Првиот ехлибејтски Имам, Али ибн Еби Талиб, а.с. – раѓање и периодот до почеток на Објавата – дел 1
Имам Али, а.с., е роден на 13.Реџеб, триесет години после ‘’годината на слонот’’,[1] во внатрешноста на самата Ка’ба. Неговата мајка се викала Фатима бинт Есед, а таткото Ебу Талиб. Шехадет постигнал во 21 ноќ во месецот Рамазан 40 години после Хиџра, во градот Куфа. Неговиот гроб се наоѓа во градот Неџеф, во Ирак. (Неџеф од Куфа е оддалечен неколку километри. Имено, кога преселил, Хасан, а.с. и Хусејн, а.с., со група роднини и пријатели ноќе тајно го одвеле телото од Куфа и го погребале на тогаш непознато место. За тоа каде е погребан ќе се дознае дури во времето на Шесттиот Имам на Ехли-бејтот, Имам Џафер Садик, а.с.). Имам Али, а.с., е роден десет години пред почеток на спуштање на Објавата на Пратеникот Мухаммед с.а.в.а., и во сите важни збиднувања од историјата на исламот, секогаш бил покрај него. После преселувањето на Ахирет на Пратеникот, с.а.в.а., живеел уште триесет години. Животот на Али, а.с., што траел 63 години, можеме да го поделиме на следните пет етапи: првата, од раѓањето до почеток на Објавата; втората, од почеток на Објавата до исселувањето на Пратеникот с.а.в.а., во Медина (Хиџра); третата, од Хиџра до преселувањето на Пратеникот с.а.в.а., на Ахирет; четвртата, од преселувањето на Пратеникот, с.а.в.а., до почеток на неговиот калифат; петтата, периодот на неговиот калифат.
Првата етапа на животот на Имамот, а.с., била таа до почеток на спуштање на Објавата и траела десет години. Кога се родил Али, а.с., Пратеникот, с.а.в.а., бил на возраст од не повеќе од триесет години. Објавата почнала да му пристигнува во неговата четириесетта година, така што Али, а.с., во тоа време немал повеќе од десет години возраст. Значи, овој посебно чувствителен период на формирање на личноста, воспитание и духовно изострување го поминал во куќата на Мухаммед, с.а.в.а., под негово воспитание и грижа. Во врска со тоа, исламските историчари го бележат следното: една година во Мекка завладеал голем глад. Ебу Талиб, таткото на Имам Али, а.с., стрико на Мухаммед, с.а.в.а., во тоа време имал големо семејство и големи животни трошоци. Мухаммед, а.с., му предложил на Аббас, исто така негов стрико и еден од најбогатите членови меѓу Хашимиите, двајцата, во својот дом да земат по едно од децата на Ебу Талиб, за да му ги намалат неговите издатоци. Аббас се согласил со предлогот, па заедно пошле кај Ебу Талиб и му го изнеле својот предлог. Ебу Талиб го прифатил предлогот, па, Аббас кај себе го зел Џафер, а Мухаммед, с.а.в.а., го зел Али, а.с. Во домот на Пратеникот, с.а.в.а., живеел до Објавата и бил првиот што ја прифатил и ја
потврдил[2]. Велат дека Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, откако го зел Али, а.с. кај себе, рекол: ‘’Го одбрав оној кого Аллах го одбра за мене.’’[3] Бидејќи Мухаммед, с.а.в.а., после смртта на Абдул-Муталиб израснал во куќата на Ебу Талиб под негово старателство, сакал на Ебу Талиб и на неговата сопруга Фатима бинт Есед да им возврати за вниманието што му го посветиле нему. Имам Али, а.с., во време на неговиот калифат, во врска со овој негов период на своето воспитание, укажал во хутбето познато како Каси’а, велејќи: ‘’Знајте дека моето место кај Божјиот Пратеник, с.а.в.а., со оглед на блиското сродство и нашиот однос, е сосем посебно. Кога бев дете, ме земаше под закрила своја. Имаше обичај да ме става на своите гради и да ме става покрај себе во постелата своја, при што можев да го почувствувам специфичниот мирис на неговото тело. Имаше навика да изжвака некоја храна, па таквата изжвакана храна да ми ја дава залак по залак… А јас го следев како младо камилче кое ја следи трагата на својата мајка. Секој ден, во форма на знаци, ми покажуваше некои од своите особини и ми наредуваше да ги следам. ‘’[4]
Мухаммед, с.а.в.а., пред почеток на Објавата, секоја година по еден месец поминувал во ибадет во пештерата Хира.[5] Ако во тој период оттука поминел некој сиромашен човек, тој го нахранувал, а откако ќе поминел еден месец, се враќал дома. На враќање, најпрвин доаѓал во Месџидул-Харам, седум или повеќе пати правел таваф околу Ка’ба, а потоа заминувал во својот дом.[6] Извештаите кажуваат дека Мухаммед, с.а.в.а., со оглед на неговата силна наклонетост кон Али, а.с., во текот на тие месец дена и него го водел со себе во пештерата Хира. Кога мелекот на Објавата првпат му се прикажал токму во таа пештера и го почестил со степенот на пратеништво, Али, а.с., бил заедно со Пратеникот, с.а.в.а. Во својата хутба (говор) Каси’а, во врска со тоа, Али, а.с., вели: ‘’Секоја година одеше во осамување во пештерата Хира, каде што јас го гледав, а никој друг не го гледаше… Кога Објавата му беше нему спуштена, слушнав квичење, цимолење. Јас прашав: ‘’Еј Божји Пратенику, какво цимолење е ова?’’ Тој одговори: ‘’Тоа е шејтанот кој изгуби секаква надеж дека нему ќе му се робува! Ти навистина го слушаш она што јас го слушам и го гледаш тоа што јас го гледам, освен што ти вистина не си веровесник, туку си помошник и ти навистина си на добро.’’[7] Овие зборови може да се однесуваат и на ибадетот на Пратеникот, с.а.в.а., во Хира во периодот после почеток на Објавата. Меѓутоа, напред изнесените податоци, а и фактот дека Пратеникот, с.а.в.а., ибадетот во Хира воглавно го извршувал пред почеток на Објавата, наведуваат на заклучок дека тие се однесуваат на времето пред почеток на Објавата. Во секој случај, чистотата на духот на Али, а.с., и воспитанието од страна на Мухаммед, с.а.в.а., придонеле уште од време на детството со своето чувствително срце, прониклив вид и уво кое слуша, да ги гледа нештата и ги слуша звуците кои обичните луѓе не можеле ниту да ги видат ниту да ги слушнат. Ибн Ебил-Хадид Му’тезили во својот коментар на Нехџул-белага (патека на говорништвото – збирка говори и изреки на Имам али,а.с.) пишува: ‘’Во книгите се пренесуваат веродостојни преданија дека, кога Џебраил,а.с., првпат му се појавил на Пратеникот, с.а.в.а., и го почестил со степенот на пратеништво, Али,а.с., тогаш бил покрај него.’’[8] Од Имам Садик, а.с., се пренесува дека рекол: ‘’Пред Објавата на Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, Али,а.с., во него ја гледал светлината на пратеништвото и ги слушал гласовите на мелеките. Пратеникот на исламот му рекол: ‘Јас да не сум печат на Божјите пратеници, ти би бил достоен за пратеништвото. Но, ти си мој повереник и наследник, првенец на поверениците и предводник на богобојазливите.’’[9]
[1] ‘’Година на слонот’’ е годината 570, годината во која Абраха тргнал во поход со својата војска со намера да ја сруши Ка’ба. Војската, која имала еден или повеќе слонови, била уништена од страна на јато птици кои пуштале камчиња од воздух. Во врска со овој настан кажува и кур’анската сура Ел-Фил. Исто така, тоа е годината во која е роден Божјиот Пратеник Мухаммед.
[2] Обратете се на следните извори: Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир. 1399.х.г., том 2, стр.58; Ибн Хишам, Абдулмелик, Ес-Сиретун-небевијје, подготвиле Мустафа Ал-Сика, Ибрахим Абјар и Абдулхафиз Шибли, Каиро, Мектебету Мустафа Ел-Баби, 1355.х.г.том 1, стр.262; Табери, Мухаммед ибн Џерир, Тарихул-умем вел-мулук, Бејрут, Дарул-камусил-хадис, том 2, стр.213; Ибн Ебил-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-арабијје, 1378.х.г., том 13, стр.119.
[3] Ебул-Фереџ Исфахани, Макатилут-талибин, Неџеф, Меншуратул-мектебетил-хајдерије, стр.15.
[4] Патека на говорништвото (Нехџул-белага), изреките на Имам Али, а.с., ги комплетирал Ес-Сејјид Еш-Шериф Ер-Ради, превеле Русмир Махмутчехајиќ и Мехмедалија Хаџиќ, ДИД, Загреб, 1994, говор 191, стр. 158-159.
[5] Хира е всушност ритче северно од Мекка, а пештерата Хира се наоѓа на падините на ритчето.
[6] Ибн Хишам, Абдулмелик, Ес-Сиретун-небевијје, подготвиле Мустафа Ал-Сика, Ибрахим Абјар и Абдулхафиз Шибли, Каиро, Мектебету Мустафа Ал-баби, 1355.х.г., том 1, стр.252.
[7] Патека на говорништвото (Нехџул-белага), изреките собрани од Ес-Сејјид Еш-Шериф Ер-Ради, превеле Русмир Махмутчехајиќ и Мехмедалија Хаџиќ, ДИД, Загреб, 1994, говор 191, стр.159.
[8] Ибн Ебил-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-арабијје, 1378.х.г., том 13, стр.208.
[9] Исто, стр.210.