Согледување на муџизата во мубахела
Случајот мубахела на Пратеникот,с.а.в.а., со неџранските христијани, спомнат во ајетот бр.61 во сурата Али Имран, ни дава до знаење дека Пратеникот,с.а.в.а., бил подготвен со поглаварите од Неџран да искаже клетва против онаа страна што не ја зборува вистината за да се докаже вистинитоста на својата вера, дефинитивно ветувајќи дека, ако дојдат на мубахела (проколнување, повикување на проклетство, казна), Божјиот гнев ќе се спушти на оние кои не се во право.
Не само што бил подготвен на мубахела со христијаните од Неџран, туку неговиот повик на мубахела бил и од општ карактер – Бог му наредил да каже: А на оние кои со тебе ќе се расправаат за него, откако за тоа јасна вистина ти стигна, ти речи: ’’Дојдете, ќе ги повикаме нашите синови и вашите синови, нашите жени и вашите жени, а ќе дојдеме и ние, па понизно ќе се помолиме и ќе побараме Аллахово проклетство на оние кои говорат невистина!’’
فَمَنْ حَاجَّكَ فِيهِ مِن بَعْدِ مَا جَاءَكَ مِنَ الْعِلْمِ فَقُلْ تَعَالَوْا نَدْعُ أَبْنَاءَنَا وَأَبْنَاءَكُمْ وَنِسَاءَنَا وَنِسَاءَكُمْ وَأَنفُسَنَا وَأَنفُسَكُمْ ثُمَّ نَبْتَهِلْ فَنَجْعَل لَّعْنَتَ اللَّـهِ عَلَى الْكَاذِبِينَ
Јасно е дека повикот на мубахела не подразбира искупување, меѓусебно повикување на проклетство, па секој да си замине на своја страна. Не, затоа што од такво нешто не би имало никаква корист. Мубахелата подразбира моментално остварување на проклетството. Значи дека тие кои не ја говорат вистината, ќе бидат навистина на очиглед на сите казнети, па на сите ќе им биде јасно кој ја зборува вистината, а кој не.
Со други зборови и покрај тоа што во овој ајет ништо не е речено за казната која ќе следи после мубахелата, затоа што станува збор за последниот потег, откако логиката и аргументите не биле ефективни, ни се дава до знаење дека резултатот од ова меѓусебно проколнување ќе биде очигледен и моментален и дека во прашање не е само вербално повикување на проклетство.
Повикот на мубахела е јасен доказ на вистиноста на Пратеникот,с.а.в.а.
Во тематскиот ајет, Аллах,џ.ш., на Својот Пратеник,с.а.в.а., му наредува, откако изнесол јасни докази во врска со Иса,а.с., на секој нареден кој во врска со тоа со него ќе почне да се расправа, да му предложи мубахела: со себе нека ги поведе своите синови и жени, а и тој да ги поведе своите синови и жени, да прават дова на Аллах,џ.ш., да ги засрами измамниците.
Мубахелата во ваква форма кај Арапите дотогаш можеби била преседан во начините за докажување дека повиците и верата на Пратеникот,с.а.в.а., се сто посто вистинити.
Како некој кој не верува во целосна смисла на зборот во врска со својот Господар би можел да прифати таков предизвик? Значи, да се повикаат своите опоненти заедно да застанат пред Бога и од Него да бараат да ги засрами оние кои не ја говорат вистината, затоа што последиците ќе бидат јавни па сите ќе можат да видат како Бог ги казнува измамниците. Нема дилема дека прифаќањето на овој предизвик претставувало голема опасност, затоа што ако довата не би делувала на противниците веднаш, тоа би претставувало целосна срамота. Невозможно е здрав и разумен човек кој не е целосно уверен во резултатот на таквиот потфат да преземе било какви мерки во таа насока!
Затоа се вели дека повикот на мубахела на Пратеникот,с.а.в.а., е еден показател на вистинитоста на неговиот повик и непоколебливата вера, без оглед на тоа што би се случило како резултат на мубахелата.
Христијаните од Неџран отпрвин биле подготвени на мубахела. но кога го виделе ставот на Пратеникот,с.а.в.а., и неговото однесување на лице место, се поколебале, затоа што сфатиле дека тие ќе бидат тие кои ќе ги стигне неизбежната Божја казна и проклетство.
Тие не биле единствените кои не биле подготвени – на овој општ повик на мубахела, сѐ додека Пратеникот,с.а.в.а., бил жив, никој не се одзвал.
Точно е дека оваа муџиза на Пратеникот,с.а.в.а., не се обелоденила заради тоа што христијаните се откажале, меѓутоа, самата подготвеност на Пратеникот,с.а.в.а., на мубахела е непобитен доказ за тие кои говорат дека Пратеникот,с.а.в.а., не тврдел дека има било каква муџиза и дека кога некој од него барал да покаже некоја муџиза, тој тоа го избегнувал, велејќи дека неговата задача е само да опомнува и да донесува добри вести.
Извори:
Џафер Субхани, Меншуре Џавид, 7/217.
Макарем Ширази, Тефсир Немуне, 2/581.