Првиот ехлибејтски Имам, Али ибн Еби Талиб, а.с. – период на неговиот калифат – дел 7
Калифатот на Али, а.с., и неговата власт, фокусирана на правда, чесност и оживување на изворните исламски традиции, тешко им паднала на одредени групи, па таквите групи формирале фронт против неговата власт. Најпосле таа спротивставеност изродила три конфликти – конфликтот со накисините, каситините и марикините. Во продолжението ќе кажеме понешто за секој од тие конфликти: конфликтот со накисините (прекршителите на договорот) се случил на тој начин што Талха и Зубејр и покрај тоа што му дале заклетва (го признале за калиф) на Али, а.с., побарале да го преземат управувањето над Басра и Куфа, но Имамот, а.с., со тоа не се согласил. Потоа тие тајно ја напуштиле Медина и заминале во Мекка, каде што, со помош на Емевиите и со средства од бејтул-мал (државна каса), формирале војска, по што се упатиле кон Басра каде што ја презеле власта над градот. Али, а.с., со војска ја напуштил Медина за да се пресмета со нив, па во близината на Басра дошло до жестока битка меѓу овие две војски. Битката завршила со победа на Али, а.с., и пораз на накисините. Станува збор за битката позната како Битката околу камилата (Битката околу деве), битката за која може посебно опширно да се говори. Оваа битка се случила во 36 година по Хиџра.
Уште пред Али, а.с., да го преземе калифатот, Муавија за себе ги подготвил сите предуслови за воспоставување на сопствен калифат во Шам (денешна Сирија). Кога Имамот, а.с., го презел управувањето, на Муавија му испратил указ со кој го отповикал од функцијата намесник во Шам, бидејќи никогаш не се согласувал со можноста на Муавија да му биде доверена таква позиција. Исходот од тој спор бил воен конфликт на војските од Ирак и Шам на Сиффин, во кој војската на Али, а.с., била многу блиску до победа, но Муавија, со подмолни итроштини и трикови успеал да предизвика раздор и бунт во војската на Али, а.с. Најпосле, после големо инсистирање на своите другари, Имамот, а.с., бил приморан да се согласи со предлогот Ебу Муса А’шари и Амр ‘Ас да бидат судиите кои ќе одлучат за тоа што е најдобро за напредокот на исламот и муслиманите. Притисоците за тоа Имам, а.с., да ја прифати нивната пресуда биле толку силни, што во случај да не ја прифател пресудата и неговиот живот би бил во опасност, а со неговата смрт муслиманите би се соочиле со голема неизвесност. Кога дошло време избраните арбитри да го изнесат своето мислење, Амр ‘Ас го измамил Ебу Муса и со тоа измамничката интрига на Муавија на сите им станала очигледна. После овој случај со пресудувањето, некои муслимани кои дотогаш биле на страната на Али, а.с., му се спротивставиле нему, приговарајќи му заради прифаќањето на пресудата и покрај што истите тие со своите притисоци го приморале тоа да го прифати. Битката со каситините (битката кај Сиффин) се случила во 37 година по Хиџра.[1]
Марикини се токму таа група која Али, а.с., го присилила да го прифати пресудувањето, а неколку дена подоцна, се предомислиле и од него барале да го поништи постигнатиот договор. Меѓутоа, Али, а.с., не бил некој што би го погазил својот збор и би го прекршил постигнатиот договор. Тие тогаш се одметнале и кај местото Нехреван се случила битка меѓу одметната група и војската на Али, а.с. Али, а.с., победил во оваа битка, но злобата во срцата останала жива. Оваа битка кај Нехреван се случила во 38, а според некои историчари во 39 година по Хиџра. После 4 години и неколку месеци владеење, ноќта на 19 ден од месецот Рамазан, 40 година по Хиџра, Али, а.с., е смртно ранет од сабјата на Абдурахман ибн Мулџем, еден од марикините, а два дена подоцна го достигнал возвишениот степен на шехадетот.
[1] При подготовката на ова поглавие, покрај литературата наведена во фуснотите, користена е и книгата на почитуваниот професор Џафер Субхани Пазхухеши пирамин-е зендеги-је Али, а.с. (второ издание, Ком, Џахан-е ара).