду-Ведд на денот на Хендек (канал) е повредна од сите добри дела на мојот народ сѐ до Судниот ден!’’[13] Се разбира дека смисолот на овие зборови е сосем јасен: тој ден исламот и Кур’анот се нашле пред најтешката воена закана и ги поминувале своите најтешки моменти. Токму Али, а.с., со својата беспримерна верност го избавил исламот од опасноста и го осигурал неговиот опстанок до Кијаметскиот ден. Исламот ги зацврстил своите корени благодарејќи на верноста на Али, а.с., па затоа неговата искажана верност е еднаква на ибадетот на сите верници.
[1] Да се погледнат следните извори: Ибн Хишам, Абдул-Мелик, Ес-сиратун-небевијје, подготвиле Мустафа Ас-Сика, Ибрахим Абјари и Абдулхафиз Шибли, каиро, Мектебету Мустафа Ал-баби Халеби, 1355,х.г., том 2, стр.277; Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399, х.г., том 2, стр. 125.
[2] Нехџул-белага, писмо 64.
[3] Шејх Муфид, Ал-Иршад, Ком, Мектебету басирети, стр. 39.
[4] Исто, стр. 45.
[5] Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399.х.г., том 2, стр. 154.
[6] Ибн Ебил-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-‘арабијје, 1378.х.г. том 14, стр. 253. Хаваризми исто така во книгата Ал-Менакиб, стр. 223, пренесува дека Али, а.с., ги потсетил членовите на шурата (одборот) во врска со оваа случка.
[7] Ал-Ахзаб, 9-15.
[8] Ибн Ебул-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-арабијје, 1378, х.г., том 13, стр. 248.
[9] Меџлиси, Маухаммед Бакир, Бихарул-анвар, дарул-кутубил-исламијје, Техеран, том 20, стр. 215.
[10] Мухаммед ибн Омер ибн Вакиди, Ал-Мегхази, Муессесетул-а’леми, Бејрут, том 2, стр. 471.
[11] Во врска со субдинската победа на Али, а.с., над Амр ибн Абду-Ведд, повеќе можете да најдете во: Меџлиси, Мухаммед Бакир, Бихарул-анвар, Дарул-кутубил-исламијје, Техеран, том 20, стр. 203-206; Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399, х.г., том 2, стр. 181; Шејх Муфид, Ал-Иршад, Ком, Мектебету басирети, стр. 54.
[12] Меџлиси, Мухаммед Бакир, Бихарул-анвар, Дарул-кутубил-исламијје, Техеран, том 20, стр. 216.
[13] Ал-Хаким Нишабури, Ал-Мустедрек ‘алас-сахихајн, подготвил Абдуррахман Ал-Мер’аши, Бејрут, Дарул-ма’рифет, 1406,х.г., том 3, стр.32.