Петте точки од мировниот договор меѓу Имам Хасан, а.с., и Муавија
Муавија, за да воспостави мир и да ја дограби власта, бил подготвен да даде секакви отстапки. Дури на Имамот, а.с., му испратил празен лист со свој потпис на дното, со порака дека ќе ги прифати сите услови кои Имамот, а.с., ќе ги напише на листот.[1] Имамот, а.с., тоа го искористил колку што било можно. Па така, во мировниот договор ги вградил сите важни и чувствителни прашања и ги направил како првостепени точки на договорот. Од Муавија барал ветување дека ќе ги чува сите оние возвишени идеали кои Имамот, а.с., ги негувал. Во историската литература не се среќава подробен и целосен текст на тој мировен договор. Меѓутоа, со поврзување на текстовите од разни извори, можно е приближно да се воспостави целосниот текст од договорот. И со летимичен увид во прашањата кои Имамот, а.с., ги вградил во договорт и на кои истрајувал, може да се стекне претстава за неговата извонредна способност за проценка во рамките на сопствената политичка борба. Текстот на договорот би можел да се сведе на пет точки.
Прва точка: Хасан ибн Али, а.с., власта и управувањето му ја препушта на Муавија, под услов овој да се придржува на прописите на Кур’анот и Суннетот на Пратеникот, с.а.в.а. Втора точка: после Муавија, калифатот ќе му припадне на Хасан ибн Али, а.с., доколку нему му се случи нешто, управувањето на државата ќе го преземе Хусејн ибн Али, а.с. Понатаму, Муавија нема право да одреди никого како свој наследник. Трета точка: Мора да се престане со грдата ново воведена пракса на јавно навредување и проколнување на таткото на Хасан, Али ибн Еби Талиб, а.с., на намазите и тој не смее да се спомнува, освен по добро. Четврта точка: Износот од пет милиони дирхеми што се наоѓа во благајната од бејтул-малот на Куфа не е вклучен во договорот за предавање на власта и тие пари ќе бидат трошени под надзор на Имамот Хасан,а.с. Исто така, Муавија, при распределбата и поделбата на пари, предност ќе им дава на Хашимиите во однос на Емевиите. Покрај тоа, од сумата пари собрани од зекатот од Дарабгард, Муавија мора да им исплати милион дирхеми на семејствата на шехидите од Битката кај Деве и Битката на Сиффин, кои загинале борејќи се на страната на Имам Али.[2] Петта точка: Муавија се обврзува дека сите луѓе во подрачјата на Шам, Ирак и Хиџаз, од било кое племе или раса, ќе бидат безбедни од неговото насилство и злоупотреби, дека нема да се занимава со нивното минато и дека никој нема да биде вознемируван заради некогашното дејствување насочено против власта на Муавија, што особено важи за жителите на Ирак. Освен тоа, Муавија им гарантира безбедност на сите другари на Али ибн Еби Талиб,а.с., каде и да се наоѓаат. Никој од нив нема да биде вознемируван. Нивните животи, имоти и чест ќе бидат заштитени и нема да им биде направена ни најмала непријатност. На секому ќе му припаднат неговите права, а имотот од бејтул-малот што се наоѓал во сопственост на следбениците на Али ибн Еби Талиб, а.с., нема да им биде конфискуван. Исто така, Муавија на никаков начин не смее да ги доведе во опасност Хасан ибн Али, а.с., и неговиот брат Хусејн ибн Али, а.с., ниту било кој друг од фамилијата на Пратеникот, с.а.в.а., па тие никако не смеат да бидат изложени на страв и заплашување. На крајот на договорот, Муавија директно се обврзува на почитување на сите точки од договорот и на нивно доследно извршување. Во тој поглед како сведок го зема Бога, како и сите угледни и почитувани луѓе од Шам.[3] На тој начин се остварило претскажувањето на Пратеникот, с.а.в.а., на исламот, искажано во време кога Хасан ибн Али, а.с., бил дете. Еден ден Пратеникот, с.а.в.а., кога од минберот го здогледал Хасан, рекол: ’’Ова мое дете е поглавар на муслиманите. Бог, со негово посредство ќе воспостави мир меѓу две групи муслимани.’’[4]
[1] Ебул-Хадид, Шерх Нехџул-белаге, подготвил Мухаммед Ебул-Фадл Ибрахим, прво идание, Каиро, Дарул-ихјаил-кутубил-’арабијје, 1378.х.г., том 16, стр. 28.
[2] Дарабгард била една од петте градски области во провинцијата Фарс. Причината зошто тој порез е избран од Дарабгард, можеби е фактот дека овој град, врз основа на историските сведоштва, при освојувањето на Персија на муслиманската војска се предал без борба, па во склад со исламските прописи, приходите собрани од тој град припаѓаат на Пратеникот, на неговата фамилија, на сирацитем сиромашните и патниците. Затоа, Имамот Хасан, а.с., како услов побарал порезот од овој град да им припадне на семјствата на шехидите од Битката кај деве и Битката кај Сиффин, бидејќи станувало збор за имот што директно му припаѓал нему. Освен тоа, во овој имот удел имале и сирачињата на загинатите во овие битки што биле без стрател (Меџлиси, Мухаммед Бакир, Бихарул-анвар, Дарул-кутубил-исламијје, Техеран, том 44, стр. 10).
[3] Подетален опис и објаснување на овој мировен договор може да се најде кај Шејхот Ради Ал Јасин, стр. 259-261.
[4] Ова претскажување е забележено во Тезкиратул-хавас, стр. 194, Аседул-гхабе, том 2, стр. 12, Нурул-басар, стр. 121, Ал-Исабе, том 1, стр. 320, Тензибул-техзиб, том 2, стр. 298; Хилјетул-евлија, том 2, стр. 35, Муснед Ахмед ибн Ханбел, том 5, стр. 38 и 44; Ет-Табекатул-кубра, Абдулвехаб Шарани, том 1, стр. 26.