Хасан ел-Муџтеба, а.с., вториот ехлибејтски Имам
Вториот Имам на Ехли-бејтот, првото дете од благословениот брак на Али, а.с., и благородната ќерка на Пратеникот, с.а.в.а., Фатима, а.с., роден е кон половината на месецот Рамазан, третата година по Хиџра, во Медина.[1] Хасан ибн Али, а.с., не проживеал долги години покрај својот голем дедо, Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, бидејќи имал отприлика 7 години кога Пратеникот, с.а.в.а., преселил од Овој свет. После смртта на Пратеникот, с.а.в.а., наредните скоро 30 години ги поминал покрај својот татко. Откако тој бил убиен (40. година по Хиџра), Хасан, а.с., наредните 10 години ја извршувал должноста на Имамот. Како шехид преселил во 50 година по Хиџра, во 48 година од својот живот, отруен со посредство на сплеткарењето на Муавија. Погребан е на гробиштата Бакије во Медина.
Во исламското учење побогатите луѓе имаат голема одговорност кон слабите и сиромашните во заедницата, па, во склад со длабоката духовна спојка и братската поврзаност во верата, секогаш мора да настојуваат да им удоволат на нивните потреби. Пратеникот, с.а.в.а., на исламот и Чесните Имами од неговото потомство во тој поглед не само што оставиле изречни препораки, туку секој од нив во своето време бил најдобар пример на човекољубие и грижа кон оние што имале потреби. Вториот Имам, а.с., не само што се одликувал со извонредни постигнувања кога станува збор за знаењето, богобојазливоста и ибадетот, туку, меѓу првенците и меѓу обичниот народ бил стално спомнуван по својата дарежливост и помош кон загрозените и сиромашните. Присутноста на овој Имам на Ехли-бејтот, а.с., давала утеха на сите сиромашни. Од неговата врата ниеден сиромав не се вратил со празни раце. Ниеден потиштен човек на Имамот не му ги изнел своите невољи, а кај него да не пронашол утеха. Понекогаш, сиромавиот човек срамејќи се, дури и пред да се одлучи да ја изнесе својата потреба, Имамот, а.с., би му ја удоволил, не допуштајќи му на сиромашниот да почувствува срам и понижување од барањето. Сујути во својата книга Историја пишува: ‘’Хасан ибн Али се одликувал со големи морални одлики и човечки доблести. Бил извонреден човек, трпелив, човечен, поверлив, толерантен и дарежлив, па бил омилен меѓу луѓето.’’ Понекогаш на сиромасите им подарувал зачудувачки големи суми на пари. Смислата на така богатите дарови била во намерата толку сиромашните да ги направи трајно независни, односно, да им овозможи да ги задоволат сите свои потреби, да продолжат да живеат достоен човечки живот и на тој начин да се грижат за себе и своите семејства. Не сакал на сиромашниот да му дава скромен износ, толку колку што е доволно за еден ден, така што тој секој ден повторно требало да ја испружува раката пред другите и да бара милостина за да преживее. Еден ден Осман ибн Авфан (третиот калиф) седел пред џамијата, кога наишол некој питач и побарал милостина. Осман му дал 5 дирхеми, а питачот рекол: ‘’Упати ме кај некој што ќе ми даде повеќе!’’ Осман му покажал во правец на Хасан и Хусејн ибн Али, а.с., и Абдуллах ибн Џафер, кои седеле во еден ќош во џамијата, и рекол: ‘’Појди кај младите кои седат онде и од нив побарај да ти помогнат.’’ Питачот отишол кај ним и им ја кажал својата потреба. Хазрети Хасан, а.с., рекол: ‘’Парична помош да се бара од други, дозволено е само во три случаи: заради крвнина што човекот е должен да ја плати, а не е во состојба да го направи тоа. Доколку има голем долг, а не може да го врати. И доколку е сиромашен и слаб и не е во состојба да си помогне себе си. Кој од овие случаи се однесува на тебе?’’ Питачот одговорил: ‘’Навистина еден од тие три случаи е мој.’’ Тогаш Хазрети Хасан, а.с., му дал 50 динари. Следејќи го Хазрети Хасан, а.с., Хусејн, а.с., му дал 49, а Абдуллах 48 динари. На враќање, питачот пак поминувал покрај Осман. ‘’Како помина?’’, го прашал Осман, а овој рекол: ‘’Од тебе барав пари и ти ми даде, но не ме праша за што ми требаат. А кога појдов кај оние тројца, еден од нив ме праша на што ќе ги потрошам парите, па откако му одговорив, сите тројца богато ме даруваа.’’ Осман рекол: ‘’Таа фамилија е оска на знаењето и мудроста, извор на доброто и доблестите, па кој би можел да бидe како нив!’’[2] Така Хасан ибн Али, а.с., ги вложувал сите свои сили во правењето добри и богоугодни дела и на Божјиот пат потрошил голем имот. Историчарите и научниците, пишувајќи за неговиот благороден живот, забележале примери на неговата безрезервна дарежливост и огромно милосрдие какво што не се среќава во биографијата на ниеден друг великан. Тоа е уште еден доказ за неговата духовна големина и на неговата незаинтересираност со лажните добра на Овој свет. Во текот на својот живот два пати го споделил својот имот на Божјиот пат. Три пати својот имот го преполовил. Едната половина ја задржал за себе, а другата ја подарил.[3] Високата свест и возвишениот карактер на Хасан, а.с., не му дозволувале некој од неговата врата да се врати без надеж. Понекогаш неговата помош не била директна, туку би настојувал посредно да им удоволи на потребите на луѓето и нивните тегоби да ги реши на посебен начин. Така, еден ден Имамот, а.с., го посетил некој питач и побарал помош. Меѓутоа, Имамот Хасан, а.с., во тој момент немал пари, но му било срам да дозволи сиромавиот да се врати разочаран од неговата куќа. Затоа му рекол: ’’Сакаш ли да те упатам на нешто со што ќе ја исполниш својата желба?’’ Сиромавиот прашал: ’’За што се работи?’’ Имамот, а.с., му објаснил: ’’Денеска умре ќерката на калифот и тој е нажален. Се уште никој не му изразил сочувство на прав начин. Оди кај него и направи го тоа со зборови на кои јас ќе те научам. Така ќе ја исполниш својата желба.’’ Сиромавиот прашал: ’’Како да му изразам сочувство?’’ Имамот, а.с., му рекол: ’’Кога ќе појдеш кај него, речи: ’’Фала Му на Бога што одредил твојата ќерка да умре пред тебе и да се најде во гробот, затоа што таа живеела под заштита на таткото. Но, ако калифот умрел пред неа, таа би останала без заштитник, па можеби, не дај Боже, некој би ја сквернавил нејзината чест.’’ Сиромавиот го послушал Имамот, а.с., и така постапил. Овие сочувствителни зборови оставиле длабок впечаток на калифот и му ги отргнале тагата и жалоста. Наредил на сиромавиот да му се даде награда, а потоа го прашал: ’’Дали ти самиот ги смисли овие зборови?’’, а овој одговорил: ’’Не. На овие зборови ме подучи Хасан ибн Али!’’ Тогаш калифот рекол: ’’Тој е извор на елоквентноста.’’[4]
[1] Ибн Шехрашуб, Менакибу Али ибн Еби Талиб, подготвил и составил хаџи сејјид Хашим Ресул Махалани, Ком, Муассесе-је ентешарат Алламе, том 4, стр.26; Шејх Муфид, Ал-Иршад, Ком, Мектебету басирет, стр.187; Ибн Асир, Усдул-габе фил-ма’рифетис-сахабе, Техеран, Мектебетул-исламијје, том 2, стр.10; Ибн Хаџер ‘Аскалани, Ал-Исабате фи темјизис-сахабе, Бејрут, Дарул-ихјаит-турасил-‘араби, 1328, том 1, стр.328.
[2] Меџлиси, Мухаммед Бакир, Бихарул-анвар, Дарул-кутубил-исламијје, Техеран, том 43, стр.333.
[3] Сујути, Тарихул-хулефа, Мектебету-мусна, Багдад 1383, 190; Ибн Вазих, Тариху Јакуби, Меншуретул-мектебетил-хајдеријје, Неџеф 1384, том 2, стр. 215, Сабит ибн Џевзи, Тезкиретул-хавас, Меншуретул-мектебетил-хајдеријје, Неџеф 1383, стр. 196; Шејх Мухаммед Себан, Асафир-рагибин, Мектебетул-месхедул-хусејни, Каиро, стр. 179.
[4] Шерифул-Карши, Бакир, Хајатул-Имамил-Хасан, Матбу’атул-адаб, Неџеф 1384, стр. 302.