Дефиниција за иманот
Еден од клучните верски поими е поимот што е многу раширен, а истовремено и многу осамен. Тој поим се вика иман. Тој е темел на сите вредности во Чесниот Кур’ан. Неспознат од таа причина што досега никој не можел да дефинира и објасни какво е тоа внатрешно чувство и каков вид спознание и љубов се крие во него. Ние своите чувства што ги имаме на овој свет ги познаваме според различните нешта. На пример знаеме каков е односот на таткото и синот, сестрата и братот, мажот и жената… Дури ги познаваме и склоностите кон материјалните работи како е желбата кон имотот, или некои нематеријални, како што е желбата за вечност… Овие ни се познати врски. Меѓутоа, иманот е врска и однос на робот, односно човекот кон нешто што е невидливо, односно кон Господарот. Ако таа релација сакаме да ја споредиме со нешто, нема да можеме да ја споредиме со ништо. Самата дефиниција на иманот е многу тешка. Меѓу човекот и Бога постои единствена релација која не може да се искаже со зборови. Исто како што за Бога не може да се најде пример (ајетот: ништо не е како Него) и за релацијата и односот со Бога не може да се најде пример. Можеме да зборуваме само за траги или плодови на таа релација. На пример, во Кур’анот се вели:
Оние кои веруваат имаат силна љубов кон Аллах.
Овде не е дефиниран иманот, но спомнати се трагите и плодовите на иманот, а тоа е најјаката љубов која постои. Значи, иманот е нешто што го има тоа својство и таа способност да произведат најјака љубов. Но и натаму останува прашањето што е самиот иман. Замрсеноста во дефинирањето на тој поим станува уште поголема кога ќе сфатиме дека тој поим има нивоа. Можно е ние во себе да чувствуваме минимално ниво на иманот. Меѓу 256 ајети кои говорат во врска со иманот, само 13 пати се наредува верување, односно иман. Тоа е многу малку. Ние имаме многу малку препораки да се верува, а многу повеќе описи на верувањето (иманот) и на верникот (мумин). Можеби причината е што иманот е фитретско прашање. Не треба да инсистираме на тоа некој да стане верник, затоа што тоа не е воопшто тешко да се стане. Лесно е. Воопшто не се полемизира околу верувањето, односно иманот. Се полемизира околу работите кои го зголемуваат верувањето и кои се закануваат да го уништат. Се полемизира околу окористувањето со иманот. Затоа многу малку се наредува верување, сѐ на сѐ 13 пати. Од тие 13 пати 6 пати се однесува на верниците. Во другите случаи повеќе се однесува на Ехли китабиите (следбеници на книгата) и ним им се наредува да веруваат. Значи, тие не се целосни мушрици. Како да се сака да им се каже: вие веќе имате иман, потполнете го.