ОСМИОТ ЕХЛИБЕЈТСКИ ИМАМ АЛИ ИБН МУСА АР-РИДА, А.С. – 2
Природно е дека потомците на Али, а.с., не биле задоволни ниту ситу со Мемун, ниту со власта на било кој од Абасидите, затоа што меѓу самите ним имало луѓе кои биле подостојни од Абасидите за да раководат со работите на муслиманите. Освен тоа, Мемун припаѓал на фамилијата која ги повредила срцата на потомците на Али, а.с., дури и посвирепо отколку што тоа го направиле Емевиите. На сите им е познато како Абасидите ја пролевале нивната крв, го запленувале нивниот имот и како ги прогонувале од нивните градови, односно на какви сѐ страдања и стални невољи ги изложувале. Доволна дамка на Мемун бил фактот што бил син на Харун, син на човекот кој ги сечел гранките од дрвото на пратеништвото и откорнал бројни израстоци на Имаметот. Ниту Арапите не можеле да бидат задоволни со калифатот и владеењето на Мемун, затоа што, како што видовме, неговата мајка, старател и учител не биле Арапи. Такво нешто никако не им се допаѓало на Арапите, кои, сосем спротивно на учењето на Пратеникот, с.а.в.а., и Кур’анот, сите други народи и раси ги сметале за пониски од себе. Особено Персијанците, кои покажале голема надареност за занимавање со научните и политичките прашања па така им го стесниле просторот на арогантните Арапи, биле омразени од нивна страна и од арапите, а така се постапувало и со секој што имал блиски врски со Персијанците.
Убиството на Амин наизглед за Мемун претставувало конечна воена победа. Меѓутоа, тоа за него не поминало без неповолни последици и одговори кои посебно ги предизвикал начинот на кој луѓето требало да му ја искажат својата верност после неговата победа над својот брат. Имено, откако наредил Амин да биде убиен, секој што ќе направи сеџде на благодарност, кога пред него ќе се изнесе отсечената глава на Амин, одредил да се дарува со милион дирхеми. Потоа наредил истата глава да се стави на колец и да се стави на влезот од дворецот, така што секој што влегувал најпрвин морал да го проколне Амин, па дури потоа да влезе! Мемун дури ни со тоа не се задоволил, туку наредил главата да се однесе во Хорасан и пред неа да се доведат сите оние кои ја жалеле смртта на Амин! Најмалку што може да се каже е дека Мемун со убиството на својот брат и со вака свирепо постапување во значајна мера ја расипал својата омиленост меѓу народот и ја изгубил неговата доверба. Растел бројот на оние, како меѓу Арапите така и меѓу другите, кај кои се зголемувала омразата кон него. Покрај сето изнесено, жителите на Хорасан, кои всушност и го донеле на власт, сега му завртеле грб и станале негови непријатели. Исто така и потомците на Али, а.с., ги искористиле конфликтите меѓу Мемун и неговиот брат за да ги реорганизираат своите редови и да го зајакнат дејствувањето.
Читателот сега лесно може себе си да си ги претстави незавидната позиција и видовите тешкотии со кои Мемун бил соочен, особено ако на тоа ги додадеме и востанијата на подржувачите на фамилијата на Али, а.с., кои се случувале во разните делови на земјата. Ебул-Сураја, кој своевремено припаѓал на партијата на Мемун, дигнал востание во Куфа. Неговите воени сили ја совладувале секоја војска што со нив се соочувала и го освојувале секој град што би го нападнале. Велат дека во конфликтите со Ебул-Сурај загинале двесте илјади подржувачи на калифот, иако неговото востание, од првиот ден до погубувањето на Ебул-Сурај, не траело повеќе од десет месеци. Дури и во Басра, потомците на Али, а.с., почнале да добиваат поддршка од жителите, така што Зејнул-Нар тука подигнал востание. Во Мекка и Хиџаз востание подигнал Мухаммед ибн Џафер викан Дибаџ. Во Јемен против калифот востание дигнал Ибрахим ибн Муса ибн Џафер, додека во Медина бунт дигнал Мухаммед ибн Сулејман ибн Давуд ибн Хасан. Во Васита, востание дигнал Зејд ибн Али, а потоа и Хусејн ибн Ибрахим ибн Хасан ибн Али. Бунтот во Медаин го предводел Мухаммед ибн Исмаил ибн Мухаммед. Накратко, немало регион во кој некој од припадниците на родот на Али, а.с., со сопствено заземање или на барање на народот, не подигнал востание против Абасидите. Работите дошле до таму што жителите на Месопотамија и Сирија, краеви кои биле познати по наклонетоста кон Емевиите и фамилјата на Мерван, му пишувале на Мухаммед ибн Мухаммед Алеви, соработникот на Ебул-Сурај, дека чекаат негова наредба и дека по неа ќе постапат.
Мемун сфатил дека истовремено мора да направи неколку работи: да ги задуши востанијата на подржувачите на фамилијата на Али, а.с.; да го добие нивното признание на абасидкста власт; да ја поништи или намали наклонетоста и почитта што оваа фамилија ги уживала меѓу народот; да ја добие наклонетоста и довербата на Арапите; да обезбеди признавање и законитост на својата власт меѓу жителите на Хорасан и другите Персијанци; да ја зачува подршката на Абасидите и нивните подржувачи; да ја поврати довербата на народот и омиленоста нарушена со братоубиството и најпосле, морал да се заштити од угледните и во народот омилени личности како што бил Имамот Рида, а.с. Имено, Мемун чувствувал страв од влијанието на Имамот, а.с., кај народот, па, именувајќи го за свој престолонаследник и давајќи му место во владеечкиот поредок, мислел дека на тој начин ќе го направи неделотворен. Затоа што, со учество на Имамот, а.с., првенецот од фамилјата на Али, а.с., во неговата власт, на неговите подржувачи би им бил од рака избиен главниот заговор, а тоа е дека Имамот, а.с., заслужува владеење со исламскиот уммет. Истовремено Имамот, а.с., би ја изгубил подршката кај народот, затоа што се согласил да соработува со режимот кого тие го сметале за угнетувачки. Од друга страна, со ова Мемун би ја зајакнал својата власт меѓу Хорасанците и Персијанците општо, инаку подржувачи на Ехли-бејтот, па убиството на братот би го претставил како нешто што го направил со цел пренесување на власта на потомците на Али, а.с. покрај тоа, со доведувањето на Имамот Рида, а.с., во Мерв и со надзор на неговото дејствување, Мемун намеравал дополнително да се обезбеди од него. Преостанало уште само да го реши спорот со Арапите и Абасидите, што можел да го направи, со подршка на Персијанците и подржувачите на фамилијата на Али, а.с.
Достапни ни се несомнени сведоштва кои под знак прашање ја ставаат искреноста на Мемун во поглед на престолонаследништвото на Имам Рида, а.с. Имено, ако Мемун сакал калифатот да го предаде искрено и врз основа на верата, се поставуваат следните прашања: Зошто така не постапил додека Имамот, а.с., бил во Медина, туку под присила и со придружба на своите службеници го донесол во Мерв? Можел тука да биде негов управник и така да ја задржи наклонетоста на Персијанците, додека Имамот, а.с., калифатот би го презел во Медина, во изворното седиште на власта и управување со умметот. Зошто наредил Имамот, а.с., во Мерв да биде доведен преку Басра, Ахваз и Фарс, кога очигледно се работело за тежок и исцрпувачки пат, а не преку Куфа и Ком? Веројатно затоа што во тие градови на Имамот, а.с., би му било приредено топло добредојде, што се чини дека не одговарало на намерите на Мемун. Зошто во првиот дел преговори на Имамот, а.с., му го понудил калифатот, а за себе ја одредил позицијата престолонаследник, иако Имамот Рида, а.с., би требало да го наследи неговиот син, следниот Имам или прашањето за избор на престолонаследник требало да му ја препушти на самиот нему? Во која мера одредувањето на Имамот, а.с., на позицијата престолонаследник, покрај неговиот услов дека нема да се меша во прашањата на власта, значело напредок за исламскиот уммет и колку го приближувало до правдата и вистината? (Особено кога во обзир ќе го земеме фактот дека Имамот, а.с., бил постар од Мемун дваесет години и природно било да се очекува дека ќе умре пред него.) Очигледно, тоа значело дека калифатот никогаш нема да му припадне на Ехли-бејтот. Ако навистина настапувал од уверување и искрено, тогаш зошто, кога се соочил со одбивањето на Имамот, а.с., посегнал по закани и со сила го натерал да ја прифати позицијата престолонаследник? Зошто после шехадетот на хазрети Али ибн Муса Ар-Рида, а.с., позицијата престолонаследник не ја понудил на Имамот Џевад, а.с., кон кој исто така наизглед покажувал наклонетост? Зошто во познатата случка поврзана со клањањето на бајрам-намазот го вратил Имамот, а.с., од пола пат и зошто не дозволувал Имамот, а.с., јавно да му се обраќа на народот? Зошто, кога тргнал од Мерв во Багдад, не му дозволил на Имамот, а.с., да остане во Мерв? Ако Имамот, а.с., бил навистина престолонаследник, што било спорно во решението тој да води грижа во тој дел од државата? Сето ова се прашања кои на прв поглед изгледаат едноставни и лесни за одговор. На секој оној што со нив посериозно ќе се позанимава ќе му биде јасно дека Мемун не бил искрен во своето однесување. Сето тоа било дел од онаа негова повеќеслојна политика што одлучил да ја води со цел одржување на власт.
Имамот Рида, а.с., прифатил да биде престолонаследник на Мемун во моментот кога увидел дека, доколку одбие, не само што тој залудно ќе го изгуби животот, туку дека и целата фамилија на Али, а.с., и нивните пријатели ќе се најдат во голема опасност. Всушност, нужно морал да го спаси својот и животите на своите следбеници, затоа што исламскиот уммет имал голема потреба од него и неговото знаење. Тој требало да живее за на луѓето да им биде светилка на упатството, нивен предводник и оној што ги решава нивните тегоби и ги разбива нивните сомнежи. Навистина, народот имал голема потреба од Имамот, а.с., и од оние кои тој ќе ги воспитува, бидејќи во тоа време дошло до вистинска поплава на странски идеи и културни влијанија. Во филозофските расправи бил присутен скептицизам кон начелата на теологоијата, се појавувале невернички и материјалистички ставови, така што неопходно било Имамот, а.с., да ја одигра својата просветителска улога. Исто така знаеме дека Имамот, а.с., иако после прифаќањето на позицијата престолонаследник не живеел долго, безрезервно ги прифатил овие свои обврски и на тоа подрачје направил многу работи. Ако Имамот, а.с., изречно го одбиел предлогот за позицијата престолонаследник, па на тој начин себе и своите следбеници се изложил на погубување, малку е веројатно дека таквиот шехадет би бил плодоносен и преродбенички, како оној на Имамот Хусејн, а.с. Покрај тоа, прифаќањето на таа позиција значело одредени гаранции од страна на Абасидите и прилика за фамилијата на Али, а.с., да има какво-такво учество во власта. Друга причина за прифаќањето била околноста што Имамот, а.с., сакал народот да види дека фамилијата на Пратеникот, с.а.в.а., е присутна на политичката сцена, за да не помислат, како што многумина помислиле, дека тие се само улема и шеријатски правници, кои никогаш активно не се занимаваат со животните прашања на народот. Можеби во својот одговор на писмото на Ибн Урфа алудирал токму на овој факт. Имено, Ибн Урфа го прашал Имамот, а.с.: ’’Еј сине на Божјиот Пратеник, што те наведе да ја прифатиш позицијата престолонаследник?’’, на што му било одговорено: ’’Истото она што мојот дедо Али го навело да влезе во советот за избор на калиф после Омер!’’ Покрај сето изнесено, Имамот, а.с., во овој период на сите им го прикажал вистинското лице на Мемун, па со разоткривање на неговите подли намери и грди постапки од главите на луѓето ги остранил сите сомнежи и двоумења.
Сѐ она што го наведовме ни покажува дека кај Имамот, а.с., апсолутно не постоела желба да ја прифати позицијата престолонаследник во права смисла. Бидејќи, како што тоа подоцнежните случувања ќе го покажат, добро знаел дека и покрај сѐ никогаш не би бил мирен и сигурен од Мемун и од неговите сплетки, па и покрај стекнатата позиција, животот нема да му биде безбеден. Длабоко бил свесен дека тој на секој начин ќе настојува да го уништи неговото духовно влијание и да го спречи неговото дејствување. Исто така, ако претпоставиме дека и Мемун во срцето не криел никаква зла мисла, тешко било да се очекува Имамот, а.с., да го надживее калифот со оглед на неговите години, така што ни таа околност нему не му одела во прилог, дури и навистина да гаел желба за таа позиција. Ако сето ова го ставиме на страна, со претпоставка дека Имамот, а.с., сепак се надевал дека ќе го надживее Мемун, можел да биде сигурен дека тогаш ќе морал да се соочи со влијателните дворјани кои во никој случај не би биле задоволни со неговото владеење. Интригите и заговорите на Абасидите против Имамот, а.с., кој би настојувал да ги спроведува Аллаховите прописи и суннетот на своите дедовци, Пратеникот Божји, с.а.в.а., и Али, а.с., би биле пречки на кои можел со сигурност да смета. Од сето понапред кажано сфаќаме дека Имамот, а.с., доаѓањето на власт на овој начин го сметал за штетно и опасно. Затоа што, на овој начин не само што не би остварил ниеден од своите цели, туку, токму обратно, сето тоа би водело кон уништување на фамилијата на Али, а.с., на нејзините следбеници и нивните идеали. Според тоа, да се направи ваков чекор би значело да се постапи непромислено, а тоа е далеку од постапување на еден Имам.
Имам Рида, а.с., не сакал да ја прифати позицијата престолонаследник, затоа што тоа не му овозможувало постигнување на неговите чесни цели. Меѓутоа, иако на тоа бил присилен, не можел мирно да ги поднесува случувањата и да се однесува дека се согласува со она што власта го правела. Морал да осмисли начин како да ги спречи сплетките на Мемун и спроведувањето на злите намери. Така Имамот, а.с., на разни начини ги запирал настапите на калифот на начини кои калифот најмалку ги очекувал. Додека бил во Медина, Имамот, а.с., изречно ги одбивал Мемуновите навалувања да се пресели во Мерв. Во тоа покажал толкава одлучност што на секому јасно му давал на знаење дека Мемун нема тоа да го постигне, освен ако сериозно му се закани со сила. Па така во историските извори се наведува дека Имамот, а.с., не заминал од Медина по своја волја, туку дека се работело за вистинска реална закана. Имамот, а.с., толку бил одлучен во одбивањето за одење во Мерв што на сите им станало јасно дека станува збор за некоја интрига на Мемун и дека зад неговиот повик се кријат некои мрачни цели. На тој начин Имамот, а.с., успеал да ги разбие сите можни сомнежи на народот во поглед на овој случај. Иако Мемун од него барал со себе да ја поведе својата фамилија, Имамот, а.с., со себе не зел никого, па дури ниту својот син Џевад, а.с., макар што станувало збор за долго патување, како што Мемун говорел, предводење на исламскиот уммет. На одморот во Нишабур, Имамот, а.с., на стотици, дури и илјадници свои почитувачи што излегле да го пречекаат, им го соопштил следново предание: ’’Севишниот Аллах рекол: ’Ла илахе иллаллах! – Тврдина е Моја и секој што ќе влезе во Мојата тврдина, заштитен е од Мојата казна.’’’ Тие денови овие зборови стигнале до преку дваесет илјади луѓе. Она што посебно привлекува внимание е тоа дека Имамот, а.с., на луѓето ништо не им рекол ни за верските обврски, ни за верскиот живот. Исто така, иако неговото патување во Мерв било поттикнато од политички причини, Имамот, а.с., не поставил некое од политичките прашања ниту искажал свој личен однос кон него. Наместо сето тоа, како вистински водач на народот, предизвикал внимание на прашањето што го сметал за најважно за нивната сегашност и иднина. Значи, Имамот, а.с., и во така чувствителни услови говорел за тевхидот, за тоа дека тое е темел на правилното живеење, дека народите со негово посредство можат да пребродат секоја тегоба и невоља. Ако човек во животот го изгуби тевхидот, тогаш навистина останал без ништо. Впрочем, ако обрнеме внимание на искажаниот хадис, јасно се гледа неговата намера да укаже на фактот дека тогашното бројно и пространо исламско општество било ускратено за реалноста на тевхидот.