Првиот ехлибејтски Имам, Али ибн Еби Талиб,а.с. – периодот од почеток на Објавата па до Хиџра – дел 2
Втората етапа на животот на Али, а.с., е онаа од почеток на Објавата до иселувањето во Медина. Таа етапа траела 13 години, а во животот на Имамот, а.с., опфаќа низа негови блескави напори и величествени дела преземени на патот на напредок на исламот, дела какви што во историјата на исламот не можат да се доведат во врска со никој друг, освен со него. Прво што во оваа етапа служи на чест и гордост на Али,а.с., е неговото првенство во прифаќање на исламот. Односно, поточно кажано, тој секогаш и исповедал ислам, бидејќи од детството бил монотеист и никогаш не се извалкал со идолопоклонството.[1] Па така, овде под ислам подразбираме целосна чистота од идолопоклонството, што не било случај со другите асхаби на Пратеникот, с.а.в.а. Првенството во прифаќање на исламот е вредност која Чесниот Кур’ан ја истакнува кога вели дека тие кои први го прифатиле исламот кај Бог стекнуваат посебна вредност: И оние првите – секогаш први! Тие на Аллах блиски ќе му бидат…[2] Посебното внимание кон првенството во прифаќање на исламот оди до таму што тие кои верата ја прифатиле пред освојувањето на Мекка и своите животи и имоти ги жртвувале на Божјиот пат, се сметаат за подобри од тие кои верата ја прифатиле после освојувањето на Мекка и потоа учествувале во џихад. Тогаш што да се каже за оние кои станале муслимани пред Хиџра (иселување од Мекка во Медина), во првите години на појава на исламот? Кур’анот вели: Не се еднакви оние меѓу вас што даваа прилози пред победата и лично се бореа – тие се на повисок степен од оние кои потоа даваа прилози и лично се бореа, а Аллах на сите им ветува најубава награда.[3] Причина за давање предност на верата на муслиманите пред ослободувањето на Мекка (што се случило во осмата година по Хиџра) се состои во фактот што тие верата ја прифатиле во времето кога исламот на Арапскиот полуостров не го имал достигнато врвот на моќта, кога седиштето на идолопоклонството, значи Мекка, изгледала како тврдина што не може да се освои и кога од сите страни на нивните животи и имоти им се заканувале разни опасности. После исселувањето во Медина и прифаќањето на исламот од страна на Евс, Хазреџ и племињата во околината на Медина, муслиманите постигнале напредок и уживале сразмерна сигурност, дури и во многу вооружени конфликти извојувале победи. Но, опасноста се уште не била целосно отстранета. Според тоа, бидејќи прифаќањето на исламот и жртвувањето на животот и имотот во вакви услови претставува особена вредност, повеќе од сигурно е дека тоа на самиот почеток на Пратениковото повикување, во време кога немало друга сила, освен на Курејшиите идолопоклоници, е уште поголемо и позначајно. Отука, меѓу другарите на Пратеникот,с.а.в.а., минатото во исламот се смета за важна причина за гордост. Отука ни е јасна и вредноста на Имам Али,а.с., заради неговото првенство во прифаќање на исламот.
Во исламските извори се наведени толку многу докази и сведоштва дека токму тој прв го прифатил исламот, што набројувањето на сите тие докази би го преминале опфатот на оваа книга. Пред се, самиот Пратеник, с.а.в.а., изречно кажал дека Али,а.с., е прв муслиман, па пред група свои асхаби изјавил: ‘’Првиот кој на судниот Ден ќе се сретне со мене кај Хавдот (Кевсер) ќе биде првиот меѓу вас во исламот, Али ибн Еби Талиб.’’[4] Научниците и мухадисите пренесуваат: Хазрети Мухаммед постанал Божји Пратеник во Понеделник, а утредента, во Вторник, Али со него извршил намаз.[5] Во својата хутба Каси’а, вели: ‘’Исламот тогаш не беше присутен во ниедна куќа, освен во куќата на Божјиот Пратеник,с.а.в.а., и Хатиџа,с.а. После нив двајца, јас бев трет. Ја гледав светлината на Објавата и Пораките и го вдишував мирисот на пратеништвото.’’[6] На друго место вака се сеќава на своето минато во исламот: ‘’Боже мој, прв сум што е насочен и прв кој слушна и се одзва. Никој не ми претходеше во молитвата, освен Пратеникот Божји, с.а.в.а.’’[7] Исто така рекол: ‘’Јас сум роб Божји, брат на Неговиот Пратеник, с.а.в.а., и најискрен сум во верата. Такво нешто никој после мене не може да тврди, освен голем измамник. Осум години пред другите луѓе извршував намаз заедно со Пратеникот, с.а.в.а’’[8] ‘Уфиф ибн Кајс Кинди вели: ‘’Во време на џахилијетот се занимавав со трговија со мириси. На едно од моите патувања дојдов во Мекка и се сместив кај Аббас, во тоа време еден од најголемите меккански трговци. Еден ден со него седев во Месџидул-харам кога во моментот додека сонцето беше во зенитот, влезе еден млад човек чие лице светеше како полна месечина. Погледна во небото, потоа се заврте кон Ка’ба и почна да извршува намаз. Набрзо потоа му пријде едно младо момче со пријатно лице и застана од неговата десна страна. Потоа дојде и некоја покриена жена и застана зад двајцата, па тројцата заедно извршуваа намаз, руку и паѓаа на сеџде. Оваа глетка многу ме зачуди (во центарот на идолопоклонството три личности да извршуваат молитва поинаку од обичаите на идолопоклониците), па го запрашав Аббас: ‘Чудна работа!’’ И тој тоа го повтори и додаде: ‘Ги познаваш ли овие тројца?’ Одговорив одречно, а тој рече: ‘Оној што прв дојде и стои пред другите двајца е мојот роднина (внук од брат) Мухаммед ибн Абдуллах. Младото момче е мојот друг роднина (исто така внук од брат), Али ибн Еби Талиб, а третата личност, жената, е сопругата на Мухаммед. Тој тврди дека неговата вера е објавена од Бога. Моментално таа вера никој не ја следи освен тие тројца.’’[9] Ова сведочење јасно укажува на фактот дека во почетоците на Пратениковите повикувања во ислам, покрај неговата сопруга Хатиџа, само уште Али,а.с., бил муслиман.
Пратеникот на исламот три години се воздржувал од јавно проповедање на исламот. Во верата ги повикувал само тие за кои низ лични контакти би проценил дека би можеле да ја прифатат. После три години му се спуштил мелекот (ангелот) на Објавата и му ја пренел Божјата наредба во верата да почне да ги повикува своите блиски и роднините. Божјата наредба гласела вака: И опоменувај ги своите најблиски роднини и биди љубезен кон верниците што те следат! А ако не те послушаат, речи им: ‘’Јас немам ништо со тоа што вие го правите.’’[10] Причината зошто повикувањето на роднините е одредено да биде на почеток на јавното повикување е во проценката дека доколку еден верски водач нема поддржувачи меѓу своите блиски, неговиот повик никогаш нема да има одзив меѓу другите луѓе. Затоа, Пратеникот, с.а.в.а., му рекол на Али,а.с., да покани на ручек 45 угледни луѓе меѓу Хашимиите и да подготви храна од месо и млеко. Сите поканети се собрале во закажаното време. Откако ручале, стрикото на Пратеникот,с.а.в.а., Ебу Лехеб, ја расипал атмосферата со своето неприлично обраќање, така што не било умесно да се зборува за предвидената тема. Од таа причина групата се разотишла без никаков ефект. Откако завршиле со јадењето и го испиле млекото, гостите ја напуштиле куќата на Пратеникот,с.а.в.а. Тој одлучил утредента повторно да подготви јадење и пак сите да ги покани, освен Ебу Лехеб. Повторно Али,а.с., по негов налог ја подготвил храната со месо и млеко и угледните Хашимии ги поканил да дојдат. После ручекот, Пратеникот,с.а.в.а., вака го започнал своето обраќање: ‘’Никој од луѓето на своите блиски не им донесол нешто подобро од тоа што јас вам ви го носам. Ви го донесов доброто на Овој и на Идниот свет. Севишниот ми нареди да ве повикам во тевхид и да го следите Неговото Послание. Кој од вас ќе ми помогне на овој пат, да биде мој брат, помошник и мој намесник меѓу вас?’’ Тоа го рекол, а потоа на момент замолчал за да види кој од присутните ќе одговори потврдно. Во тие моменти владеела целосна тишина измешана со чудење. Сите седеле со оборени погледи, задлабочени во мисли. Одеднаш тишината ја прекинал Али, а.с., кој тогаш немал повеќе од петнаесет години. Станал, се завртел кон Пратеникот,с.а.в.а., и рекол: ‘’Еј Божји Пратенику, јас ќе те поддржам на тој пат!’’ Тогаш му ја испружи својата рака на Пратеникот,с.а.в.а., што значело дека му ја изразува својата верност. Пратеникот,с.а.в.а., му наредил да седне, па го повторил тоа што претходно го рекол. Повторно станал Али,а.с., и ја изразил својата подготвеност. Пратеникот,с.а.в.а., пак му рекол да седне, па уште еднаш го повторил својот повик. И после третиот пат, никој освен Али,а.с., не станал. Тогаш Пратеникот,с.а.в.а., му ја пружил раката и пред првенците Хашимии ги изрекол своите историски зборови: ‘’Еј роднини мои, Али е мој брат, помошник и мој намесник меѓу вас!’’[11] На тој начин е одреден првиот ополномоштеник на последниот Божји Пратеник, с.а.в.а., на самиот почеток на пратеништвото, во време кога неговата вера ја прифатиле незначителен број луѓе. Од фактот што истиот ден го обзнанил своето Пратеништво и Имаметот на Али,а.с., нарекувајќи го свој помошник и намесник, јасно можеме да ги сфатиме степенот и важноста на Имаметот во исламот. Гледаме дека овие две позиции меѓусебно се неразделни, па Имаметот секогаш е дополнувач на програмата на пратеништвото.
Тринаесеттата година од почеток на Објавата, ноќта на 13 Џул-хиџџе, на Акаба се случила втората заклетва (договор) меѓу Пратеникот,с.а.в.а., на исламот и жителите на Јесриб (Медина). Тие тогаш го викнале кај нив и му ветиле подршка и заштита. Оттогаш муслиманите постепено почнале да ја напуштаат Мекка и да исселуваат во Јесриб. Главешините на Курејшиите дознале дека Јесриб станал ново упориште на исламскиот повик, па поради тоа чувствувале одреден страв. Се плашеле дека Пратеникот, после сите проблеми и тешкотии што тие ги спроведувале над него и неговите поддржувачи, ќе настојува да се освети. Ако и не се одлучи за отворена војна, може да го загрози нивниот трговски пат кон Шам (денешна Сирија), патот што поминувал покрај Јесриб. Соочени со таа опасност, на крај на месецот Сафер, 14 години после почеток на Објавата, свикале дарун-недве (собрание на мекканските првенци) за да изнајдат решение за оваа пречка. На тоа собрание некои од присутните предложиле Пратеникот да се протера или затвори, но таквиот предлог бил одбиен. Најпосле одлучиле да го убијат. Тоа во никој случај не било едноставно да се изведе, бидејќи Хашимиите во тој случај не би биле индиферентни и повеќе од сигурно дека би барале извршување на крвна одмазда. Од таа причина, одлучиле од секоје племе да се одбере по еден млад човек, па сите тие заедно ноќе да упаднат во куќата на Мухаммед,с.а.в.а., и да го убијат во неговата постела. На тој начин убиецот нема да биде една личност, а Хашимиите не ќе можат да извршат крвна освета, бидејќи не би можеле да влезат во конфликт со сите племиња. Би морале да се задоволат со решение, да им биде исплатена крварина. За изведување на својот план, Курејшиите ја одредиле првата ноќ од месецот Ребиул-еввел. Подоцна, Севишниот во Кур’анот ќе ги наведе сите три идеи што биле предложени: И кога неверниците ти поставуваа замки за да те фрлат во затвор, или да те убијат, или да те прогнат; тие плетеа замки, а Аллах им ги расипуваше, затоа што тоа Аллах најдобро го умее.[12] После таа одлука на Курејшиите, мелекот на Објавата го информирал Пратеникот,с.а.в.а., во врска со нивниот мрачен план и му ја пренел Божјата наредба да ја напушти Мекка и да замине во Јесриб. За да го осуети непријателскиот план и да го напушти градот, било неизбежно да се послужи со трик. Било потребно една храбра и верна личност да легне во неговата постела за да ја залаже групата која требало да го убие. Тие неговата куќа ќе ја чуваат под надзор и ќе мислат дека Пратеникот,с.а.в.а., е во неа, додека тој ќе се извлече од градот и ќе се движи кон Јесриб. Таква личност не можел да биде никој друг, освен Али, а.с. Затоа, Пратеникот, с.а.в.а., му го изложил планот на курејшиските првенци и му рекол: ‘’Вечерва легни во мојата постела и покриј се со онаа зелена наметка со која јас вообичаено се покривам, за тие да помислат дека јас се уште сум тука.’’ Али,.а.с., така и постапил, а одбраните од Курејшиите ја опколиле куќата, па пред зори со исукани сабји влегле во куќата. Со оглед на околноста дека дотогаш својот план го сметале сигурен и без грешка, наоѓајќи го Али, а.с., во постелата, напаѓачите се разочарале и налутени го прашале: ‘’Каде е Мухаммед?’’, а тој им одговорил: ‘’Зарем мене ми го доверивте на чување, па сега барате да ви го вратам?! Сакавте да го направите тоа поради што мораше да го напушти својот дом!’’ Тогаш тие навалиле на Али и како што наведува Табери, почнале да го злоставуваат. Го одвеле во Месџидул-харам, но, после испитувањето, го пуштиле и се упатиле кон Медина во потера по Пратеникот, с.а.в.а., кој веќе бил скриен во пештерата Севр.[13] Чесниот Кур’ан оваа голема верност на Али, а.с., ја овековечил со тоа што во чесниот ајет го претставил како оној што се жртвува на Божјиот пат: Има луѓе кои се жртвуваат за да го умилостиват Аллах – а Аллах е милостив кон своите робови.[14] Толкувачите велат дека овој ајет е објавен по повод верноста на Али, а.с., во спомнатата ноќ, лејлетул-мабит.[15] Кога, по наредба на Омер, се собрал одборот од 6 члена заради избор на новиот калиф, лично Али, а.с., им укажал на оваа своја важна и голема одлика, па рекол: ‘’Во името на Аллах, дали некој друг освен мене, онаа опасна ноќ кога Пратеникот, с.а.в.а., се засолни во пештерата Севр, легна во неговата постела и на тој начин го заштити од таа несреќа?’’ Сите одговорија:’’Ти беше тој што го направи тоа, никој друг!’’
Братството е едно од начелата на исламското учење. Пратеникот, с.а.в.а., на исламот на разни начини настојувал да воспостави и зајакне такви врски. Па така, после доаѓањето во Медина, одлучил да воспостави побратимување меѓу муслиманите мухаџири и енсарии. Затоа, во една прилика вака им се обратил на муслиманите: ‘’Братимете се на Божјиот пат!’’ Муслиманите тогаш еден на друг си ги подавале рацете и така се братимеле. Со тоа единството и солидарноста меѓу ним дополнително се зајакнале. Се разбира, при тоа се водело грижа меѓу луѓето што се братимат да постои сличност во поглед на нивните карактери, вера и личните квалитети. Ако земеме во обзир кој со кого се братимел, ќе ни биде јасно дека ова начело се почитувало. Откако на секој што бил присутен му одредил побратим, само Али, а.с., останал без побратим. Тој, со солзи во очите, му рекол на Пратеникот,с.а.в.а.: ‘’Мене со никого не ме побратими.’’ На тоа Пратеникот,с.а.в.а., му рекол: ‘’Ти си мој брат на двата света!’’[16], а потоа со него се побратимил.[17] Со ова јасно е покажано во колкава мера Али, а.с., бил близок на Пратеникот, с.а.в.а., и со самото тоа, колку е истакната неговата предност и големина. Животот на Али, а.с., од Хиџра до преселувањето на Ахирет на Пратеникот,с.а.в.а., изобилувал со бурни доживувања, а неговата голема верност кон Мухаммед, с.а.в.а., особено се покажала на бојното поле. Пратеникот, с.а.в.а., на исламот после исселувањето во Медина водел 27 битки против мушриците, Евреите и бунтовниците. Али, а.с., учествувал во 26 од тие битки.[18] Изостанал само од битката на Тебук, заради посебните услови што владееле во тој момент. Имено, постоел оправдан страв дека мунафиците (лицемерите)во отсуство на Пратеникот, с.а.в.а., ќе направат некаква интрига во седиштето на исламската власт, па затоа Али, а.с., по наредба на Пратеникот, с.а.в.а. останал во Медина.Од причина што анализата на сите тие битки би го преминала предвидениот опфат на оваа книга, овде, заради илустрација, ќе се осврнеме само на четирите најголеми битки водени за време на животот на Пратеникот, с.а.в.а.
[1] Акхтаб Хаваризми, Ал-Менакиб, Неџеф, Ал-Матбу’атул-Хајдеријје, 1385.х.г., стр. 18.
[2] Ал-Ваки’а, 10-11.
[3] Ал-Хадид, 10.
[4] Ибн Абдулбер, Ал-Исти’аб фи ма’рифетил-асхаб, прво издание, Бејрут, Дарул-ихјаит-турасил-араби, 1328.х.г., том 3, стр.28.
[5] Ибн Ебил-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-араби, 1378.х.г., том 13, стр.119.
[6] Патека на говорништвото (Нехџул-белага), подготвил Ес-Сејјид Еш-Шериф Ер-Ради, превеле Русмир Махмутчехајиќ и Мехмедалија Хаџиќ, ДИД, Загреб, 1994, говор 191, стр.159.
[7] Исто, говор 130, стр.113.
[8] Табери, Мухаммед ибн Џерир, Тарихул-умем вел-мулук, Бејрут, Дарул-камусил-хадис, том 2, стр.312; Ибн Асир, Ал-Камил фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399.х.г., том 2, стр.57; Ал-Мустедрак ‘алас-сахихејн, подготвил Абдуррахман Ал-Мар’аши, прво издание, Бејрут, Дарул-ма’рифет, 1406.х.г., том 3, стр.112.
[9] Погледнете ги следните извори: Ибн Ебил-Хадид, Шерх Нехџил-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-арабијје, 1378.х.г., том 13, стр.226; Табери, Мухаммед ибн Џерир, Тарихул-умем вел-мулук, Бејрут, Дарул-камусил-хадис, том 2, стр.212; Ибн Ебил-Хадид во спомнатата книга ова сеќавање го пренесува и од Абдуллах ибн Месуд, кој исто така при една посета на Мекка бил сведок на една ваква глетка.
[10] Аш-Шу’ара, 214-216.
[11] Да се погледнат следните извори: Табери, Мухаммед ибн Џерир, Тарихул-умем вел-мулук, бејрут, Дарул-кумусил-хадис, том 2, стр.217; Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399.х.г., том 2, стр.63; Ибн Ебил-Хадид, Шерх Нехџил-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-арабијје, 1378.х.г., том 13, стр.211.
[12] Ал-Анфал,30.
[13] Обратете се на следните извори: Ибн Хишам, Абдул-Мелик, Ес-Сиратун-небевијје, подготвиле Мустафа Ас-Сика, Ибрахим Абјари и Абдулхафиз Шибли, Каиро, Мектебу Мустафа Ал-Баби Халеби, 1355.х.г., том 2, стр. 124-128; Ибн Асир, Ал-Камилу фит-тарих, Бејрут, Дару Садир, 1399.х.г., том 2, стр. 102; Мухаммед ибн Са’д, Ал-Табекатул-кубра, Бејрут, Дарус- садр, том 1, стр. 228; Шејх Муфид, Ал-Иршад, Ком, Мектебету басирети, стр. 30.
[14] Ал-Бакара, 207.
[15] Да се погледнат следните извори: Ибн Ебил-Хадид, Шерх Нехџил-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво издание, каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-‘арабијје, 1378.х.г., том 13, стр. 262; Мозафер, Мохаммед Хасан, Далаилус-сидик, Ком, Мектебету басирети, том 2, стр. 80.
[16] Ал-Хаким Нишабури, Ал-Мустедрек ‘алас-сахихејн, подготвил Абдуррахман Ал-Мер’аши, Бејрут, дарул-ма’рифет, 1406, том 3, стр. 14.
[17] Ибн Абдулбер, Ал-Исти’аб фи ма’рифетил-асхаб, Бејрут, Дару ихјаит-турасил-‘араби, 1328, том 3, стр. 35.
[18] Овде се користи терминот газва, што ги означува битките во кои учествувал лично Пратеникот, с.а.в.а., на исламот.