Големината на Ехли бејтот во ајетот мубахела
Возвишениот Господар на Својот Пратеник, с.а.в.а., му рекол: ’’Ако овој доказ, што произлегува од твојата интуиција и внатрешнa потврденост, не им е доволен, повикај ги на мубахела и речи им:
Секоја страна нека ги доведе своите деца, своите ќерки (жени) и оние што им се во душата (најсаканите), па заедно ќе го проколнеме оној кој не ја говори вистината.’’
Христијаните од Неџран заминале да размислат во врска со предлогот. Божјиот Пратеник, с.а.в.а., по наредба на Својот Господар со себе ги донесол Заповедникот на верниците, како личност која се наоѓа на позиција на неговата душа, од жените хазрети Фатима, а од децата Хасан и Хусејн, а.с. Кога христијаните од Неџран ја виделе оваа глетка, се откажале од мубахелата. Рекле: ’’Ние гледаме лица кои, ако и најцврстите планини ги проколнат, тие ќе се распаднат.’’
Светите битија кои на мубахелата го следеле Пратеникот, с.а.в.а., односно Заповедникот на верниците, хазрети Фатима, Хасан и Хусејн, а.с., – членовите на семејството на Пратеникот, с.а.в.а., кои со него биле под наметката – биле достојни за учество во мубахелата или, како што вели алламе Табатабаи, тие самите биле едната страна во спорот. Доказ за тоа тврдење е фактот што Возвишениот Господар во спомнатиот ајет користи прво лице множина кога вели:
….. па Аллахово проклетство ќе побараме за оние кои ја говорат невистината. (Али Имран, 61)
Според тоа, ни станува јасно дека пратителите на Пратеникот, с.а.в.а., на мубахелата не биле само набљудувачи туку известувачи за верската вистина, затоа што само известувачот е тој кој може да ја говори вистината или да лаже. Ако не беше биле известувачи на Објавата и Посланието и ако не беше зборувале за работите од скриениот свет, не би биле ниту вистинољупци ниту лажливци, затоа што вистината или лагата зависат од спознанијата на самиот известител.
Од ајетот за мубахелата може да се заклучи дека Ехли бејтот, а.с., е известител за скриениот свет, дека Божјиот вилајет е заеднички и дека им припаѓа на сите ним. Иако Посланието и пратеништвото му припаѓаат исклучиво на Божјиот Пратеник, с.а.в.а., тие се известени во врска со скриениот свет и во врска со него известуваат. Активно се вклучени во спорот и нивната дова се прима. Секако, треба да се нагласи дека и покрај тоа што на мубахелата биле присутни само пет членови од Ехли бејтот, безгрешните Имами кои дошле подоцна ги поседуваат сите доблести на претходните Имами, а.с. Чесниот ајет за мубахелата и настаните поврзани за тој ден ја појаснуваат големината на чистиот Ехли бејт. Ајетот покажува дека членовите на Ехли бејтот, а.с., на Пратеникот, с.а.в.а., се едната страна во спорот, дека се во право и дека им се прифаќа довата. Се разбира, основниот темел и осовина на мубахелата било повикувањето во вера, а Пратениковиот научен метод бил интуцискиот извор на инспирацијата (вдахновението).
Детал вреден за внимание е тоа дека Пратеникот, с.а.в.а., во време на опасност, било во мал или голем џихад, својот Ехли бејт го подготвувал и изложувал на опасности пред другите. Хазрети Али во Нехџул-белага спомнува некои примери и вели:
’’Ние сме Ехли бејт кој се жртвува пред другите за да во пожртвуваноста и жртвата им бидеме пример на другите.’’
Сакаме да кажеме дека Чесниот Пратеник, с.а.в.а., и на бојното поле и на мубахелата го носел својот Ехли бејт и покрај тоа што секој го сака своето семејство и понекогаш себе си се жртвува за него. Меѓутоа, бидејќи Божјата вера е помила од животот, а вредноста на човекот се огледува во подржувањето на Божјата вера, кога на верата и се заканува опасност, Божјиот Пратеник, с.а.в.а., себе и своето семејство го жртвува за неа. Настанот на мубахелата го пренеле и шиитски и сунитски научници, но на разни начини. Според зборовите на Ибн Тавус, р.а., во преку повеќе од педесет и еден извор се пренесени преданија што го појаснуваат овој настан на мубахела. Во еден од хадисите што е пренесен во врска со овој настан пишува дека Ма’мун го прашал Имамот Рида, а.с.:
’’Кој е вашиот доказ за вилајетот на Али ибн Ебу Талиб?’’
Имамот Рида, а.с., му одговорил:
’’Изразот, нашите души (енфусина) во ајетот мубахела. Под, нашите души, се мисли на Али ибн Ебу Талиб кој е на ниво на душата на Пратеникот и како резултат на тоа тој ќе биде именуваниот наследник на Пратеникот.’’
На тоа Ма’мун му рекол: ’’Тоа би било така ако не би постоел изразот, нашите жени, што е доказ за тоа дека под изразот нашите души не се мисли општо на душата и ставање на нивото на душата, туку исклучиво на мажите, затоа што ајетот вели: жените наши и жените ваши. Заради тоа изразот енфусена (нашите души) се однесува исклучиво на мажите.’’
Имамот Рида, а.с., му одговорил: ’’Тоа би било така кога не би постоел изразот, синовите наши, т.е. ако тоа не се наведува во ајетот и ако постојат само тие два збора: жените наши и душите наши; тогаш изразот, душите наши, би можел да се однесува само на мажите. Меѓутоа, бидејќи постои изразот, синовите наши, изразот, жените наши, стои наспроти, синовите наши. Според тоа, ебнаена значи синовите наши, нисаена значи ќерките наши, а енфусена значи душите наши.’’
Секако, доказ за тврдењето дека Заповедникот на верниците, а.с., е на нивото на душата на Пратеникот, с.а.в.а., не се наоѓа само во ајетот мубахела, туку тоа може да се заклучи и од други преданија, дури и од некои ајети, помагајќи се со хутбата на Имамот Али, а.с., која се вика Касе’е.