Мубахела со неџранските христијани (писмото на Пратеникот)
Каде се наоѓа Неџран
Неџран е јеменски град на границата со Хиџаз во северните планински делови на Јемен, оддалечен десет конаци од Сан’а. Таа територија му припаѓала на племето Хамдан. Велат дека Неџран бил голем град што го сочинувале 73 села. Ухуд што се спомнува во Кур’анот, е едно од селата на Неџран.
Писмото на Пратеникот, с.а.в.а. испратено на жителите на Неџран
После ослободувањето на Мекка и воспоставувањето исламска власт, Пратеникот, с.а.в.а., на Неџранците им испраќа писмо со кое ги повикува во ислам. Во писмото најпрвин ги повикува да станат муслимани, а ако тоа не го сакаат, тогаш да ја прифатат муслиманската заштита и да плаќаат џизја (вид данок). Во спротивно, нека се подготват за војна.
Писмото стигнало во рацете на бискупот по име Ебу Харисе ибн Алкаме. Кога го прочитал писмото, се вознемирил и се стресол. Потоа испратил еден човек по еден човек од градот кој се викал Шурехбил ибн Веда’а, да му го даде писмото од Пратеникот, с.а.в.а., да го прочита. После тоа, бискупот го прашал за мислење, а Шурехбил му рекол: ’’Добро знаеш дека Бог на Ибрахим му ветил дека меѓу потомците на Исмаил ќе одбере Пратеник. Тогаш зошто овој човек не би можел да биде токму тој Пратеник кого Бог го ветил? Секако, јас не сум стручњак за препознавање на Пратеник и во врска со тоа немам свој став. Но, ако твојот проблем е овосветски, ќе ти помогнам со сите свои сили.’’
Откако го слушнал неговото мислење, бискупот почнал да им се обраќа на Неџранците поединечно барајќи да ги слушне нивните мислења. И тие му го рекле тоа што му го рекол и Шурехбил. На крај, договорт бил да го испратат Шурехбил ибн Веда, Абдуллах ибн Шурехбил и Џабир ибн Фејд кај Пратеникот за да се информираат во врска со него и да се вратат со сознанијата.
На пат тргнува група од 60 луѓе. Од нив, 14 биле благородници и одбрани жители на Неџран. Тројца од нив биле управници на кои христијаните им се обраќале кога имале некакви потреби и проблеми. Еден од нив бил Акиб, а го викале Абду-л-Месих. Бил поглавар на своето племе кое никогаш не се спротивставувало на неговото мислење. Вториот бил Сејид, а го викале Ејхам. Тој бил одговорен за протоколот и распоредот на патувањето. Уживал доверба кај христијаните. Третиот бил Ебу Харисе, учен и влијателен човек. Изградени биле неколку места за молитви кои го носеле неговото име. Тој ги чувал сите христијански верски книги. Оваа група од 60 луѓе во Медина влегла на себе носејќи ја облеката на племето Бени К’аб. Веднаш се упатила кон џамијата на Пратеникот, с.а.в.а. Во тој момент Пратеникот, с.а.в.а., со верниците клањал икиндија намаз. Облеката на христијанските претставници била толку многу убава и украсена, што еден од асхабите на Пратеникот, с.а.в.а., рекол дека никогаш не видел така убаво облечени претставници. Кога стигнале во џамијата, настапило времето за нивната молитва. Според обичајот тоа го објавиле со звонче, се завртеле кон исток и започнале со молитвата. Неколку асхаби сакале да ги спречат, но Пратеникот, с.а.в.а., им рекол да ги остават на мир. После молитвата Акиб и Сејјид му пришле на Пратеникот, с.а.в.а., и со него започнале разговор.
– Во што ги повикуваш луѓето?
– Да посведочат дека нема бог освен Аллах и да го признаат поето пратеништво. И дека Иса, а.с., е роб и створение, дека пиел и јадел. Дека имал свои физиолошки потреби.
– Па кој му бил татко?
– А што е со Адем, а.с.? Зарем тој не бил Божји роб и створение? Зарем не јадел и не пиел? Зарем немал физиолошки потреби? Зарем не се женел?
– Да.
– А кој му бил татко?
– Останале без одговор.
Тогаш Пратеникот, с.а.в.а., им предложил: ’’Станете муслимани, покорете му се на Бога.’’ Акиб и Сејјид му одговориле: ’’Ние и пред тебе го прифативме исламот и му се покоривме на Бога.’’ Тогаш Пратеникот, с.а.в.а., им рекол: ’’Како може да мислите дека сте на Вистина, а делата ви сведочат дека не сте му покорни на Бога? Верувате дека Бог има дете. Иса го сметате за син Божји. Го почитувате и обожавате крстот. Јадете свинско месо. Сето тоа е во спротивност со вистинската вера!’’
Тие пак почнале да ги изнесуваат истите аргументи.
– Ако Иса не е Божји син, па тогаш кој му бил татко?
– Дали се согласувате дека секој син личи на својот татко?
– Да, се согласуваме.
– Дали тоа важи и за Иса?
– Не.
– Знаете ли дека на небесата и на земјата на Бога ништо скриено не му е, дека Тој се знае?
– Знаеме.
– Дали Иса знаел нешто повеќе од тоа што Бог го поучил?
– Не.
– Знаете ли дека нашиот Бог е Оној Кој во мајчината утроба го обликувал Месих така како што Тој сакал?
– Токму така.
– Зарем мајката не го носела Месих во утробата како другите деца и потоа исто како другите мајки го донела на овој свет? И Иса како другите деца после раѓањето јадел храна?
– Да, така било.
– Па тогаш како е Иса син Божји, а нема никаква сличност со Него?!
Тогаш настанала тишина.
Во тој момент, објавени се првите осумдесет и неколку ајети од сурето Али Имран, заради објаснување на исламското спознание и програм.
Бидејќи Неџранците и натаму не сакале да се откажат од идејата дека Иса е син Божји само затоа што немал татко, најпосле Пратеникот, с.а.в.а., им рекол: ’’Ајде заедно од Бога да бараме да ги казни оние кои не ја говорат вистината. Ако јас сум во право, на вас ќе се спушти Божјо проклетство, а ако вие сте во право, ќе се спушти на мене.’’
Одговориле: ’’Тоа е чесно од тебе.’’
Потоа се договориле кога ќе се случи мубахела/заедничкото проколнување.
Кога се вратиле во своето сместувалиште, нивните првенци, чиј предводник бил Ебу Харисе, рекле: ’’Ако утре дојде со своите пријатели, ќе правиме мубахела. А ако го донесе своето семејство и блискиот род, ја зборува вистината.’’
Утредента, христијаните дошле на договореното место. Виделе дека Пратеникот, с.а.в.а., дошол со Али, а.с., Фатима, с.а., Хасан, а.с., и Хусејн, а.с.
Го прашале кои се тие.
Одговорот бил: ’’Братучедот и зет Али ибн Еби Талиб, ќерката Фатима и двајцата синови од ќерката, Хасан и Хусејн.’’
Кога ова го слушнале христијаните се уплашиле. Повикале: ’’Ослободи не од проколнувањето, не сакаме мубахела!’’
Тогаш Пратеникот, с.а.в.а., со нив договорил џизја (вид данок за заштита на немуслиманското население кое живее во исламска држава).
Во едно предание се вели: ’’Кога Пратеникот, с.а.в.а., стигнал на договореното место, ги спуштил колената на земја и се подготвил за мубахела. Бискупот коментирал: ’Седна на колена за мубахела како пратеник.’ Откако бискупот се вратил, Сејјид му рекол: ’Оди и проколнувај…’ Бискупот му одговорил: ’Навистина гледам такви лица кои ако Бога Го замолат да го уништи ридот, Бог и ќе го уништи. Немој да се впуштате во мубахела, ќе бидете уништени!’’’
Пратеникот, с.а.в.а., рекол: ’’Се колнам во Бога во чија рака е мојата душа, ако беше го прифатиле проколнувањето. ќе беа претворени во мајмуни и свињи. И оваа долина за нив ќе беше исполнета со огон и не би поминала ни година, а сите тие би биле уништени.’’
Бидејќи се откажале од мубахелата, го прифатиле плаќањето на џизјата и да бидат под заштита на исламот. Висината на џизјата што била договорена изнесувала 2000 парчиња облека, а со секое парче по 40 бакарни дирхеми. Исто така требало да дадат и по 30 копја, 30 позајмени оклопи и 30 коњи во случај на војна. Доколку нешто од позајменото биде уништено, оние кои тоа го користеле се гаранти дека ќе ги обесштетат Неџранците.
Имало и други точки во содржината на оваа спогодба во кои Пратеникот, с.а.в.а., ги спомнал потребните правила. Содржината на овој договор за џизјата ја напишал Али ибн Еби Талиб, а.с., а потписници биле Амр ибн Ас и Мугире ибн Шу’бе.
Договорено било илјада парчиња облека да дадат во месецот Сафер, а другите илјада во месецот Реџеб.
На овој начин завршил случајот Неџран.
Извори:
Сејјид Џафер Муртеда Амули, Ес-Сахих мин сирети ен-небијј ел-е’азам
Сејјид Мухаммед Хусејн Табатабаи, Ел-Мизан фи тефсири-л-Кур’ан
Макарем Ширази, Тефсир Немуне
Сејјид Али Екбер Карши, Аз хиџрет та рихлет