Имам Мехди,а.с., и тајната на скриеноста
Преданија
Преданијата кои од Пратеникот,с.а.в.а., ги пренесуваат и шиитите и сунитите во врска со Мехди,а.с., го преминуваат степенот мутеватир. Преданијата што ги пренесуваат само сунитите, во склад со оценката на еден дел од сунитските алими, постигнуваат степен мутеватир.[1]Една група сунитски научници верувањето во Мехди,а.с., го смета за заедничко верување на сите мезхеби.[2] Некои од нив пишуваат книги за Мехди,а.с., и за предзнаците на неговото доаѓање.[3] Еве неколку примери на сунитски кажувања (преданија). Меѓу другото, се пренесуваат голем број хадиси во кои Пратеникот,с.а.в.а., рекол: ’’Кога на Овој свет би му останал само уште еден ден, Возвишениот Бог тој ден би го направил толку долг да човекот од Ехли-бејтот кој го носи моето име стигне на власт (и да ја исполни Земјата со правда, како што пред тоа била исполнета со неправда).’’[4] Од Умму Селеме се пренесува дека Пратеникот,с.а.в.а., рекол: ’’Мехди е мој потомок и е од децата на Фатима.’’[5] Од Ибн Аббас се пренесува дека Пратеникот,с.а.в.а., рекол: ’’Али е Имам на умметот после мене, а од него ќе потекне и очекуваниот Каим, кој кога ќе се појави Земјата ќе ја исполни со правда, како што била исполнета со неправда.’’[6]
Скриеност и тајната на скриеноста
Една од одликите на дванаесеттиот Имам која е нагласена во преданијата на Ехли бејтот е скриеноста. Меѓу другото, Абдулазим Хасани пренесува од Имамот Мухаммед Теки,а.с., а тој од својот татко и од Заповедникот на правоверните,а.с., дека рекол: ’’Нашиот Каим ќе има долготрајна скриеност. Како да ги гледам шиитите како гладно стадо кое бара пасиште одат во потрага по него, но не го наоѓаат. Да знаете дека секој од нив кој што ќе остане силен во верувањето и чие срце нема да стане закоравено после долготрајната скриеност на својот Имам, на судниот ден ќе биде на ист степен со мене.’’ Потоа рекол: ’’Кога нашиот Каим ќе стане, нема да биде под терет на ничија заклетва (ниеден насилен владетел нема да има власт над него), токму затоа е скришно роден и е скриен од погледите на луѓето.’’[7] Имам Сеџџад,а.с., го пренесува од својот татко,а.с., а тој од Заповедникот на правоверните,а.с., следното предание: ’’Нашиот Каим има две скриености, едната е подолга од другата. Само оние кои имаат силно уверување и исправно спознание ќе останат цврсто при неговиот Имамет.’’[8]
За да ни стане јасна тајната на скриеноста, потребно е да упатиме поглед во судбината на чистите Имами.
Како што знаеме, после Пратеникот,с.а.в.а., мнозинството луѓе дале заклетва (признавање) на Ебу Бекр, потоа на Омер, па на Осман. После калифатот на третиот калиф луѓето му даваат заклетва на Али,а.с. Тој, кој бил калиф поставен од Бог и Пратеникот,с.а.в.а., за време на власта на тројцата претходни калифи, за да ги зачува интересите на штотуку заснованото исламско општество, се повлекол и говорел само тогаш кога требало над луѓето да се потполни доказ, но во исто време не се штедел за ништо што било во корист на исламот и муслиманите. Меѓутоа, периодот од неколку години на неговото раководење поминал во вооружени конфликти со оние кои се собрале околу Деве (камилата, Битката околу Деве), со Муавија и хариџиите, за да на крај достигне степен на шехадет убиен од раката на еден хариџија. Имамот Хасан Муџтеба,а.с., исто така бил отруен по наредба на Муавија. После смртта на Маувија неговиот син Језид, кој дури ниту формата на исламот не ја почитувал, седнува на владетелската столица на Емевиите. На тој начин се случил таков пад што од исламот не останала ниту трага. После ваквата состојба, Имамот Хусејн,а.с., немал излез освен да се побуни и со шехадет до одредена мерка да ги освести и разбуди муслиманите и на тој начин да го спаси исламот од исчезнување. Меѓутоа, не се остварени услови за воспоставување праведна исламска власт. Заради тоа другите чисти Имами се занимавале со зајакнување на темелите на верувањето и со ширење на науките и прописите на исламот, како и со воспитување на надарените поединци, давајќи им надеж дека ќе се оствари праведната Божја власт. На крај, еден по еден постанале шехиди. Во секој случај, чистите Имами во перидот од два и пол века, издржувајќи големи тешкотии и неподносливи притисоци, успеале да ги објаснат вистините на исламот. Еден дел јавно, а другиот поединечно, на своите следбеници и на своите посебни пријатели. На тој начин исламските учења во разни димензии биле проширени во општеството така што опстанокот на Пратениковиот,с.а.в.а., шеријат бил загарантиран. Покрај сето тоа, на разни места во исламските држави основани се групи кои се бореле против неправедните владетели, па на тој начин – ако ништо друго – до одредена граница успеале да застанат на патот на нивното насилство и своеглавост. Меѓутоа, тоа што на насилниците им создавало голема грижа е веста за појавата на Мехди,а.с., што било непосредна закана за нивната егзистенција. Затоа современиците на Имамот Хасан Аскери,а.с., одлучно го следат секое негово движење, за во случај да му се роди син, на време да биде убиен. Сепак, Божјата воља сакала нешто друго: Имамот Мехди,а.с., да се роди за да го спаси човечкото општество и заради тоа да биде спасен и зачуван. Токму од таа причина, за време на животот на неговиот татко,а.с., до неговата петта година, само ограничен број посебни пријатели имале контакт со него, а после смртта на неговиот татко,а.с., тој со луѓето имал врска со посредство на 4 луѓе, кои еден после друг станувале негови посебни застапници.[9] После тоа почнува големата скриеност, чие траење не е познато, а ќе трае сѐ додека општеството не биде подготвено да ја прифати Божјата светска власт, кога тој, со Божјо одредување, ќе се појави. Од кажаното заклучуваме дека тајната на неговата скриеност се согледува во околностите дека бил заштитен од злото на насилните луѓе. Во некои преданија се укажува и на други мудрости и причини во врска со скриеноста, па меѓу другото се спомнува и испитот за луѓето, да се види колку луѓето ќе останат постојани и силни после потполнување на доказот. Секако, во време на скриеноста луѓето не се ускратени од неговото добро, туку, како што тоа се вели во преданијата, тој моментално е како сонце што се наоѓа зад облаците,[10] со чија светлина луѓето и натаму се служат, како што безброј поединци, и покрај тоа што не го познаваат, дошле во допир со него, па им се решени материјалните и духовните тешкотии и на тој начин виделе корист од него. Неговиот живот е важен чинител што буди надеж и оптимизам кај луѓето па им помага да се поправат и подготват за неговото доаѓање.
[1] Да се погледне: Сава’ик Ибн Хаџер, стр. 99; Навару-л-ебсар Шебленџи, стр. 155, Ис’афу-р-рагибин, стр. 140; Ел-Футухату-л-исламије, том 2, стр. 311.
[2] Шархе Ибн Еби Ел-Хадид бар Нехџу-л-белага, том 2, стр. 535; Сабаику-з-зехеб од Сувејди, стр. 78; Гајету-л-ме’мул, том 5, стр. 362.
[3] Како книгата Ел-Бејан фи ахбари сахиби-з-земан, од Хафиз Мухаммед ибн Јусуф Ганџи Шафи, кој живеел во 7 век, па книгата Ел-Бурхан фи ’аламати Мехди ахири-з-земан, од Муттеки Хинди, кој живеел во 10 век.
[4] Сахих Тирмизи, том 2, стр. 46; Сахих Ебу Давуд, том 2, стр. 207; Муснед Ибн Ханбел, том 1, стр. 378; Јенаби’у-л-меведдех, стр. 186,258,440,488,490.
[5] Ис’афу-р-рагибин, стр. 134, пренесено од Сахих Муслим; а бележат и Ебу Давуд, Несаи, Ибн Маџџе и Бејхеки.
[6] Јенаби’у-л-меведдех, стр. 494.
[7] Мунтехабу-л-есер, стр. 255.
[8] Исто.
[9] Тоа биле: Осман ибн Саид, Мухаммед ибн Осман ибн Саид, Хусејн ибн Рух и Али ибн Мухаммед Самари.
[10] Бихару-л-енвар, том 2, стр. 92.