Дали е поважна верата во Бога или во Божјиот пријател?
Иако во Чесниот Кур’ан многу се користи изразот верување (иман), гледаме дека многу ретко на луѓето им се наредува да веруваат во Бога. Зошто? Затоа што во принцип според својот фитрет луѓето за тоа се длабоко свесни. Да се поверува во Бога и не е нешто посебно тешко. Оттука гледаме дека шејтанот имал вера во Бога, но проблемот настанал по прашањето за Адем,а.с. И другите џинови и луѓе се такви. Чесниот Кур’ан вели дека ако би ги прашал кој е вашиот создател, сигурно би рекле: Аллах!
Луѓето тешко наидуваат на проблем со Господарот. Проблемите почнуваат од пратеникот па натаму, односно со ополномоштениците на пратеникот. Противниците и непријателите на Божјиот Пратеник,с.а.в.а., и на другите Пратеници,а.с., обично немале ’’приговор на Бога’’ и не се конфронтирале со Него. Не говореле против Бога туку против Божјиот Пратеник,с.а.в.а., односно Божјиот пријател! Ова е еден многу интересен факт. Во Чесниот Кур’ан обично никој не го негира Бога. Дури и мушриците, како што кажуваат ајетите, своите кипови ги земале за посредници кај Господарот.
Според тоа, верувањето во Господарот не дека не е нешто вредно, туку не е некое големо умеење. Верувањето во Господарот не е помалку вредно во однос на останатите аспекти на верата, туку не е извесно колку човекот е искрен во тоа. Оттука верувањето во доблестите на Божјите пријатели има поголема вредност. Верувањето во Божјите пријатели е составен дел од верувањето во Бога. Јасно е дека верувањето во доблестите на Божјите пријатели е само еден огранок на верувањето во Бога.
Боже, запознај ме со Тебе, затоа што ако не ме запознаеш со Себе, нема да го спознаам Твојот Пратеник,… (фрагмент од една дова).
Јасно е дека основата е верувањето во Бога, но колку луѓето имаат правилен став во тоа тврдење? Колку се искрени? Кога некој вели дека поверувал во Бога, тоа свое тврдење треба да го преиспита. Можно е таа личност да го скрила своето неверство. Можеби и на самата личност да и е скриено. Воопшто да не мисли дека тоа прашање е толку важно. Затоа, мерилото за исправност на верувањето во Бога е верувањето во Божјиот пријател, а не самото верување во Бога. Верувањето во Бога е основа, темел и начело кое е скриено зад верувањето во Божјите пријатели. Иако ова второто (верувањето во Божјиот пријател) е огранок, сепак, тоа е мерило и показател на вистиноста и искреноста на она првото (верувањето во Бога). Со оглед на тоа дека тоа е показател на длабочината на верувањето во Бога, можеме да кажеме дека тоа е основа, темел и главно начело и тоа многу важно начело. Затоа, личностите кои имаат вистинско верување во Бога многу лесно искажуваат верување во Божјите пријатели. И обратното вреди. Многумина мислат дека имаат вера во Бога, но кога ќе бидат искушани (тестирани) така што ќе треба да поверуваат во доблестите на Божјиот пријател, се испоставува дека немаат вера. Верата во Бога има некои олеснувања за разлика од верата во Божјите пријатели.
Првото олеснување е тоа што верата во Бога има фитретска потпора и позадина. Второто е тоа што е општоприфатена. Луѓето без проблем ја прифаќаат. А третото олеснување е тоа што Бог не е отелотворен и видлив за да во нас може да предизвика нешто што на површина би го извело нашето скриено неверство. Не нѝ е пред очи. Поточно, Тој ги испраќа Своите пријатели пред нашите очи. Оној момент кога ние се спротивставуваме на Божјите наредби и забрани е моментот кога се соочуваме со Неговиот пријател кој ја спроведува Неговата наредба. Ние тука запаѓаме во проблеми. До тогаш човекот мислел дека било лесно да се верува во Бога, но тогаш сфаќа дека тоа што го имал воопшто не било вера.
Прашањето за верата во Божјите пријатели е многу почувствително од прашањето на верата во Бога. Возвишениот Господар во Кур’анот десетина пати наредил да веруваме во Него, а за самото верување говори повеќе од 500 пати! Во тие случаи кога наредува верување обично се обраќа на верниците, а не на неверниците. Со тоа сака да каже дека нивното верување не е целосно и дека треба да го потполнат.
Еј вие кои верувате, верувајте!
Во сите други случаи кога говори за верувањето обично го опишува иманот (верувањето) или ги опишува верниците или дава препораки на верниците. Многу е интересно што на две места вели: верувајте во Бога, верувајте во Пратеникот и во светлото кое со него го спуштивме.
Во тефсирот таа светлина се толкува дека е Имам Али,а.с.
Во Чесниот Кур’ан на луѓето многу ретко им се наредува верување на воопштен начин. Во принцип таа наредба се однесува или на оние кои вистински веруваат или на оние кои тврдат дека веруваат. Како да сака да каже: ти што си поверувал, на тоа поле имаш уште работа. Своето верување треба да го потполниш со верата во Пратеникот,с.а.в.а., со верата во Али,а.с.! Тоа е многу важно прашање. Моментално ние не сме во можност себе си да се ставиме пред Пратеникот,с.а.в.а., и Имамот Али,а.с., па да го испитаме своето верување. Кога човек ќе се постави во таа позиција целата работа станува поинаква. Зошто некои ќе се ’’завртат’ после појавата на Имам Мехди,а.с.? Денес го очекуваат, но кога ќе дојде ќе му го завртат грбот! Зошто? Затоа што додека бил скриен било лесно да се верува во него. Кога ќе се појави настанува проблемот. Евреите во Мекка говореле: кога ќе дојде последниот Божји Пратеник ние ќе поверуваме во него. Кога се појавил, кога се соочиле со него, му станале први непријатели! Нималку не е лесно да се поверува во Божјиот пријател после соочувањето со него. Секако, соочувањето со Божјиот пријател за добрите робови станува причина за зајакнување на уверувањето. Се вљубуваат во него. Верувањето во Божјите пријатели е прашање кое го надминува прашањето на љубовта. Тоа е далеку над тоа да се запознаеме со неговиот живот и да стекнеме увид во неговото ниво на знаење. Еден човек прашал некого што тој мисли за Имамот Садик,а.с., а овој одговорил: Навистина беше учен човек! Тој толку сфаќа! Имамот е Божји велијј, Божји пријател.
Да се поверува во таков човек е далеку над тоа да се сака таков човек. Се разбира дека љубовта допринесува за верувањето. Но тоа не се исти работи. Да се верува во Али,а.с., значи да се биде убеден во неговата посебна врска со невидливиот свет, да се биде убеден дека Господарот него го одредил да биде тоа што е, заштитник на верниците.
Верувањето во Божјиот пријател е почувствително од верувањето во самиот Бог. Да се поверува дека тој е Божји пријател значи да се поверува дека тој ги поседува сите доблести, а тоа нималку не е едноставно. Низ историјата сме виделе дека оние луѓе кои тврделе дека веруваат, во моментите на соочување со Имамот Али,а.с., го покажале своето неверство. Ист е и случајот со Имам Мехди,а.с. Многумина сега тврдат дека веруваат, но кога ќе се соочат со него, на површина ќе исплива нивното неверство. Не бил мал бројот на луѓето кои на тој испит паднале.
Сфативме дека е многу тешко соочувањето со Божјиот пријател. Ќе кажам нешто уште потешко. Имам Али,а.с., бил на овој свет и преселил на Ахирет. Останало неговото име, неговите зборови, останале спомени и сеќавања на него. Тешко е во човек да се разбуди арогантност и љубомора кон него после толку години, но, гледаме дека некои ниту денес не можат да поднесат да се спомнуваат неговите доблести! Ниту днес не можат да го прифатат! Арогантноста на ваквите луѓе е поголема од арогантноста на тие што го виделе па не можеле да го прифатат и поднесат. Оние што го гледале можеле да помислат: зошто тој би бил толку подобар од мене, а на иста возраст сме? Донекаде тоа е и природно. Но не е природно и после повеќе од илјада години да се убие човек само за да докаже дека Имамот,а.с., немал знаење од скриениот свет, дека немал светост! Па тоа му го признавале и неговите непријатели. Зошто ти тоа му го порекнуваш? Некои толку многу се трудат да докажат дека Имамот,а.с., не бил безгрешен. Што е тоа што толку ги вознемирува? Што тие ќе изгубат ако безгрешноста на Имамот,а.с., остане на своето место? Ние немаме некој музеј што би покажувал некои нечисти и искварени личности како на пример Шимр. Евентуалниот таков музеј би бил корисен луѓето да одат и да ја искажат својата омраза, да земат поука…
Позанимливо од тој непостоечки музеј е ова што ние имаме прилика да го видиме, а тоа е односот кон Божјите пријатели и нетрпеливоста кон нив иако не се тука меѓу нас за некому да му пречат!