ОСМИОТ ЕХЛИБЕЈТСКИ ИМАМ, АЛИ ИБН МУСА АР-РИДА, А.С. – 4
Бидејќи навистина дошло до напредок во науката, она што било причина за грижа е фактот дека бројните преведувачи биле верни следбеници на други религии, како зороастријанството, сабејството, христијанството, хиндуизмот и.т.н., а токму тие преведувале најмногу книги од грчки, персиски, сириски, индиски, латински и од други јазици на арапски. Сигурно е дека сите тие при својата работа немале најдобри намери. Некои од нив настојувале да ловат во матно, па да ја искористат оваа желба на муслиманите кон усвојување на странските науки за да промовираат кривоверие, на исламот туѓи идеи. На тој начин, низ многу книги кои во суштина биле научни, провлекувале погрешни и неисламски идеи кои брзо влијаеле на групи млади и наивни луѓе.[1] Сосем сигурно, во тоа време на абасидскиот двор не постоел доволно силен научен круг кој би се одликувал со заземеност и искреност во верата и кој би можел критички и аналитички да им пристапи на странските научни дела, да ги спореди со изворниот исламски светоглед, да го воочи и отстрани сѐ она што не е во склад со него, а потоа на општеството да му проследи прочистена и веродостојна наука. Овде е важно да се истакне дека таквите особени интелектуални и културни услови на грбот на Имамот Рида, а.с., ставиле тешка одговорност. Живеејќи во такво време, извонредно ги воочувал опасностите што тие прилики ги кријат. Затоа настапувал крајно одлучно и спроведувајќи темелна интелектуална револуција, се спротивставил на бранот опасности и заблуди, зачувувајќи ја изворноста на верувањето и суштината на исламската култура, па со своето мудро предводништво таа лаѓа најпосле ја спасил од потонување во темните длабочини на заблудата и застранувањето. Важноста на ова прашање станува очигледна ако особено имаме на ум дека во периодот на Харун и Мемун исламската држава ги достигнала своите крајни граници. Некои историчари истакнуваат дека никогаш ниту порано, ни подоцна во светот не постоела толку пространа империја. Сметаат дека по пространство со неа може да се споредува само царството на Александар Велики. Во тоа време во склоп на исламскиот калифат се наоѓале следните земји: Персија, Афганистан, Синд, Турција, Кавказ, Туркменистан, Ирак, Сирија, Палестина, Арабија, Судан, Алжир, Тунис, Мароко и Шпанија (Андалузија). Така исламката држава во време на Абасидите по површина, ако не ја сметаме Шпанија, била еднаква на европскиот континент, а можеби и поголема.[2] Природно е дека старите култури на набројаните земји вршеле влијание на исламскиот центар и дека тоа влијание доведувало до нивно мешање и стопување со изворната исламска култура, при што често се губеле границите меѓу правилното и неправилното, чистото и нечистото.
Откако престолонаследништвото го пренел на Имам Рида, а.с., Мемун во Хорасан организирал научни собири и расправи, дебати, на кои биле повикувани тогашните најголеми и најугледни алими меѓу муслиманите и немуслиманите. Извесно е дека формалната причина за ваквите собири била желбата да се докаже и потврди исклучителноста на Имамот, а.с., и неговата упатеност во разните исламски научни дисциплини. Меѓутоа, некои аналитичари сметаат дека покрај тоа постоеле и скриени мотиви. Некои на ова прашање гледаат со скепса, а имаат и целосно право на тоа, затоа што во толкувањето на политичките прашања скепсата е вистинскиот пристап, па велат дека Мемун немал друга цел, освен да го поништи или да го намали угледот на Имамот, а.с., меѓу народот, посебно меѓу Персијанците, кои посебно биле наклонети на Ехли-бејтот. Имено, тој отпрвин мислел дека Имамот, а.с., е само површински запознат со смисолот на кур’анските ајети и на хадисите и дека не е упатен во науката и научните докази. Како потврда на кажаново можат да послужат зборовите на самиот Мемун пренесени преку исламските извори. Па така од Нуфели, блискиот другар на Имамот, а.с., се пренесува: ’’Сулејман Мервази, познатиот алим на келам, поминувајќи низ Хорасан дојде кај Мемун, па Мемун му укажа топло добредојде и богато го даруваше. Тогаш Мемун му рече: ’Мојот роднина Али ибн Муса од Хиџаз е кај мене. Тој исто така го сака келамот и научниците на келам, па, ако те интересира, дојди кај нас на тервија (осмиот ден од месецот Зул-хиџе, кога веројатно се собирале алимите) па со нив дебатирај.’ Арогантен заради своето знаење и ученост, Сулејман рече: ’Еј Заповеднику на верниците, не би сакал да дебатирам со некој Хашимија како него пред луѓето, затоа што се плашам дека ќе го посрамотам и понижам.’ Мемун одговори: ’Всушност тоа е и мојата цел. Токму ти ќе можеш да му го најдеш крајот, затоа што знам дека си учен и вешт во расправа!’ Тогаш Сулејман рече: ’Ако е така, тогаш нема никаква пречка. Повикај нѐ на расправа и за мене тоа нема да биде тешко да го направам.’’’[3] (Оваа расправа и е одржана како што била договорена и Имамот, а.с., во таа прилика жестото го победил Сулејман, го оставил без одговор и јавно го посрамотил) Второто сведоштво е хадисот што е пренесен од самиот Имам Рида, а.с. Имено, за да покаже своја блискост со Имамот, а.с., Мемун на организираните собири и расправи лично станувал против противниците на Ехли-бејтот и јавно ја потврдувал предноста на Али ибн Еби Талиб, а.с., во однос на другите асхаби. И покрај тоа, Имамот, а.с., на своите другари им говорел: ’’Не дозволувајте да ве измамат неговите зборови! Се колнам во Бога, никој друг нема да ме убие, туку токму тој! Јас немам избор, освен да бидам трпелив додека мојот животен век не истече.’’[4] Се разбира, Мемун имал причина вака отворено да ги брани правата на Али ибн Еби Талиб, а.с. Затоа што, од една страна, движењето на Абасидите и започнало со паролата барање правда за семејството на Пратеникот, с.а.в.а., и благодарејќи на таквиот настап и дошле на власт, а, од друга страна, мнозинството водечки личности во војската и државната управа ги сочинувале Персијанци, наклонети на Ехли-бејтот. Во секој случај, наведените примери јасно покажуваат дека Мемун, приредувајќи вакви собири и расправи, немал искрени намери. Уште еден доказ претставуваат зборовите на слугата на Имамот, а.с., Ебул Салт: ’’Бидејќи Имамот, а.с., заради своите доблести и духовното совршенство, беше омилен меѓу народот, Мемун одлучи да ги собере најдобрите научници на келам од целата земја, па преку тие јавни расправи да ја намали неговата позиција меѓу научниците и да му наштети на неговиот углед во општеството. Меѓутоа, во овие расправи Имамот, а.с., редовно ги поразувал сите свои соперници: евреите, христијаните, зороастријанците, брахманите, сабејците, негаторите на Бога и другите[5].’’ Внимание привлекува и околноста дека до шехадетот на Имамот, а.с., поприште, место на овие расправи редовно бил дворот на Мемун. Меѓутоа, после неговиот шехадет, научните и филозофските расправи престанале. Самиот Имам, а.с., знаејќи за намерите на Мемун, изјавил: ’’Кога следбениците на Теврат ќе ги ’приморам’со помош на Тевратот, следбениците на Инџил со Инџилот, следбениците на Зебур со Зебурот, поклониците на ѕвездите со говорот на нивните првенци, зороастријанците со кажувањата на нивните светци, а филозофите со нивните докази, да посведочат дека јас сум во право, Мемун ќе сфати дека одбрал погрешен пат и ќе се покае.’’[6]
Ако овој поттик за организирање вакви собири и дебати го оставиме на страна, нашето внимание го привлекува уште еден друг. Имено, се работи за фактот дека Мемун возвишената позиција на Имамот, а.с., сакал да ја сведе само на делокругот на науката и постепено да го оддалечи од политичките прашања. Сакал да покаже дека Имамот, а.с., е научник и потпора на исламскиот уммет во научните прашања, но дека тој, а.с., нема ништо со водењето политика. Така намеравал постепено да ја направи прифатлива замислата за практичната одвоеност на верата и политиката. Неговиот следен поттик се потпира на фактот дека итрите и искусни политичари секогаш настојуваат да пронајдат разни видови забави и занимавања за обичниот народ, за да луѓето ги наведат, занимавајќи се со нив, да не размислуваат за важните општествени и политички прашања и да не ги воочуваат грешките на власта. Мемун така намеравал, организирајќи расправи на Имамот Рида, а.с., со најважните тогашни научници, да го преокупира вниманието на подржувачите на Ехли-бејтот, па тие потоа да ги прераскажуваат неговите успеси и победи, а Мемун и неговата политика да ја остават на страна. Уште еден поттик што овде го запазуваме е содржан во околноста дека и самиот Мемун поседувал некои доблести, а тоа се проникливост и образованост. Заради тоа во исламското општество сакал да стане познат како владетел научник, па народот, посебно Персијанците, да увидат колкава е неговата љубов кон науката и знаењето. За неговата власт тоа би претставувало значајна предност и со тоа сигурно би ја стекнал наклонетоста на многумина. Бидејќи овие расправи сосем извесно имале своја политичка заднина, но веројатно и не биле организирани исклучиво од политички причини, нема ништо спорно во тоа да заклучиме дека Мемун ги поседувал сите четири набројани поттици. Во секој случај, Мемун ги организирал овие опширни расправи, но, како што ќе видиме, со нивна помош не успеал да оствари ниту една од саканите цели, туку, ефектот бил токму спротивен од очекуваниот.
Откако го направивме овој вовед, да преминеме на некои од овие расправи. На голема жал, во историските извори и преданија воглавно не ги наоѓаме заокружени, туку само некои нивни делови. Камо среќа денес да ни се достапни сите нивни детали, за да би можеле подобро да ја сфатиме длабочината на кажувањата на Имамот, а.с., како и да се напоиме од благодатниот извор на неговото знаење! Инаку, неретко преносителите се ограничувале на некои делови и го скратувале кажаното, па денес не ни преостанува ништо друго освен да жалиме заради тоа. За среќа, сепак до нас се пренесени делови од тие расправи кои донекаде можат да ги задоволат нашите желби. Иако тие расправи биле многубројни, за нас се важни сочуваните седум, кои ќе ги анализираме во продолжението. Нив ги донесува големиот научник Шејх Судук во книгата ’Ујун-и Акхабару-Рида, а од таа книга ги пренесува и Алламе Меџлиси во 49-тиот том од збирката Бихарул-Анвар, а исто така ги среќаваме и во книгата Муснедул-Имам Рида, том бр.2. Станува збор за следните расправи: Расправа со џасиликот,[7] Расправа со големиот рабин,[8] Расправа со големиот мубед,[9] Расправа со Имран Сабеецот.[10] (Овие четири расправи се одвивале на ист собир пред Мемун и група научници од Хорасан). Расправа со Сулејман Мервази,[11] одржана е на собир пред Мемун и неговите дворјани, а Расправата со Али ибн Мухаммед ибн Џехм[12]и Расправата со првенците на разните религии одржана е во Басра. Секоја од овие расправи се одликува со интересна и длабока содржина, така што и денес, повеќе од илјада и двесте години откако се водени, се исклучително просветителски делотворни, поучни и отвораат видици, како по својата содржина, така и по начинот на расправа, со докази и со пристап на темата.
Во Ујун-и Акхбару-Рида во врска со изнесеното, читаме: ’’Кога Али ибн Муса од Медина дошол кај Мемун, овој на својот голем везир Фадл ибн Сехл му наредил да го повика бискупот, големиот рабин, првенецот на сабејците, големиот мубед и научниците на келам, за да набројаните имаат прилика да ги слушнат зборовите на Имамот, а.с., а тој нивните. Фадл така и постапил и откако сите се собрале, Мемун на сите им посакал добредојде и рекол: ’Ве повикав заради корисни и добри нешта. Треба да водите расправа со мојот роднина, кој само што стигна од Медина. Утре сите соберете се овде и никој нека не отсуствува.’ Тие изјавиле: ’Слушаме и се покоруваме! Утре наутро сите ќе бидеме овде.’’’ Хасан ибн Сехл Невфели бележи: ’’Бевме кај Имамот зафатени со разговор, кога одеднаш влезе неговиот слуга Јасир и рече: ’Мемун ви испраќа селам и ви порачува дека утре кај него ќе се соберат првенците на различните школи, верски поглавари од сите вери и научниците на келам. Вели, доколку сакате, утре да дојдете на тој собир, а ако не сакате, тој нема да инсистира. Ако сакате, тој ќе испрати некого по вас и тоа нема да му биде тешко.’ Имамот, а.с., кусо одговори: ’Пренеси му ги моите селами и кажи му дека сфаќам што сака. Утре наутро, ако даде Аллах, ќе дојдам таму.’’’ Невфели, инаку еден од другарите на Имамот, а.с., понатаму бележи: ’’Кога Јасир слугата на Имамот, а.с., излезе, Имамот, а.с., ме погледна и рече: ’Ти си од Ирак, а Ирачаните се бистри и проникливи, па што мислиш во врска со ова? Какви намери има Мемун па ги собира следбениците на ширкот и првенците на различните вери?’ Јас одговорив: ’Тој сака да ве искуша и да ги испита границите на вашето знаење. Но, неговиот план е на климави ноѕе, затоа што, се колнам во Бога, го поставил на лоши темели!’ Имамот, а.с., рече: ’А што тој тоа сака и каков план смислил?’ Јас (Невфели се чини дека се уште не бил сосем свесен за величественоста на знаењето на Имамот, а.с., па се плашел од сплетките на Мемун) одговорив: ’Научниците на келам се следбеници на новотарии и спротивставени се на исламските научници. Имено, учен човек не ја негира вистината, а тие се подготвени да негираат сѐ и се занимаваат со софизам. Ако им наведеш доказ за Божјата Едност, ќе речат дека тој доказ не го прифаќаат, а ако им кажеш дека Мухаммед, с.а.в.с., е Божји пратеник, ќе бараат тоа да го докажеш. Накратко, се работи за опасни луѓе. Настојуваат да го збунат човекот и толку се вешти во софизмот што на крај ќе те натераат да се откажеш од својот став. Би се жртвувал за тебе, биди внимателен со нив!’’’ Тогаш Имамот, а.с., се насмевна и ми рече: ’’Еј Невфел, се плашиш дека тие ќе ги побијат моите докази и дека ќе ме остават без доказ?’’ Јас, каејќи се заради моите зборови, реков: ’’Не, се колнам во Бога, јас за вас нималку не се плашам и се надевам дека Аллах ќе ви подари победа над нив!’’ Тогаш Имамот, а.с., ми рече: ’’Еј Невфел, сакаш ли да знаеш кога Мемун ќе се покае за ова што го прави?’’ ’’Да’’, реков, а Имамот, а.с., продолжи: ’’Тогаш кога ќе слушне како на следбениците на Теврат им докажувам со Тевратот, на следбениците на Инџил им докажувам со Инџилот, на сабејците со говор на нивниот јазик, на зороастријанците ќе им се обратам на персиски, а на Византијците ќе им се обратам на Грчки и како со следбеникот на секоја школа му говорам на неговиот јазик. И навистина, кога ќе ги побијам доказите на секоја група посебно, така што тие да се окажат од своето верување и да ги прифатат моите зборови, тогаш Мемун ќе сфати дека не му припаѓа позицијата на која се наоѓа! Тогаш навистина ќе се покае. А нема сила ниту моќ, освен кај Севишниот Аллах!’’
Невфели натаму сведочи: ’’Утрото Фадл ибн Сехл дојде кај Имамот, а.с., и рече: ’’Ви стојам на располагање. Вашиот роднина (Мемун) ве очекува, а кај него веќе е собрано друштвото.’’ Имамот, а.с., му рече: ’’Ти слободно оди пред мене, а јас, ако даде Аллах, ќе дојдам.’’ Тогаш Имамот, а.с., зеде абдест, со нас го подели својот саваки-шербет[13], па потоа заедно појдовме на дворот на Мемун. Таму затекнавме група познати и угледни луѓе, а меѓу ним беше и Мухаммед ибн Џафер,а.с.,[14] со група Хашимии и потомци на Али, а.с., како и некои воени команданти. Кога Имамот, а.с., влезе, Мемун стана, а станаа и Мухаммед ибн Џафер, а.с., и присутните Хашимии. Имамот, а.с., седна до Мемун, а сите други останаа да стојат од почит кон Имамот, а.с., сѐ додека тој, а.с., не им даде знак да седнат. Едно време Мемун со Имамот, а.с., брзо зборуваше за нешто, а потоа му се обрати на бискупот: ’’Еј бискупе, овој е мојот роднина, Али ибн Муса ибн Џафер. Тој е син на ќерката на Пратеникот Фатима и Али ибн Еби Талиб. Би сакал со него да разговараш и дебатираш, но во расправата придржувај се кон праведност.’’ Бискупот рече: ’’Еј Заповеднику на верниците, како со него да дебатирам кога тој ќе ми докажува со книгата која јас ја негирам и ќе се повикува на пратеник во кого јас не верувам?!’’ Тогаш Имамот, а.с., проговори: ’’Еј христијанину, дали за тебе е прифатливо да ти докажувам со помош на Инџилот во кого ти веруваш?’’ Бискупот одговори: ’’А како би можел да ги негирам зборовите на Инџилот? Да, жими Бога, ќе го потврдам она што ќе го кажеш, макар и да е на моја штета!’’ Тогаш Имамот, а.с., рече: ’’Прашај што сакаш, а потоа ислушај ги одговорите!’’ Бискупот праша: ’’Што велиш за пратеништвото на Иса и неговата Книга? Дали нешто од тие две нешта порекнуваш?’’ Имамот, а.с., рече: ’’Јас го потврдувам пратеништвото на Иса, а.с., и неговата Книга, но порекнувам дека Пратеникот Иса, а.с., не го најавил Мухаммед, с.а.в.а., па со таа радосна вест го израдувал својот народ!’’ Тогаш бискупот праша: ’’Зарем за своите тврдења нема да се повикаш на двајца праведни сведоци?!’’ ’’Секако’’, одговори Имамот, а.с. Тогаш бискупот побара: ’’Тогаш за пратеништвото на Мухаммед наведи двајца сведоци кои не припаѓаат на твојата вера и кои не се спорни за христијаните, а и од нас барај за нашите тврдења да наведеме двајца сведоци кои не припаѓаат на нашата вера.’’ Имамот, а.с., одговори: Христијанину, само што почна да се однесуваш неправедно. Дали за сведок прифаќаш некого што е праведен човек, а и бил близок на Иса, а.с., синот на Мерјема?’’ Биркупот рече: ’’Се разбира, но кој е тој праведен човек, наведи ми го неговото име?’’ Имамот, а.с., праша: ’’Што велиш за Иван од Дејлам?’’ Бискупот одговори: ’’Одлично, тој на Иса му бил најдрагиот човек!’’ Тогаш Имамот, а.с., рече: ’’Жити Бога, зарем во Инџилот не се пренесува дека Иван рекол: ’Хазрети Месих ме извести за верата на фалениот (ар. Мухаммед) на Арапите и ме израдува со веста дека тој после него ќе дојде како Божји Пратеник, па со тоа јас ги израдував учениците[15] и тие поверуваа во таа вест.’’’ Бискупот одговори: ’’Да, Иван тоа го пренесува од Иса, ја кажува радосната вест за пратеништвото на тој човек, за неговата света фамилија и наследниците, но не кажал кога тоа ќе се случи и не ги навел нивните имиња по кои би можеле да ги препознаеме.’’ Имамот, а.с., тогаш рече: ’’Ако доведам некого што го познава Инџилот за да ти ги каже редовите (стиховите) во кои се спомнува Мухаммедовото име, неговата фамилија и неговиот уммет, дали ќе поверуваш?’’ Бискупот одговори: ’’Тоа би било извонредно!’’ Тогаш Имамот, а.с., го праша Нестас Византиецот: ’’Дали третата книга од Инџилот ја знаеш напамет?’’ ’’Да’’, одговорил тој. Тогаш го праша големиот рабин: ’’Дали и ти го познаваш Инџилот?’’, а овој одговори: ’’Да, жими Бога!’’ Тогаш Имамот, а.с., рече: ’’Да ја погледнеме третата книга од Инџилот, па ако во неа има спомен за Мухаммед и неговата фамилија, посведочи во моја корист, а ако нема, посведочи против мене.’’ Тогаш Имамот, а.с., напамет почна да ја рецитира третата книга од Инџилот, па кога дојде до името на Пратеникот, с.а.в.а., застана и се заврте кон бискупот: ’’Еј христијанину, жити Месих и неговата мајка, дали прифаќаш дека јас го знам Инџилот?’’ ’’Да’’, одговори бискупот. Потоа Имамот, а.с., го рецитираше делот во кого се спомнува Пратеникот, с.а.в.а., неговата фамилија и умметот, па рече: ’’Еј христијанину, што велиш сега? Дали овие се зборови на Иса, а.с., синот на Мерјем? Ако ова го порекнеш, тогаш си го порекнал и Иса, а.с., и Муса, а.с., и ќе станеш неверник!’’ На тоа бискупот рече: ’’Јас не го негирам тоа што јасно стои во Инџилот и тоа го прифаќам.’’ Тогаш Имамот, а.с., им се обрати на присутните: ’’Сите бидете сведоци дека тој потврди!’’
Потоа Имамот, а.с., пак му се обрати на бискупот: ’’Еј бискупе, сѐ што сакаш прашај ме!’’ Бискупот праша: ’’Кажувај ми за учениците на Иса синот на Мерјема. Колку биле и кои од нив биле научници на Инџилот?’’ Имамот, а.с., одговори: ’’За тоа прашуваш човек што знае. Ученици биле дванаесет, а меѓу ним најучен и најпримерен бил Лука. А што се однесува до големите христијански научници, тројца биле: Иван Големиот од Бах, Иван од Каркис, па Иван Дејлеми од Реџаз; кај овој последниов го имало името на Пратеникот, с.а.в.а., на неговата фамилија, па тој со таа вест го израдувал народот на Иса, а.с., и Изрелците.’’ А потоа Имамот, а.с., рече: ’’Еј христијанину, жими Аллах, ние веруваме во оној Иса, а.с., кој верувал во Мухаммед, с.а.в.а. Единствено нешто што му замеруваме на вашиот пратеник Иса, а.с., е тоа што малку постел и малку се молел.’’ Бискупот на тие зборови се изненади, па рече: ’’Жими Бога, сега го оцрни твоето знаење и расипа сѐ што направи! А јас мислев дека ти си најучен меѓу муслиманите!’’ Имамот, а.с., праша: ’’За што зборуваш?’’, а бискупот рече: ’’Велиш дека Иса малку постел и малку се молел, а тој ниту еден ден не мрсел ниту некогаш преспал цела ноќ. Секој ден постел и се молел по цела ноќ!’’ Тогаш Имамот, а.с., праша: ’’А за кого постел и на кому му се молел?’’ Така бискупот го остави без одговор. Бискупот ништо не одговори. (Имено, ако прифати дека Иса, а.с., извршувал обреди на богопочитување, како тогаш би објаснил дека Иса, а.с., го смета за бог) Имамот, а.с., потоа рече: ’’Еј христијанину, за тебе имам уште едно прашање.’’ Сега бискупот понизно рече: ’’Ако знам ќе ти одговорам.’’ Имамот, а.с., праша: ’’Негираш ли дека Иса, а.с., оживувал мртви само со Божја дозвола?’’ Бискупот, кој се најде во ќорсокак, одговори: ’’Негирам, затоа што оној што ги оживува мртвите, го враќа видот на слепиот од раѓање и го лечи лепрозниот, и самиот е Бог и е достоен за обожување!’’ Тогаш Имамот, а.с., му рече: ’’Хазрети Ил’јас го правел истото, ги оживавл мртвите, одел по вода, им го враќал видот на слепите, ги лечел лепрозните, па неговиот народ не го прифатил за божество и нему никој не му се клањал. И пратеникот Езекиел[16], а.с., го правел истото што и Месих, а.с., односно ги оживувал мртвите.’’
Тогаш Имамот, а.с., му се обратил на големиот рабин: ’’Еј рабину, зарем во Тевратот не наоѓаш дека – кога Набукодоносор во Вавилон ги одвел заробените Евреи – Бог го испратил Езекиел, а.с., по ним, па тој, Езекиел, а.с., ги оживеал оние што биле убиени? Тоа е вистина што е запишана во Тевратот и тоа никој не го негира, освен негаторите на Вистината.’’ Големиот рабин рече: ’’Слушав за тоа и познато ми е.’’ ’’Вистината ја кажуваш’’, рече Имамот, а.с., па продолжи: ’’Еј евреину, земи ја и отвори ја својата книга Теврат’’, а потоа на памет почна да го рецитира Тевратот, додека рабинот зачудено гледаше во книгата и потврдуваше климајќи со главата.
Потоа Имамот, а.с., се заврте кон христијанинот и му кажуваше за некои чуда на Пратеникот, с.а.в.а.,, на исламот: за тоа како Пратеникот, с.а.в.а., со својата рака оживеал некои умрени и како со неговата благодарност биле излечени некои што боледувале од неизлечиви болести, па рече: ’’Сепак, никогаш ние не сме го сметале за свој Бог. Ако Иса, а.с., заради ваквите муџизи (чуда), го сметате за свој Бог, тогаш за божества би морале да ги сметате и Ил’јас и Езекиел, затоа што и тие оживувале мртви луѓе. А Ибрахим, Божјиот пријател, птиците ги распарчил на парчиња и нивните делови ги однел на околните ритчиња, па ги повикал и тие живи му се вратиле. И Муса ибн Имран, а.с., оживеал 70 луѓе кои со него заминале на ритчето Тур, па после видената блескава светлина, умреле. Ништо од ова не можеш да порекнеш, затоа што во врска со ова кажуваат и Тевратот, и Инџилот, и Зебурот, и Кур’анот. Тогаш, дали сите нив треба да ги сметаме за божества?!’’ Имамот, а.с., потоа го праша големиот рабин дали ја познава Книгата на Изаија, па рабинот одговори: ’’Добро ја познавам.’’ Тогаш Имамот, а.с., праша: ’’Се сеќаваш ли кога Изаија рече: ’И видов јавач на магаре, во облека од светлина (укажување на Месих), и видов јавач на камила, а лицето му сјаеше како месечина (укажување на Пратеникот на исламот)’?’’ Рабинот одговори: ’’Да, Изаија го рекол тоа.’’ Тогаш Имамот, а.с., праша: ’’Еј христијанину, дали се сеќаваш на зборовите на Иса, а.с., во Евангелието: ’Овие работи ви ги кажував додека бев со вас. Но, Параклитот[17] ќе дојде и мене ќе ме посведочи (така како што јас него го сведочам) и сѐ ќе ви објасни!’?’’ Бискупот одговори: ’’Ние го прифаќаме она што го цитираш од Инџилот.’’ Потоа Имамот, а.с., кажа за тоа како исчезнал првиот Инџил и како подоцна Инџили пишувале четворица: Марко, Лука, Иван и Матеј, како и дека секој напишал свој (а тоа се евангелијата кои сега ги користат христијаните), па бискпуот го навел да кажува и други контрадикоторни работи. Бискупот бил тотално поразен. Па кога Имамот, а.с., повторно рече: ’’Еј бискупе, прашај ме што и да сакаш!’’, бискупот се откажа и рече: ’’Сега некој друг нека праша. Жими Месих, не мислев дека меѓу муслиманите има некој како тебе!’’[18]
Секогаш кога би биле на само, Имамот Рида, а.с., на Мемун му давал опомени и предупредувања дека кора да се плаши од Бога и дека не смее да прави зло. Му говорел да не ги слуша советите на Хасан и Фадл ибн Сахл, затоа што тие не му мислат добро. А тие двајца, пак, со сите сили настојувале Мемун да го одвратат од Имамот, а.с., чиј углед кај народот од ден на ден сѐ повеќе растел, особено после понапред претставената дебата и бројни други слични на неа. На крај, стравот од можното губење на позицијата направил Мемун да се одлучи тајно да го отруе Имамот, а.с. Неговиот слуга, Абдуллах ибн Бешир пренесува: ’’Калифот ми нареди на прстите да пуштам да ми пораснат малку подолги нокти. Потоа еден ден ми даде да замесам некоја непозната смеса. Веднаш потоа, побара да подготвам сок од шипинки за Али ибн Муса. Кога сокот беше подготвен, го зеде и лично тој му го однесе. Имамот, а.с., умре после два дена.’’ Ебу Салт, слугата на Имамот, а.с., вели: ’’Кога Мемун излезе од неговата соба, Имамот, а.с., ме викна кај него и рече: ’’Ебу Салт, тие тоа го направија!’, после што почна да го слави и величи Бога.[19] Имамот Рида, а.с., е погребан во местото Тус, денес познато како Мешхад.
[1] Египетскиот научник Др. Таха Хусејн пишува за тие лоши последици од средбата на муслиманите со странските култури, особено со грчката: ’’Не поминало долго време, а муслиманите се запознале со странските култури, особено со грчката, односно особено со грчаката филозофија. Сето тоа и тоа како влијаело на муслиманите. Отпрвин таа филозофија се земала како средство за одбрана на сопствената вера, но потоа отишле чекор понатаму и почнале човечкиот разум да го земаат критериум за расудување за сѐ, умислувајќи дека умот е единственото средство на спознанието, што постепено водело кон идејата дека и нема потреба од Објавата како извор на спонанието. Оваа екстремна вера во разумот водела се натаму до Вистината. Таа заблуда им ги отворила вратите на спорењата и поделбите меѓу муслиманите: секоја група се држела до своите докази, па наскоро се создале повеќе од седумдесет разни групи. (Ајне-је ислам, превод Др. Мухаммд Ибрахим Ајети, Техеран, Шеркат-е ентешар, 1950, стр. 266)
[2] Фарнцузинот Густав Ле Бон пишува: ’’Факт е дека политичката власт на Арапите во времето на Харун и неговиот син Мемун го достигнала врвот на моќ. Имано, границите на нивните држави на Исток се протегале до Кина, во Африка Арапите дивите племиња ги потиснале до границите на Абисинија, а Византија ја стесниле сѐ до Босфорот, додека на другата страна излегле на бреговите на Атлантскиот океан… (Историја на цивилизицијата на исламот и Арапите, превод на Сејјид Хашим Хусејни, Техеран, Кетабфуруши-је есламије, стр. 211)
[3] Садук, Ујун акхбар ер-Рида, Техереан, Дар ел-Китаб ел-Исламијје, том 1, стр. 179; Меџлиси, Бихарул-анвар, Техеран, ел-Мектебе ел-Исламијје, 1385 г.х., том 49, стр. 177.
[4] Садук, Исто, том 2, стр. 158; Меџлиси, исто, стр. 189.
[5] Садук, Исто, стр. 239; Меџлиси, Исто, стр. 290.
[6] Меџлиси, Исто, стр. 175; еш-Шејх Азизуллах ел-Тарди ел-Кхабушами, Меснедул-Имамир-Рида, том 2, стр. 75.
[7] Под џасилик овде се подразбира бискуп, односно верски првенец на христијаните. Бидејќи најверојатно се работи за арабизиран израз за бискуп, во продолжението наместо изразот џасилик ќе го употребуваме зборот бискуп.
[8] Големиот рабин е врховен верски поглавар на еврејската заедница.
[9] Големиот мубед е врховен свештеник на зороастријанците.
[10] Имран Сабеецот, како што од самото име можеме да заклучиме, бил подржувач на и заговорник на сабејското верување. една група од нив искажувала почитување, верување, на ѕвездите, па во исламската литература понекогаш се нарекуваат почитувачи на ѕвездите. Нивниот центар своевремено бил градот Харан во Ирак, а потоа се расселиле во други краиште на Ирак и Хузистан. Во склад со своите верувања, воглавно живееле покрај големите реки, а и денес постои нивна мала заедница во Ахваз (Иран) и во некои околни краеви.
[11] Сулејман Мервази бил најпознатиот научник на келам во областа на Хорасан во времето на Мемун, кој посебно го ценел и му бил наклонет.
[12] Али ибн Мухаммед ибн Џехм бил отворен и лут противник на Ехли-бејтот. како таков го спомнува и Шејх Садук.
[13] Саваки-шербет е сладок пијалок кое се правел од брашно.
[14] Син на Имамот Садик, а.с., и стрико на Имамот Рида, а.с.
[15] Во исламската тредиција со поимот – ученици (хаваријуни) – се именуваат апостолите.
[16] Имамот, а.с., говори за пратеникот Џизкил, а.с., во исламот познат уште и како Хизкил или Зул-Кифл.
[17] ’Бараклита’ или ’Фараклита’ на арапски, кого го најавил пратеникот Иса, а.с., се однесува на Пратеникот Мухаммед, с.а.в.а. Во Инџилот на Иван, во деловите 14, 15 и 16 се наоѓаат навестувања за неговото доаѓање.
[18] Зборник на трудови од вториот светски конгрес за ликот и делото на Имам Рида, а.с., том 1, стр. 432-452. прилог на ајатоллахот Насир Мекарим Ширази.
[19] Шејх Муфид, Ал-Иршад, стр. 477 – 478.