Преговорите на неџранските претставници со Пратеникот
Група биографи, пренесувачи на хадиси и исламски историчари ја пренесуваат содржината на преговорите на неџранските претставници со Пратеникот, с.а.в.а., меѓутоа, мерхум Сејјид ибн Тавус деталите од овој настан ги изнесува попрецизно и поопширно од другите. Тој сите детали од мубахелата, од почеток до крај, ги пренесува од книгата Мубахеле од Мухаммед ибн Абду-л-Муталиб Шејбани и од книгата Амелу зи-л-хиџе од Хасан ибн Исмаил. Сепак, бидејќи пренесувањето на сите детали на овој историски настан, во што за жал некои историчари потфрлиле, ги преминува границите на овој трактат, овде ќе пренесеме само еден од преговори кои Халеби ги пренесува во својата биографија.
Пратеникот, с.а.в.а.: ’’Ве повикувам во монотеизам и обожување на еден Бог и покорување на Неговите наредби.’’ После тоа им проучил неколку кур’ански ајети.
Претставниците: ’’Ако под ислам мислиш на верување во Бог, ние во Него сме поверувале уште од порано и постапуваме по Неговите прописи.’’
Пратеникот, с.а.в.а.: ’’Исламот има свои знаци, а некои ваши дела сведочат за тоа дека не сте му пристапиле на правиот ислам. Велите дека обожувате еден Бог, а истовремено обожувате и крст, не апстинирате од свинско месо и верувате дека Бог има син!?’’
Претставниците: ’’Го сметаме за бог затоа што оживувал умрени, лечел болни и направил птици од глина и ги оживеал. Сето тоа укажува на тоа дека тој е бог.’’
Пратеникот, с.а.в.а.: ’’Не, тој е Божји роб, створение Божјо кое Тој го ставил во утробата на Мерјем, а таа моќ му ја дал Бог.’’
Еден од претставниците: ’’Да, тој е божји син, затоа што мајката Мерјем на овој свет го донела без стапување во брак, така што нема друго, тој мора да биде бог.’’
Тогаш на Пратеникот, с.а.в.а., му дошол мелекот на Објавата и му рекол да им каже: ’’Хазрети Иса е како хазрети Адем, кого Бог со Својата бескрајна моќ го создал од глина, без татко и мајка. Ако тоа што нема татко е доказ дека е Божји син, тогаш тоа попрво може да се тврди за хазрети Адем, затоа што тој освен што немал татко немал ни мајка.’’
Претставниците: ’’Вашите зборови не ни се доволни, единствен начин е во одредено време да излеземе на мубахела. Да повикаме проклетство на лажливецот, Бог да го уништи.’’
Во тој момент слегува мелекот на Објавата носејќи го ајетот мубахела и го задолжува Пратеникот, с.а.в.а., оние кои со него се расправаат и не сакаат да ја прифатат вистината, да ги повика на мубахела па и двете страни да бараат од Бога оној кој не ја зборува вистината, Бог да го оддалечи од Својата милост. А на оние кои со тебе ќе се расправаат за него, откако вистината за тоа ти стигна, речи им: ’’Дојдете, ќе ги повикаме синовите наши и синовите ваши, и жените наши и жените ваши, а ќе дојдеме и ние, па ќе се помолиме и Аллахово проклетство ќе побараме за оние кои невистина говорат.!’’ (Али Имран, 61)
Заради решение на ова прашање двете страни биле подготвени да излезат на мубахела и договорено било тоа да го направат утредента, надвор од Медина блиску до пустината. Пратеникот, с.а.в.а., од муслиманите и од бројните роднини, за учество во овој историски настан одбрал само четири личности. Тоа биле Али ибн Еби Талиб, а.с., Фатима, с.а., Хасан и Хусејн, а.с., и никој друг, затоа што меѓу муслиманите од нив немало други со почисти души, со посилно верување.
Пратеникот, с.а.в.а., растојанието од куќата до местото договорено за мубахела го поминал во посебно расположение. Во раце го носел Хусејн, а.с., Хасан, а.с., го држел за рака, зад него одела Фатима, с.а., а зад неа, Али, а.с. Кога се приближиле на договореното место, Пратеникот, с.а.в.а., на своите сопатници им рекол: ’’Кога ќе ја учам довата, вие на тоа изговарајте амин.’’
Пред да се сретнат со Пратеникот, с.а.в.а., претставниците од Неџран во меѓусебен разговор востановиле дека, ако Мухаммед дојде на мубахела со офицери и војници, за да им ја покаже својата моќ, може да бидат сигурни дека не ја зборува вистината и дека не може да се потпре на своето пратеништво, но ако на мубахела дојде со своите деца и се заврти кон Бога со држење кое е далеку од секаква материјалност и помпа, тоа ќе биде знак дека тој е вистински пратеник и дека толку верува во себе што е подготвен на опасност да ги изложи и своите најдраги личности, а не само себе си.
Уште додека за тоа разговарале, одненадеж го здогледале светлото лице на Пратеникот, с.а.в.а., со четворица сопатници. Тројца од нив – гранки на неговото битие. Сите биле затечени од таа глетка, зачудено гледајќи ги. Биле изненадени кога виделе дека на местото за мубахела ги довел своите безгрешни деца, единстената ќерка, споменот на себе. Рекле дека тој човек е целосно сигурен во својот повик, бидејќи во спротивно, несигурен човек не би ги изложувал своите најмили на Божјата немилост.
Бискупот од Неџран рекол: ’’Гледам такви лица што и најголемата планина, ако тие ги подигнат рацете и го замолат Бога да ја подигне од место, веднаш ќе биде оттргната. Не е во ред да пристапиме во мубахела со извонредни луѓе со вака светли лица. Бидејќи веројатно ние ќе бидеме уништени, а можно е казната да се прошири и да ги зафати сите христијани во светот, па на земјата да не остане ниту еден.’’