Општеството и законот
Ако општеството има стварно постоење, тогаш нужно има и свои посебни закони. Ако за суштината на општеството ја прифатиме првата теорија (постои ли општеството изворно и објективно) и го порекнеме објективното постоење на општеството, тогаш е неминовен нашиот став дека општеството не поседува закони.
Доколку го прифатиме второто становиште во кое општеството се набљудува како индустриска и машинска композиција, тогаш таквото општество има закони, но сите негови закони се сведуваат на причинско-последична механичка врска помеѓу неговите делови и меѓусебно механичко влијание на општествениот состав, без да може да се види каков било знак за некој вид начин на живот, живеење и посебни ефекти во општеството.
Ако го прифатиме третото становиште, тогаш како прво, со оглед на тоа што таквото општество поседува некој вид на живот независен од животот на своите членови – иако тој општествен живот не постои одвоено и е распореден помеѓу поединците – тогаш има закони и правила независни од своите членови и делови, а кои треба да се запознаат. И второ, деловите на општеството, т.е. поединците – наспроти становиштето за уредувањето на општеството – макар и условно, го губат својот независен идентитет. Истовремено, иако делуваат уредено, условната независност на поединците се задржува. Поединечниот живот, вродените посебности и особините стекнати во природата не се претопуваат во целост во општествениот живот. Во суштина, на основа на ова становиште, човекот живее два животи, е со два духа и две јас. Вродениот живот, духот и јас се производ на есенцијалното движење на природата, а општествениот живот, духот и јас се производ на општествениот живот и вплотени се во поединечното јас, така што над човекот владеат и законите на психологијата и законите на социологијата.
На основа на четвртото становиште, со човекот, на основа на тоа што е човек, владее само еден вид закон и правила, а тоа се општествениот закон и правила.
Абдур-рахман ибн Халдун е можеби првиот помеѓу исламските научници кој јасно ги споменал правилата и законите кои владеат над општеството, независно од правилата и законите на поединците и соодветно на тоа, на општеството му припишал личност, природа и стварност, за што детално расправал во својата Мукаддима, т.е. во делото кое го напишал како вовед во историјата. Првиот меѓу модерните научници и филозофи кој настојувал да ги открие законите кои владеат со општеството бил Монтескју (Montesquieu), француски научник од 18 – тиот век. Рајмонд Арон (Raymond Aron) за Монтескју вели:
“Неговата цел беше рационализирање на историјата. Тој сакаше да го сфати значењето на историските факти. Историските факти се нудат во различни облици кои ја сочинуваат бесконечноста на општествени обичаи, навики, мислења, закони и установи. И таа, наизглед неповрзана разноликост, ја чини почетната точка во истражувањето. На крајот на истражувањето, осмислениот поредок треба да ја замени таа неповрзана разноликост… Монтескју, како и Макс Вебер (Max Weber), сака да прејде преку неповрзаните податоци за да стигне до рационалниот поредок. И тоа е токму таа посебна постапка на социологот.”
Суштината на овие зборови е дека, и покрај разновидноста на облиците на општествените појави заради која тие изгледааат туѓи едни на други, социологот открива единство и на тој начин целокупната разновидност ја прикажува како вчитување на тоа единство.
Во делото За причините за подемот и падот на Римјаните, за тоа како сличните општествени појави и ефекти потекнуваат од низа на слични причинители, се пренесува следното:
“Со светот не владее случајноста. За ова може да бидат прашани Римјаните затоа што тие, сè додека имаа еден распоред во заповедништвото, остваруваа успеси, а кога усвоија друг распоред, се соочија со постојано назадување. Во секој империјален систем постојат причинители, морални или телесни, кои го издигаат тој систем, го одржуваат или го доведуваат до пропаст. Сите настани се последица на тие причинители и доколку случајот на некој судир, значи некој посебен причинител, доведе до пад на државата, сигурно постоел некој општ причинител кој довел до тоа споменатата држава да падне поради еден судир. Накратко, главниот тек ги предизвикува сите поединечни последици.”
Чесниот Кур’ан истакнува дека умметот и општествата, заради тоа што се уммет и општество (не исклучиво членови на општество), имаат традиции, закони и подеми и падови сходно на тие закони и традиции. Да се има заедничка судбина за општеството значи да се има традиција. Кур’анот за народот на Израел вели:
وَقَضَيْنَا إِلَى بَنِي إِسْرَائِيلَ فِي الْكِتَابِ لَتُفْسِدُنَّ فِي الأَرْضِ مَرَّتَيْنِ وَلَتَعْلُنَّ عُلُوًّا كَبِيرًا. فَإِذَا جَاء وَعْدُ أُولاهُمَا بَعَثْنَا عَلَيْكُمْ عِبَادًا لَّنَا أُوْلِي بَأْسٍ شَدِيدٍ فَجَاسُواْ خِلاَلَ الدِّيَارِ وَكَانَ وَعْدًا مَّفْعُولاً. ثُمَّ رَدَدْنَا لَكُمُ الْكَرَّةَ عَلَيْهِمْ وَأَمْدَدْنَاكُم بِأَمْوَالٍ وَبَنِينَ وَجَعَلْنَاكُمْ أَكْثَرَ نَفِيرًا. إِنْ أَحْسَنتُمْ أَحْسَنتُمْ لِأَنفُسِكُمْ وَإِنْ أَسَأْتُمْ فَلَهَا فَإِذَا جَاء وَعْدُ الآخِرَةِ لِيَسُوؤُواْ وُجُوهَكُمْ وَلِيَدْخُلُواْ الْمَسْجِدَ كَمَا دَخَلُوهُ أَوَّلَ مَرَّةٍ وَلِيُتَبِّرُواْ مَا عَلَوْاْ تَتْبِيرًا. عَسَى رَبُّكُمْ أَن يَرْحَمَكُمْ وَإِنْ عُدتُّمْ عُدْنَا وَجَعَلْنَا جَهَنَّمَ لِلْكَافِرِينَ حَصِيرًا
И Ние во Книгата им објавивме на синовите Излаилови: „Вие навистина двапати на Земјата неред ќе правите и прекумерно арогантни ќе станете“. Кога ќе дојде време на првиот од двата нереда, ќе ги испратиме против вас робовите Наши, силно моќни, тие домовите ваши ќе ги прегазат и ветувањето за казна ќе го исполнат. Потоа ќе ви дадеме победа против ниви ќе ви помогнеме со имотите и синовите ваши и ќе ве направиме многубројни. Па ако правите добро, за себе го правите, а ако правите зло, против себе го правите! А кога ќе дојде време на другиот неред на лицата ваши тага и јад да остави и во Храмот да влезат како што во него влегле и првиот пат и до темел да срушат сѐ со што ќе завладеат. И Господарот ваш повторно ќе ви се смилува; ако вие повторно започнете, ќе започнеме и Ние. А џехеннемот за неверниците темницат го направивме.
Последната реченица: Ако вие повторно започнете, ќе започнеме и Ние, со оглед на тоа дека е упатена кон народ и општество, а не кон поединец, укажува на општост и традиција на законите кои владеат над општеството.